Достапни линкови

Жртви на здравствениот систем, бараат правда на Суд


Невладината РОМА С.О.С. од Прилеп на суд ја бара правдата за неколку случаи во кои поради нефункционалност на здравствениот систем има жртви Роми. Бараат да се утврди одговорност на докторите и институциите во државата.

Основното Обвинителство од Прилеп, започна предистражна постапка три месеци по смртта на тригодишното девојче од Прилеп, кое според родителите поради труење со храна, иако било на медицински третман. Обдукцискиот извештај конечно е предаден на Обвинителството, а како што вели обвинителот Ристо Шошески, без да соопштува детали, се вршат стручни анализи, се прибираат докази со цел да се утврди дали постојат елементи за евентуална одговорност на медицинските лица вклучени во третманот на девојчето.

Ми рекоа за 15 дена дека ќе има извештај од обдукцијата, еве веќе трет месец никаков резултат нема. Зарем не е греота. Треба да се каже причината од што, зошто е починато. Никаков документ немам, сакам да знам, загрижена сум.
Зулихана Ќазимоска, мајка на починато девојче.

„Ми рекоа за 15 дена дека ќе има извештај од обдукцијата, еве веќе трет месец никаков резултат нема. Зарем не е греота. Треба да се каже причината од што, зошто е починато. Никаков документ немам, сакам да знам, загрижена сум“, реагира Зулихана Ќазимоска, мајка на три годишното девојче.

Во судските лавиринти повеќе од три години е случајот за новороденчето од Битола, кое починало само три дена по раѓањето. Родителите едвај успеале да го остварат правото на обдукција.

„Обдукција побарав. После две недели по пораѓањето ми рекоа дека сум била породена со царски рез, а јас сè во ред, сè исправно, ни сечена, ништо,а во обдукцијата ми пишува така...и дека детето имало мала тежина, а детето 3.5 килограми, не знам што се случува“, вели мајката Ајтен Јашар.

И во првиот и во овој случај, невладината РОМА С.О.С. од Прилеп, со бесплатна правна помош, му помага на семејството, да дојде до вистината и правдата.

„Меѓутоа клучно во нивите случаи е што и покрај барањето да се изврши обдукцијата врз телото, и покрај барањето да се врати телото на родителите, за да ги извршат своите традиционални обреди, тие ниту добиле обдукција, ниту го добиле телото назад. За таа цел, ние ангажиравме адвокат, како нивен полномошник, којшто по три месеци се обрати до болницата во Битола, се изврши обдукцијата, меѓутоа телото никогаш не се врати на родителите и тие до денес го немаат добиено назад телото. Нема образложение, освен дека телото е третирано како медицински отпад“, вели Несиме Салиоска, претседател на невладината РОМА С.О.С.

Сопругата на Сенин Пеливановиќ од Битола, исто така пред три години починала поради пропусти при постапката за породување со царски рез, тврдат од невладината. За овие и три други случаи РОМА С.О.С. има ангажирано правни полномошници, а судскиот процес за Агуш Салиоски, момчето на кое поради докторска грешка, пред осум години му е ампутирана левата рака е веќе завршен. Семејството доби отштета, но докторот со условна затворска казна и натаму е началник на ортопедското одделение во прилепската општа болница.

За сите случи во кои поради нефункционалност на здравствениот систем има жртви Роми, оваа невладина бара да се утврди одговорност на докторите и институциите во државата. Од РОМА С.О.С. апелираат да прекине дискриминацијата и сегрегацијата на Ромите во државата, кои велат се третирани како граѓани од втор ред.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG