Достапни линкови

Насилствата во Собранието – главна тема во неделниот печат


Неделникот Глобус пишува дека режимот е во слободен пад, откако демонстрантите упаднаа во Собранието и тепаа пратеници од новото парламентарно мнозинство. Фокус го анализира непостапувањето на полицијата, а Република смета дека коалицијата предводена од СДСМ направила насилство врз демократијата.

Глобус - Режимот е во слободен пад

Со познатата фотографија како еден од демонстрантите, доволно возрасен човек, речиси ѝ го корне скалпот на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, како илустрација за случувањата во Собранието на Македонија минатиот четврток, Глобус оди со главната тема: „Режимот е во слободен пад, планот ’Б‘ не може да спаси никого кој го напишал и извршил“. Пратеничкото мнозинство го конституираше новото Собрание, кое е добиено со голема поддршка на граѓаните, на слободни избори, почнува он-лајн магазинот. И потсетува дека редуцираната маса на „тврдокорни“, ескорт четите на ДПМНЕ влегле планирано во Парламентот, а привремената влада ја покажала својата килавост. „Полицијата ги штитеше протестантите место да го обезбедува објектот“, вели авторот и прашува: „Дали говорот на Иванов му го напишал Илија Димовски?“ Авторот на текстот дава и одговор: „Иванов практично во своите поставки ја препишал домашната од говорот на Димовски во однос на покажувањето со прст кон виновникот и укажувањето на нови услови за новата власт кои би следеле по поканата (!) во неговиот кабинет следниот ден“, објаснува Глобус.

Фокус - Двојните аршини на партиската полиција на Митко Чавков

Фокус го анализира однесување на дел од припадниците на полицијата во крвавите настани минатиот четврток во Собранието, па ги констатира „Двојните аршини на партиската полиција на Митко Чавков“. И притоа потсетува дека за време на протестите на Шарената револуција, „полицијата не им дозволуваше на демонстрантите ниту да се доближат до барокното седиште на ДПМНЕ, со прекумерна сила ја разбиваше толпата и ги бркаше демонстрантите пред владата за време на протестите за убиството на Мартин Нешкоски, а веднаш ги уапси оние што протестираа кога лани летото ја нападнаа Народната канцеларија на претседателот Иванов“. Па го споредува однесувањето на дел од полицијата минатиот четврток кога се знаело дека може да дојде до крвопролевање и кога полицијата скандалозно ги пушти протестантите „За заедничка Македонија“ во Собранието кои, како што нагласува, предводени од силеџии и инструктори со фантомки на главите се обидоа пред камери да ги линчуваат пратениците на СДСМ.

Република - Насилството врз демократијата мора да биде казнето

Од сосема спротивен ракурс Република го коментира изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и го повторува ставот и на ВМРО-ДПМНЕ дека тој е нелегитимен претседател на Собранието. Во текстот со наслов „Насилството врз демократијата мора да биде казнето“, авторот пишува дека пратеникот на ДУИ не може да биде прифатен како легитимен прв човек на Парламентот затоа што, според неделникот, бил избран по насилен пат, на нелегитимен начин. Потоа тврди дека постапката што ја организирал, како што во последно време го нарекуваат СДС, без додавката „на Македонија“, за негов избор, всушност, цитирам, „беше државен удар со кој беа погазени Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG