Достапни линкови

ЕУ загрижена за реториката, амбасадорите на тапет


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето пред собраните граѓани пред ДИК.

Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, изрази загриженост за тензиите и негативната реторика во последните денови во Македонија. По пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски до меѓународната заедница, проодлжува негативниот ток кон амбасадорите во земјава.

Европската комисија изрази загриженост по негативната реторика во јавноста и ги повика сите страни да се однесуваат одговорно. На прашањето како го оценуваат говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и неговата порака дека повеќе нема да дозволи странско мешање во внатрешните работи на Македонија, Маја Коцијанчич, портпаролката на ЕК, за Радио Слободна Европа одговори дека Комисијата ги забележала прелиминарните резултати на изборите, како и резултатите од жалбите и сега го очекува исходот од процесот на жалби. Таа порачува дека на релевантните национални власти, вклучително и ДИК и судовите, треба да им биде дозволено да работат непречено, без притисок и политичко влијание.

„Ние сме многу загрижени поради тензиите во текот на последните денови и зголемувањето на негативната реторика. Комисијата ги повикува сите заинтересирани страни да се однесуваат одговорно, со цел да се зајакне довербата на граѓаните во јавните институции и во демократските процеси“, истакна Коцијанчич.

Таа додава дека со нетрпение очекуваат формирање на новиот парламент и новата Влада и спроведување на реформите за решавање на системското владеење на правото, исто како и на Итните реформски приоритети, а повикуваат и на континуираната имплементација на претходните политички договори. Европската комисија, на крајот нагласува таа, ќе продолжи со поддршката на земјата во процесот на европската интеграција.

Груевски пред ДИК прочита проглас на партијата составен од 5 точки.„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно-политичките прашања во земјата и бараме да останат во рамки на своите мандати и овластувања како дипломати“, порача Груевски.

На социјалните мрежи се појавија и анонимно креирани фотографии со ликот на неколку амбасадори во земјава, поставени во рамки со црни ленти. На протестите пред ДИК имаше и транспаренти испишани со зборовите „Бејли тргни ги рацете од Македонија. Американскиот амбасадор Џес Бејли во петокот вечер имаше средба со Груевски, а денеска и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. СДСМ соопшти дека Заев на амбасадорот му порачал дека мнозинството граѓани избрало промени на парламентарните избори.

„Мнозинската волја на граѓаните мора да биде почитувана. Република Македонија ќе добие Влада којашто ќе работи во интерес на сите граѓани на Македонија“, рекол Заев.

Тој нагласил и дека институциите се должни да работат во служба на граѓаните. Побаравме, но не добивме одговор од амбасадите во земјава за пораките на Груевски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG