Достапни линкови

Прегласувањето во Теарце - нов ризик?


Избори 2016 - Гласање на предвремените парламентарни избори, 11.12.2016.

Прегласувањето во Теарце в недела, зависно од тоа какви резултати ќе донесе, отвора нови сценарија - непризнавање на резултатите од ВМРО-ДПМНЕ, протести и тензии, нов број на пратенички мандати. Дел аналитичари сметаат дека ова нема да трае долго и на крај партиите повторно ќе седнат да се договорат.

Нови резултати, промени во мандатите на партиите, нова уште подлабока криза или најмалку очекуваното - нова влада која ќе работи стабилно, сите овие опции се отворени со прегласувањето во Теарце откако вчера Управниот суд донесе одлука за тоа и по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ. Во него оваа партија наведе дека нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите.

Аналитичарот Алајдин Демири тврди дека ова е долго подготвувано сценарио на ВМРО-ДПМНЕ.

„Од времето кога почна да не го почитува Специјалното јавно обвинителство, што е еден од органите кои се надвор од негова контрола, и да ги почитува само органите кои тој ги поставил, сега и изборите ги прифаќа, односно признава само она што му одговара и овозможува да продолжи“, вели Демири.

Неговите очекувања се дека во овој период партијата на Груевски ќе се обидува да организира што е можно повеќе протести и на тој начин, како што вели, да ја блокира работата на институциите. Излезот од кризата не се наѕира, додава тој, посочувајќи на тесната разлика од изборните резултати. Дополнително, ако прегласувањето в недела во Теарце донесе резултати со кои би се одзел еден мандат од ВМРО-ДПМНЕ и би се дал на СДСМ, тогаш двете партии би имале ист број на пратеници односно 50-50. Во таков случај и земајќи го предвид ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествуваат во прегласувањето и нема да ги признаат резултатите, ситуацијата би можела дополнително да се комплицира.

Сепак, според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, кризата до која би дошло нема да трае долго.

„Можно е ВМРО-ДПМНЕ да излезе на улица, меѓутоа повторно со помош на меѓународната заедница и покрај тоа што имаа остри напади кон некои амбасадори што се наоѓаат во Македонија, сепак мислам дека на крајот ќе седнат заедно на маса и дека ќе договорат некое решение, што значи излез од кризата во која се наоѓаат“, вели Гаџовски.

Инаку, на гласачкото место 2011 во Теарце, каде што в недела ќе се прегласува, има вкупно 714 гласачи. Од нив на 11 декември гласале 404 лица - за ВМРО-ДПМНЕ 91, за СДСМ 87, за Беса 65, за ДПА 64, за ДУИ 53, за Алијанса за Албанците 25, а по еден глас добиле и КПК-Трет блок и ВМРО за Македонија. Вкупниот број на неважечки ливчиња изнесувал 17. И разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во целата изборна единица 6 е мала, односно 307 гласа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG