Достапни линкови

Цртежи со болка и тага – Изложба на сириски уметници-бегалци


„Бегство за подобро утре“ - бегалци, уметници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Цртежи со болка и тага – Изложба на сириски уметници-бегалци во Скопје

Цртежите на кои се гледа тага, болка и гнев, на брачниот пар сириски бегалци, настанале во изминатите девет месеци, колку, заедно со нивните деца, се заглавена во Македонија.

Десетици цртежи на бегалскиот брачен пар сириски уметници, Шерго Муса и Назли Абду, преку кои го опишуваат нивното патешествие од родната Сирија до Прифатниот центар за бегалци Винојуг во Гевгелија, ја сочинуваат изложбата „Бегство за подобро утре“, која денеска беше отворена во Кинотеката на Македонија. Цртежите на кои се гледа нивната тага, болка и гнев настанале во изминатите девет месеци, колку што оваа сириска двојка, заедно со нивните деца, е заглавена во Македонија.

„Тоа што го цртам произлегува од мојот живот и доколку би сакал да цртам нешто среќно би требало тоа да го извадам од мојот живот. Овие цртежи се сето тоа низ кое поминував во текот на животот, така што кога ќе се случува нешто убаво кај мене, претпоставувам дека ќе се случат и некои поубави слики“, вели уметникот.

Тој ја изрази благодарноста за гостопримството во Македонија, но вели дека не ја гледа својата иднина во земјава и сака што поскоро да замине.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамад Ариф, на отворањето на изложбата рече дека во земјава има уште помалку од 200 бегалци, кои не може да го продолжат патот кон Западна Европа. Тој рече дека во изминатите година и половина е направено многу, но оти треба да се направи уште за да им се подобрат условите за престој. Ова не се само цртежи, ова е приказната низ што сè поминале овие луѓе, рече Ариф.

„Помеѓу сите тие луѓе, помеѓу бегалците, постојат луѓе коишто се многу талентирани, многу вешти и своите вештини ги носат во земјите каде што одат. Такви се и Шерго Муса и неговата сопруга Назли Абду со нивното семејство, кои со нивните вештини и богат талент може само да ги збогатат искуствата на земјите каде што тие одат и да ги подобрат културните услови во земјите“, рече Ариф.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, повика на спротивставување на ксенофобијата со уметност.

„Цртежите коишто ќе ги видите денеска ни ја раскажуваат нивната приказна, болна, тажна, трогателна, но и полна со лутина и неразбирање, обоена со поетскиот сензибилитет и уметничкото наследство на старата цивилизација, една од најстарите на земјата“, рече Буџаку.

Изложбата ќе може да се посети до 25 јануари, а цртежите се на продажба. Куратор на изложбата е сликарката Маја Стефановска.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG