Достапни линкови

Истечениот рок на СЈО не ги амнестира екс функционерите


Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство.
Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство.

Истекот на рокот од 18 месеци на СЈО за покренување обвинениија не значи дека ќе бидат амнестирани сторителите на кривичните дела, туку само продолжување на работата на ова Обвинителство во малку поинаков формат, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. За првите 34 предмети кои СЈО ги презеде од Основното јавно обвинителство рокот истече на 4 јуни, додека за останатите предмети истекува кон крајот на месецов.

Повреда на избирачко право, повреда на тајност на гласање, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, неовластено прислушување и тонско снимање, изборна измама и уништување на изборен материјал, се дел од кривичните дела со кои Специјалното јавно обвинителство ја стартуваше својата работа. За дел од нив на 4 јуни истече рокот од 18 месеци за поднесување на обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека истекот на рокот не значи амнестија за сторителите на кривични дела, односно СЈО го губи само правото да поднесе обвинителен акт до Основниот суд. Тој објаснува дека и по истекот на рокот СЈО ќе продолжи со водење на истражните и предистражните постапки, по што ќе ги доставува предметите до Основното јавно обвинителство кое ќе биде должно да постапи по нив.

„Редовното јавно Обвинителство ќе треба да ја преземе фазата на подесување на обвиненија, бидејќи станува збор за орган кој има исти надлежности, само стварната надлежност е друга. Тој не може да постапува во предистражни истражни постапки по кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните материјали“ , вели Трпеновски.

Според него, СЈО не губи голем дел од своите надлежности, односно ќе може да истражува, да бара од Судот одредување на мерки притвор, куќен притвор или претпазливост, а има право и да поднесува барања за обезбедување на докази.

Трпеновски додава дека тука се поставува и прашањето за подготвеноста на Основното јавно обвинителство за капацитетот и волјата да ги прифати предметите и да постапува по нив.

„Редовното јавно Обвинителство нема избор. Мора да ги прифати предметите кои ќе ги достави СЈО и по нив да постапува исто како и по предметите кои се во нивна надлежност. Меѓутоа, каква е состојбата во ОЈО, очекувам и натаму да има некакви опструкции, за работата на СЈО се додека не се извршат персонални измени во државното обвинителство, а кога велам персонални измени мислам на првиот човек на државното обвинителство“, вели Трпеновски.

Станува збор за истекување на рокот за првите 34 предмети кои Специјалното јавно обвинителство ги презеде од скопското, битолското и кумановското обвинителство. Овие предмети произлегоа од кривичните пријави кои СДСМ ги поднесе во текот на 2015 година кога беа објавувани таканаречените бомби, но во нив недостасуваа материјалите односно прислушуваните разговори кои беа објавувани. Меѓу нив беше и предметот Пуч во кој обвинет беше и сегашниот премиер, тогашен лидер на опозицијата Зоран Заев. Но, неодамна СЈО го повлече обвинението за овој предмет затоа што, како што рекоа, е контрадикторно со доказите со кои располага нивниот тим на обвинители.

Во однос на другите предмети кои произлегуваат од прислушуваните разговори, кои СДСМ ги достави до СЈО во декември 2016 година, рокот од 18 месеци за подигнување на обвинение истекува кон крајот на овој месец. Според последниот шестмесечен извештај на СЈО, 68 предмети беа во фаза на предистражна постапка. Тие се однесуваа на незаконско следење на комуникации, незаконско финансирање на медиуми, злоупотреба на пари за изборна кампања, даночно затајување, перење пари, злоупотреба на тендери и службена должност на функционери.

Во текот на овој месец Специјалното јавно обвинителство може да покрене обвиненија за завршени истраги кои се однесуваат на предмети кои произлегуваат од таканаречените бомби. Потоа во рокот што преостанува, односно во три и пол години СЈО ќе си продолжи со работа, односно со предистражни и истражни постапки по преостанатите прислушувани разговори кои не се обработени до сега, но фазата покренување на обвинение ќе треба да ја предаде на Основното јавно обвинителство, вели Трпеновски. Тој додава дека е неопходно овие две обвинителства да создадат квалитетен партнерски однос за да може да ги доведат до лицето на правдата сторителите на кривични дела кои се опфатени со незаконските прислушувани разговори.

Во меѓувреме барањето на СЈО за продолжувањето на мандатот е дел од владината програма, и тоа треба да помине на собраниска седница за која е извесно дека нема да има двотретинско мнозинство. Од новата Влада се уште не откриваат каков предлог ќе достават до Собранието, но велат дека тој ќе биде усогласен со сите коалициони партнери.

Втората опција за која се шпекулира е оспорување пред Уставниот суд на членот кој ја ограничува работата на 18 месеци поради нерамноправната положба во однос на редовните обвинителства чиј рок за водење на истраги и поднесување на обвиненија е многу подолг.

Една од првите изјави на новиот премиер Зоран Заев беше јавниот повик до Марко Зврлевски да си поднесе оставка од својата функција.

Специјалното јавно обвинителство до сега во јавноста сподели информации за 20 истраги кои беа именувани на „Т“, а во судот поднесе обвинителни акти за предметите Транспортер, Тврдина 2 и за насилството во општина Центар. Клучни предмети се истрагите поврзани со тоа кој, на каков начин и зошто го вршел масовното прислушување, во кои влегуваат предметите „Таргет“, „Тврдина“ и „Трезор“. На листата на осомничени на СЈО се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски, првиот човек на УБК Сашо Мијаков, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и челниците на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG