Достапни линкови

Се испитува квалитетот на почвата околу РЕК


Oпкружувањето на комбинатот РЕК „Битола“.
Oпкружувањето на комбинатот РЕК „Битола“.

Првичните податоци покажаа дека состојбата со почвата е задоволителна, освен во рудникот и областа која е под влијание на пепелта од Комбинатот.

За првпат направена е хемиска и микробиолошка анализа на почвата во Пелагонија, вклучувајќи го и опкружувањето на комбинатот РЕК „Битола“ и рудниците каде се копа јаглен и се врши преработка на лигнитот за добивање на струја. Проектот „Тера Мед„ има за цел да го испита степенот на контаминација на почвата во битолско, со посебен осврт на тешките метали. Истражувањата ги спроведуваат експерти од Факултетот за биотехнички науки во Битола во соработка со професори од Природно математичкиот факултет во Скопје.

Првичните податоци покажаа дека состојбата со почвата е задоволителна, освен во рудникот и областа која е под влијание на пепелта од Комбинатот.

„Прелиминарните резултати покажуваат дека состојбата со почвите е задоволителна, освен во оној дел кој се однесува на самиот рудник и каде што е депонијата со пепел. Другиот дел е сличен по својот состав. Се детектира областа која е под влијание на загадување со прашина од депонијата. Таа зона се дефинира со зголемени концентрации на оние елементи што во пепелта можат да се очекуваат“, изјави професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет.

Од досегашните анализи може да се види дека како извор на загадување се јавуваат и радиоактивни материи.

„Извршени се и анализи на радиоактивност на поедини радиоизотопи кои во пепел добиени од согорување на јаглен од лигнит се за очекување. И тие резултати укажуваат на уште еден можен извор на загадување на животната средина во овој регион“, изјави Стафилов.

Квалитетот на земјата од Пелагонија се споредуваше со примероци на почва земени од Пелистер.

„Спроведени се детални анализи на 12 микроорганизми во почвите околу РЕК и поширокиот Пелагониски регион. Тоа се првични вакви испитувања во Пелагонија и пошироко во Македонија. Како контролна точка зедовме два почвени екосистеми од Пелистер за да можеме да споредиме“, рече Џоко Колунгуловски од Институтот за биологија.

Анализата покажа дека во најголемиот дел од почвата прочистени се фекалните бактерии од минатогодишните поплави.

„Бидејќи минатата година имаше поплави во Пелагонија дополнително вклучивме уште две групи на микроорганизми кои укажуваат на фекалното загадување на почвените екосистеми. Констатиравме дека само една точка од сите 42 испитувани точки е сеуште контаминирана со фекални бактерии, останатите се прочистени“, рече Колунгуловски.

Проектот се реализира со партнери од грчката страна, а е финансиран од ИПА фондовите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG