Достапни линкови

Мигрантите во Визбегово - цел на организиран криминал?


Архивска фотографија, Девојче бегалец во прифатниот камп во Табановце

Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово е цел на организирани криминални групи кои оперираат во доцните часови кога има недостаток од обезбедување, е наведено во извештајот на Европската комисија. Одговор за состојбата со мигрантите и наводите во извештајот од надлежните не добивме.

Проблемот со криумчарењето на мигранти во Македонија е забележан и во Европскиот извештај за напредокот на земјава за 2016 година. Во него е наведено дека прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово е цел на организирани криминални групи кои оперираат во доцните часови кога има недостаток од обезбедување. Од Mинистерството за труд и социјална политика не добивме коментар околу забелешката на Европската Kомисија, ниту пак одговор на прашањето какви мерки се преземаат. Ниту Директорот на прифатниот центар не одговори на нашите повици.

Со затворањето на границите запрен е мигрантскиот бран, но бегалската рута сега ја користат криумчарите на мигранти.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамад Ариф вели дека не може ниту да потврди, ниту да коментира дали тоа што е наведено во извештајот е точно, но посочува дека обврска на Владата и на надлежните институции e да има засилена контрола и да внимава кој се влегува во центарот.

„Јас би рекол дека обврска на Владата е да види кој влегува во кој центар. Тие треба да знаат што прават луѓето кои се жители на тој центар и кој влегува, кои се тие личности кои влегуваат. Системот на овие центри треба да обезбеди сигурност дека тој што влегува не е криумчар, не е дилер на дрога, не е криминалец“, вели Ариф за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека мора да постои систем кој функционира, со кој ќе се надгледува дали во тој центар влегуваат луѓе навечер без при тоа да ја почитуваат процедурата.

„Тоа е обврска на надлежното министерство и на релевантните институции да имаат механизам, да имаат систем кој функционира, бидејќи ако е точно, а не велам дека е точно, тогаш е многу сериозно, затоа што тогаш вие имате криумчари внатре,“ објаснува Ариф.

Инаку, Јавната установа за сместување на лица баратели на азил „Прифатен центар за баратели на азил“, Визбегово е пуштенa во употреба во 2008 година и располага со капацитет од 150 легла и со можност капацитет да се надополни до 250 легла.

УНХЦР секогаш кога е потребно ја поддржува и помага на Владата, но нејзина обврска е да обезбеди сигурност дека ниту еден криминален елемент нема да ја загрози безбедноста на луѓето кои престојуваат во центарот за баратели на азил во Визбегово, посочува Ариф. Тој објаснува дека криумчарите сега се многу поактивни од претходно, затоа што протокот продолжува само нелегално, што значи дека тие најчесто се движат со помош на криумчари и тоа им создава многу различни проблеми на луѓето кои влетуваат во криумчарската мрежа.

Според неофицијални информации од меѓународни организации, само во изминатава година, десетици мигранти, откако ја напуштиле земјава, се пожалиле дека биле заложници на криумчари, дека биле тепани и дека им биле изнудувани пари.

Мигрантската голгота не заврши со затворање на балканската рута
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во изминативе 8 месеци се откриени 69 случаи во кои е спречено криумчарење на речиси 1.500 мигранти. Кривични пријави се покренати против 57 луѓе. Според полициските билтени, најчесто за криумчарење се осомничени или обвинети возачи, но не и организатори на криумчарската мрежа. Кога станува збор за жртви на криумчарската мрежа, според јавно достапните податоци, од ноември минатата година нивната бројка изнесува околу пет илјади.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG