Достапни линкови

Над двесте луѓе заглавени на автопатот Велес - Скопје


Автопатот Скопје Велес е блокиран поради снегот

Повеќе од два часа над двесте автомобили, меѓу кои и товарни возила, се заглавени на автопатот кој води од Велес кон Скопје. Возачите се жалат дека е формирана долга колона од возила и дека не можат да ги поместат ниту еден метар, затоа што автопатот е затрупан со снег.

„Јас сум пред првата патарина од Велес накај Скопје, спуштена е рампата, нема ни напред ни назад. Луѓето вработени на патарина ни рекоа дека причина за застојот се два камиони и една цистерна кои се излизгале на снегот и дека најверојатно за жал ќе си постоиме тука уште долго време“, вели во изјава за Радио Слободна Европа возач кој е заглавен во колоната возила на автопатот Велес - Скопје.

Од друга страна, пак,од АМСМ во писменото известување на нивната интернет страница велат дека сообраќајот на патните правци Скопје – Велес и Велес - Скопје се одвива отежнато и по само една коловозна лента. На патниот правец Скопје - Велес е воведена забрана за товарни возила.

Последната информација од „Македонија пат“ е дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и дека нивните екипи се на терен и ги оддржуваат проодни сите патни правци. Од таму апелираат на внимателно возење.

Забрани за сообраќај има на планински превој Стража, Маврово, Пресека, Ѓавато, Буково и Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.

Претходно беше во прекин сообраќајот на патните правци Кавадарци - Неготино и Охрид - Ресен, поради превртени тешки моторни возила, но сега, како што велат надлежните, сообраќајот на таа делница е нормализиран.

На патниот правец Струмица – Валандово, поради излизгано тешко моторно возило, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.

XS
SM
MD
LG