Достапни линкови

Ромите од Битола и годинава во едно училиште


Oсновно училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола.
Oсновно училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола.

Најголемиот број ромски ученици од Битола учат во основното училиште „Ѓорги Сугарев“, а опаѓа бројот на деца од другите националности кои се запишуваат во училиштето.

И оваа учебна година најголемиот број ромски ученици од Битола учат во основното училиште „Ѓорги Сугарев“. За разлика од другите училишта каде на рака се бројат првачињата Ромчиња, во ова училиште повеќе од половината првооделенци се Роми. Oд 40-тина првачиња, 23 се Ромчиња. Причината што најголемиот број Роми се запишуваат во ова школо е неговата близина до ромската населба. Но, истовремено опаѓа бројот на деца од другите националности кои се запишуваат во училиштето.
Немаме ништо против Ромите, но сметаме дека државата треба да им овозможи подобри услови за хигиена, инстраструктура, па тие да можат подобро да се вклучат во наставата со другите деца.
Анкетиран битолчанец.

„Живееме во близина на Ѓорги Сугарев, но детето ни учи во друго училиште. Голем дел од неромските ученици учат во други училишта. Немаме ништо против Ромите, но сметаме дека државата треба да им овозможи подобри услови за хигиена, инстраструктура, па тие да можат подобро да се вклучат во наставата со другите деца“, вели еден битолчанец.

И родителите на ромските ученици признаваат дека доаѓа до поделба меѓу децата и настануваат етнички чисти паралелки.
Архивска фотографија - ромска населба во Битола.
Архивска фотографија - ромска населба во Битола.

„Како да ја пуштам на школо кога немам услови. Со едно социјално 1.700 денари сме, се нема. Денес ако имам ќе исперам, утре ако не нема да исперам. Вашите се почисти, нашите се понечисти и се разделуваат. Во одделението каде е моето дете сите се Ромчиња“, вели Зумрета Алиевска.
Денес ако имам ќе исперам, утре ако не нема да исперам. Вашите се почисти, нашите се понечисти и се разделуваат. Во одделението каде е моето дете сите се Ромчиња.
Зумрета Алиевска, родител.

Директорката на „Ѓорги Сугарев“, Загорка Јовчевска вели дека во училиштето не прават делба, туку паралелките се формираат врз основа на запишаните ученици. Таа истакнува дека ова училиште е со обновена дограма, спортска сала и други добри услови за образование кои очекува да привлечат ученици од сите националности.


„За жал и оваа година бројката на првооделенчиња е намалена. Поголем дел од првачињата се од ромска националност. Постојано доаѓа до осипување на децата од македонска националност. Така е поради недоволната информираност на родителите Македонци дека само Роми учат во ова училиште што не било така никогаш. Сметам дека заедно живееме и заедно треба да се воспитуваат и образуваат децата во училиште. Ромчињата се сепак деца и не треба да бидат пречка за едно мултиетничко училиште и за заедничко дружење“, вели Јовчевска.

Инаку, бројот на првооделенци годинава во сите битолски училишта е за 50 помал од претходната година.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG