Достапни линкови

Најмногу коментари за платформата на Албанците и интервјуто на Груевски


Архивска фотографија, Средба на лидерите на Претставници на албанските политички партии. Али Ахмети, лидер на ДУИ, Зијадин Села, лидер на Движење за промени-ДПА, Гзим Острени, претседател на Унитети.
Архивска фотографија, Средба на лидерите на Претставници на албанските политички партии. Али Ахмети, лидер на ДУИ, Зијадин Села, лидер на Движење за промени-ДПА, Гзим Острени, претседател на Унитети.

Ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изнесени во интервјуто за Дневник и платформата на ДУИ, Беса и на Алијансата за Албанците, се најкоментирани теми од нашите читатели.

Изборите поминаа, ама нашиве граѓани сè уште се запалени, дури и заробени, би рекле, во етничко-националистичките огради. Иако, анализирајќи ги реакциите на фановите на РСЕ на нашата Фејсбук страница, се чини дека мнозина се ослободени од нив или почнуваат да се ослободуваат.

Интервјуто на Груевски за Дневник, што го пренесува и нашево Радио, предизвикало недоброј реакции, кои отпочеток се разложни и разумни, но постепено навлегуваат во историските води и меѓуетничките релации. Маја Новак Черепналковска, на пример, смета дека маката на Груевски е голема и дека да можел досега ќе направел влада како претходните 10 години. И кажува една интересна работа:

„Да беше просечната плата 500, 800 или 1000 евра, не ќе играа на „патриотска“ карта. На никој не би му било гајле за национализмот од која било страна.“

Јоце Каеф веднаш реагира: „Се радувате на продажбата на националната самобитност“. Ѓорѓи Конзулов со потсетување на Каеф: „А зошто не се сетивте за Македонија претходните 10 години кога по 2 години од владеењето на Грујо се погазуваа сите човекови права, се тепаа новинари, се затвораа политички затвореници, се амнестираа убијците на македонските бранители, зошто тогаш не се сетивте кои фашисти ја водат Македонија, ама полесно е кога Бранко е цело време крив, а сега Заев“, постирал Ѓорѓи Конзулов.

И Изеир Незири со реакција на постот на Јоце Каеф: „Секогаш се игра на национална основа, ама на луѓето преку такво им е. Зарем мислиш гајле ми е дали во Делчево и Струмица ќе се збори албански? Нормално, сакам и јас да се образовам на албански и тоа квалитетно. А би учел секој јазик, па и ромски, за мое добро“ – напишал на Фејсбук Изеир Незири.

Ќамил Исеин вели: „ВМРО ќе се врати, тоа е точно, но без Грујо и неговите мафијаши.“

Платформата на албанските партии е исто така тема на коментарите на Фејсбук страницата на РСЕ. Владимир Чецков смета дека условите во неа се издигнати на ниво на национално прашање и дека „ниедна македонска партија нема да може да се договара зашто нема легитимитет за тоа, а секој обид би бил национално предавство“. Па потоа се мешаат состојбите во Швајцарија, па Илирите, па балканските војни, потоа Бугарија, Србија, Турците, а Дејан Лазиќ како да им одговара на сите: „Па добро бе, луѓе, од сите националности. Кога ќе почнеме да расправаме за чист воздух, за јака економија, за нашите родители и деца, за ЕУ интеграција, односно за РАЗВОЈ и ИДНИНА. Сами си го бараме, па која власт да дојде нека прави со нас како што сака“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG