Достапни линкови

„Рефлексии на херметичноста“ на Васков и Коруновски во МКЦ


Oтворена заедничка изложба „Рефлексии на херметичноста“ на сликарот Глигор Васков и скулпторот Ангел Коруновски.
Oтворена заедничка изложба „Рефлексии на херметичноста“ на сликарот Глигор Васков и скулпторот Ангел Коруновски.

Во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, на 17 март, во 20 часот, ќе биде отворена заедничка изложба „Рефлексии на херметичноста“ на сликарот Глигор Васков и скулпторот Ангел Коруновски. Станува збор за второ претставување на нивниот подолгорочен проект, кој е „сублимат на идентичноста во мислата и интелектуалното во различните подрачја на уметноста“.

Петнаесетина слики на Глигор Васков и три објекти и над 20 скулптури на Ангел Коруновски ќе бидат претставени на заедничката изложба „Рефлексии на херметичноста“ на уметниците што од 17 март ќе се одржи во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје. По декемвриската „промоција“ на соработката во Велес, ова е всушност второ претставување на нивниот подолгорочен проект за кој знаат да кажат дека е „сублимат на идентичноста во мислата и интелектуалното во различните подрачја на уметноста“ и кој допрва треба да се развива. А, идејата за ваквата пројава во јавноста и не е од вчера.

Коруновски вели дека сè всушност започнало многу случајно. Глигор ги видел неговите скулптури, тој неговите слики, виделе дека ги краси сличниот сензибилитет и потрагата по слична естетика...и сосема спонтано заклучиле дека треба да „поработат“ на развивање на взаемната интеракција. И, така обајцата цела една декада се среќавале, се дружеле и разговарале за уметноста, за да конечно некаде минатата година не решат дека е време да ја отелотворат идејата.

„Бев фасциниран кога ги видов неговите слики. Многу ме потсетија на она што јас дотогаш го истражував. Според мене чистата естетика, потрагата по убавото, стремежите кон текстурата, кон основните вредности и основните принципи на уметноста“ истакнува Ангел Коруновски.

„Негде цели 10 години ние се запознававме, се проценувавме во делата и така се роди целата оваа идеја. Се* е на принципот на минимализмот. Има форма, боја и текстура. Делата асоцираат и симболизираат, но во суштина се базира на наједноставното. На најчистото во ликовното, во самата ликовна уметност. Не сме оптоварени, на пример, со историски или било какви други мотиви, туку оставаме самиот гледач сликата, делото, сам да си го толкува,“ дополнува Глигор Васков.

Од таму, не случајно во каталогот за изложбата ќе биде забележано дека начинот на кој се претставени делата е воедно „само нивна стварност и тематика“ , но исто така и причина за самото „Постоење“. И згора на тоа, дека „не се претендира на никаква друга симболика освен на тоа што може да се види на самото дело и дека апстрактните односи помеѓу различните елементи треба да го наведат набљудувачот на размислување и воедно тоа е и самата срж на тематиката“.

И, згора на тоа дека заедничката изложба на скулпторот Коруновски и сликарот Васков „Рефлексии на херметичноста“ можеби во иднина поттикнува една различна интеракција како целина, една сосема друга верзија во очите на набљудувачот во дадено време и простор.

Согласно на ова сосема на место е кога Ангел Коруновски забележува дека проектот го оставаат природно да плива. Да расте. Дека тој сеуште е во почетната фаза кадешто тие сега ги спојуваат своите дела, понатаму дека е возможно да имаат и заеднички што би бил следниот исчекор, за на крајот сето тоа условно премине во еден интересен јавен објект кој би красел некој од нашите простори.

Тоа е цел концепт, развивање на приказна којашто се надеваме дека ќе се прошири на Балканот, по Европа...Имаме доста што да кажеме и мислам дека таа сторија има своја иднина. Затоа неможам да кажам кога би бил крајот. Не би требало да има крај – потенцира скулпторот.

Васков, пак, посегајќи по сопствените спомени истакнува дека тој зад себе веќе имал едно вакво искуство. Своевремено со кумановскиот сликар Часлав Марковиќ работеле на едно дела за што подоцна ја добиле и наградата на ДЛУМ - „Вангел Коџоман“.

„Тешко е да се работи на овој начин. Особено ако се двајца сликари. Во суштина е многу тешко. Требаат многу години за да се преиспитуваш. И не сако кој каков карактер е, туку и како енергија, па да се совпадне и уметничкиот дел...Затоа мене ми е многу мило што се* вака испадно. Но, за тоа беше потребно време. Нам ни требаа цели 10 години, за да дојдеме до точката до којашто дојдовме,“ вели сликарот.

Кон ова збор – два за исечоците од нивните биографии.

Глигор Васков дипломирал на Факултет за Ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство во класата на Ристо Калчевски во 1991 година. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1991, зад себе има 11 самостојни и повеќе од 60 групни изложби, а учесник е и на 40 ликовни колонии во земјава и во странство.

Добитник на пет ликовни награди и работи како професор во ликовна ументост во ДСТУ „Лазар Танев“ и ДСГГУ „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Ангел Коруновски, пак, образованието го оформил на Факултетот за Ликовна уметност на катедрата по Скулптура во класата на Васил Василев во 2002 година, а магистрирал девет години подоцна под менторство на Ибрахим Беди.

Член е на ДЛУМ од 2002 година, досега има реализирано неколку самостојни и околу четириесет групни изложби, а бил учесник и на дваесет ликовни колонии во Македонија и во регионот. Од 2009 година е организатор на Ликовната колонија „Папрадишки Мајстори“ која што се одржува во Велес. Добитник на неколку ликовни награди. Автор е на триесетина скулптури од јавен карактер и работи како слободен уметник во родниот Велес.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG