Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ сака во ЕУ и НАТО, но не сака некои амбасадори?


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го чита прогласот на партијата на протестот пред ДИК

Во прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, во кој тврдат дека тие се за ЕУ и НАТО, но против мешање на амбасадори, дел аналитичари гледаат контрадикторност. Другите поголеми партии засега имаат умерен вокабулар кон странските претставници и ги гледаат како партнери.

Зачленување во НАТО и во Европската унија и стратегиско пријателство со Соединетите Американски Држави се ориентација на ВМРО-ДПМНЕ, но некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата и тоа мора да запре. Во ваквата поставеност на партијата на Никола Груевски, прецизирана во нивниот саботен проглас, Малинка Ристевска - Јорданова од Институтот за европска политика вели дека има контрадикторност.

„Дефинитивно е контрадикторен ставот затоа што зачленувањето во НАТО и ЕУ носи секако и партнерство, односно меѓусебно вмешување во работите на членките. Тој напад е таргетиран кон амбасадорот Бејли, значи не кон државата, туку кон амбасадорите, што е доста опасна игра“, вели Ристевска - Јорданова.

Иако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не спомена на кои амбасадори мислат, пред неговото доаѓање на протестот пред Државната изборна комисија, поддржувачите на владејачката партија преку транспарент порачаа „Бејли тргни ги рацете од Македонија“ .Во нападите, пред се кон американскиот амбасадор, се вклучија и државни функционери, аналитичари и медиуми што важат за блиски до власта. Од јавниот атак не се исклучени и амбасадорите на други европски земји, но и амбасадорот на Европската унија, кон чие приклучување ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се стреми. Тоа што се бара од амбасадорите се начелни работи од меѓународно право, а Македонија има и обврска да ги почитува, вели Беким Кадриу, професор на Државниот тетовски универзитет.

„Не е мешање во внатрешни работи ако се бара секој што направил кривично дело да одговара, ако се бара да се почитува владеењето на правото, ако бараме судовите да одлучуваат независно без политички притисоци, ако бараме судиите да се избираат според квалитет, ако бараме одвојување на партијата од државата или почитување на слободата на медиумите“, вели Кадриу.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, другите поголеми партии декларативно немаат ништо против странските амбасадори и не го квалификуваат како нивно вмешување, туку како партнерство. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на скорешната средба со американскиот амбасадор Бејли ја нагласи важноста од соработката со меѓународната заeдница и порача партнерството да продолжи во интерес на разрешување на кризата. СДСМ, пак, често има контакт со странците, а по средбите нивните соопштенија се со позитивна реторика, а напади кон нив нема ниту од ДПА и од Беса.

„Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ е начелно проблематичен и тие во секој случај би имале проблем со коалицирање. Впрочем голем дел од политичките партии веќе кажаа дека нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Кадриу.

Инаку, покрај жестоката реторика кон амбасадорите, ВМРО-ДПМНЕ во прогласот најави и дека нема да одржува состаноци со други партии во кои учествуваат претставници на други држави и нема да прифаќа нестандардни решенија кои ги нема во другите европски земји. Со ова според Ристевска – Јорданова партијата и директно го крши Договорот од Пржино. Тој, пак, беше донесен и спроведуван под силно влијание на Европската комисија и комесарот за проширување Јоханес Хан. Целиот процес, според пораките од Брисел, е клучен за македонските евроинтеграции.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG