Достапни линкови

Кристина Мерклер со Гран При на „Литературни искри 2017“


Кристина Мерклер, поетеса
Кристина Мерклер, поетеса

Кристина Мерклер е добитничка на Гран При на четвртото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, што во деновите од минатиот викенд се одржа во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар. Манифестацијата којашто се организира во чест на Денот на Сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, 24 мај, годинава беше „заборавена“ од државата.

На Гостивар деновиве по четврти пат му се случи Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“. И на него, како на една од ретките поголеми културни манифестации во овој дел од земјата, многу ентузијазам, уште повеќе поетски изблици и желба за бегство од наметнатиот провинцијализам. Во едни такви услови на ковање на поинаква традицијата, на довикување на потребата за взаемна културна комуникација, наградите и признанијата, иако главно симболични (дипломи и комплети книги), се издигнуваат над обичноста на фестивалското секојдневие.

Кога сме веќе кај нив, телеграфскиот поглед врз нештата, кој за жал никако не може да ја долови топлата атмосфера на случувањето, го вели следното. Гран При наградата годинава заврши во рацете на Кристина Мерклер, 35-годишна поетеса и авторка на стихозбирката „Горчливи години“.

Според жирито, во кое беа Вера Чорниј – Мешкова како претседателка (поетеса, литературен критичар, член на ДПМ) и членовите: м-р Јанко Билбилоски (Советник во Биро за развој на образование, автор на неколку книги) и м-р Луан Зенки (ликовен уметник, директор на НУЦК „АСНОМ“), првото место и припадна на Фросина Тасевска од Штип, второто го освои Цветанка Колева од Кавадарци, а третото, Ирена Јурчева од Скопје.

За најдобар странски автор, пак, на годинашниот фестивал беше прогласена Марина Јовановиќ од Србија, поетеса, писател, филозоф и авторка на неколку стихозбирки и роман, а наградата „Млада искра“ и припадна на 18-годишната Ива Пуовиќ од Скопје.

Пишувањето поезија за Кристина Мерклер подразбира споделување на интимата со светот. Таа знае да каже дека тоа нималку не е едноставно со оглед на тоа дека „живееме во многу несигурни, чудни времиња и многу е тешко да се споделат емоциите со сите луѓе, посебно со оние кои и не ги чувствуваш за блиски“.

„Поезијата е единствениот јазик којшто зборува низ призма на љубовта и којшто не разликува ниту вера, ниту националност, ниту возраст, бидејќи уметноста ја почитуваат и љубат сите – од седум до 77 години“, вели таа.

Мерклер дополнува дека наградата ќе ѝ биде голем поттик за натамошните исчекори во творештвото, бидејќи еден долг временски период свесно ги одбегнувала конкурсите несакајќи да прави компромиси и да пишува на „наметнати“ теми или да се држи до зададените форми.

„Не ни е на нас уметниците сеедно кога ќе ни кажат дека творбата треба да биде од 30, 32 реда и слично, со оглед на тоа што сечењето на една песна ние поетите го доживуваме премногу лично. Додека создаваме ние никогаш не планираме колку стихови би влегле во една песна. Битно е дека она што го чувствуваш во себе го истураш на хартија и останува на тоа песните најубаво да си бидат такви какви што се – долги или кратки воопшто не е битно. Некогаш е потребно целата приказна да се раскаже во поголем број на стихови, а некогаш се доволни само неколку збора“, вели поетесата.

Кристина истакнува дека има еден куп готови песни коишто го чекаат моментот на обнародување, а згора на тоа таа си пожелува што поскоро да го заврши ракописот на својот прв роман и на тој начин да го стори и очекуваниот исчекор во светот на прозата.

Инаку, по двете години во кои ја имаше симболичната помош од Министерството за култура, овој пат Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, манифестацијата којашто се организира во чест на Денот на Сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, 24 мај, беше „заборавена“ од државата.

М-р Луан Зенки, ликовен уметник и директор на НУЦК „АСНОМ“, вели дека Фестивалот е плод на сознанието дека на Гостивар му недостигаат овој тип на поголеми случувања. Од таму, според него, е сосема разбирливо што тие како организатори сами се нафатиле со отелотворување на идејата, за да потем следните две години нивните напори бидат стимулирани од институциите и ресорното министерство. Но, во моментот кога помислиле дека се блиску до етаблирање на манифестацијата и нејзино израснување во традиционална, како гром од ведро небо дошла веста дека „Литературни искри“ не се влезени во програмата за поддршка од Министерството за култура. Следувал приговор, па расправии, за да конечно годинашното издание го реализираат потпирајќи се само на сопствената упорност и минимумот средства што ги собрале или по кои допрва ќе трагаат.

„Ние ќе си ја тераме работава. Кога нешто се сака се прави, се работи. Прашање е само колку тоа ќе биде богато или само скромно. Јас мислам дека „Литературни искри“ во Гостивар треба да биде подржан од било кој што мисли дека треба да се стимулира и промовира културата. И што е најбитно овој фестивал не го правиме затоа што нам така ни текнало, туку се прави во чест на Сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј“, вели Зенки.

Кон ова само уште информацијата дека дел од поетите кои учествуваа на конкурсот се застапени и во заедничката збирка која беше промовирана на финалната вечер на манифестацијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG