Достапни линкови

Надлежните недоволно ефикасни во справување со снегот


Скопје под снег, 10 јануари 2017.
Скопје под снег, 10 јануари 2017.

Испукани водоводни цевки, неисчистени улички и непроодни патишта, предизвика снегот кој деновиве ја зафати Македонија. Службите велат дека работат на терен и дека ги острануваат дефектите и ги расчистуваат патиштата, но апелираат и граѓаните да бидат повнимателни.

И покрај најавените поларни температури и снежни врнежи и координација на институциите, сепак надлежните на терен не се доволно ефикасни. Поради испукани водоводни цевки дел од жителите на населбата Аеродром во Скопје, кои живеат на повисоките катови, 20 часа останаа без вода, а дел од улиците, иако има најави дека се фрлаат големи количества сол, изутрината осамнаа под нови снежни врнежи поради снегот кој и натаму ги прекрива. Проблеми има и на регионалните патишта кои во одредени периоди се непроодни и по повеќе часови.

Од Град Скопје најавуваат дека нивните екипи од синоќа до утрото фрлиле 250 тони сол на булеварите и улиците за да спречат појавување голомразица, а на возачите им препорачуваат да возат внимателно, зашто индустриската сол има ефект до - 6 степени Целзиусови и оти поради ниските температури можно е појавување голомразица на коловозот.

Од службите на Скопје, исто така, порачаа дека улиците и булеварите кои се во надлежност на Градот се исчистени, а ЈП Комунална хигиена апелира општините да ги чистат улиците кои се во нивна надлежност.

Од ЈП Водовод и канализација во врска со проблемот со снабдување со вода во Аеродром, велат дека на екипите им требале 20 часа да го отстранат дефектот со пукнатата цевка, поради непристапност на теренот, и додаваат дека поради стврднатата земја нивните екипи рачно ја ископувале земјата.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека ситуацијата е под контрола и не се согласуваат дека делови од системот потфрлиле.

„Не се согласувам дека потфрлиле институции. Можеби во отежнати услови институциите се справуваат со предизвиците, но моја информација е дека максимално сите расположиви капацитети, механизација и човечки фактор постојано се на терен, иако во отежанити услови“, вели Надица В'чкова , портпарол на ЦУК.

Таа апелира граѓаните задолжително да носат зимска опрема, посочувајќи дека оние застои на коли кои се јавија изминатиот период се предизвикани и од човечки фактор, односно од излизгување на моторни возила кои не поседуваат зимска опрема.

Се чистат и регионалните патишта на кои има наноси од нов снег. Забранa за движење на тешки товарни возила е воведена на планинските премини Стража, Плетвар, Ѓавато и Пресека, како и на патниот правец Маврово – Дебар.

Oд ЈП „Македонијапат“ информираат дека претпладнето е укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила за планинскиот превој Плетвар. Во Велешко вчера беше пробиен патот до селата Сливник и Клуковец. Најголeми проблеми остануваат на патните правци кои водат до места што се наоѓаат на повисока надморска височина. Овие патишта се непроодни, а селата во планини се отсечени. Најмногу отсечени планински села има во Чучер Сандово, во штипско, струшко и во кумановск. Од ЦУК истакна дека во случај на итни потреби од храна, огрев, медицинска помош и слично, тие веднаш интервенираат до нив преку телефонски контакт.

Од ЕЛЕМ велат дека снабдувањето со струја се одвива редовно и оти вчера имало најголема потрошувачка на електрична енергија. АД ЕЛЕМ нагласува дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период нема да влијае врз цената на електричната енергија, но апелираат граѓаните вечерва да бидат внимателни со користењето на струја во вечерните часови во време на ефтината тарифа.

Од таму наведуваат дека поради екстремно ниските температури, во периоди од вчерашниот ден регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка во однос на истиот период за последните пет години.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG