Достапни линкови

Цел ден расправа во ДИК, работата до половина


ДИК отфли 7 приговори на политичката партија БЕСА, а за еден дополнително ќе одлучува. Отфрли и два од приговорите на СДСМ. Во меѓувреме поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се собрани пред ДИК, за, како што велат, да спречат да биде украдена победата на владејачката партија.

Државната изборна комисија на денешната седница отфрли седум од осум приговори за гласањето на предвремените парламентарни избори на Движењето БЕСА. За осмиот приговор ќе се изјасни дополнително, откако ќе се направи графолошка анализа на една гласачка, која тврди дека некој друг гласал во нејзино име.

Во меѓувреме неколку стотина приврзаници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва повторно се собраа на протест пред просториите на ДИК, додека комисијата одлучува за приговорите на СДСМ. Велат дека сакаат да спречат да биде украдена изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Улицата пред ДИК е затворена, а насобраните извикуваат „Лопови“ и „Македонија“.

Речиси истовремено, пред партиското седиште прес-конференција одржа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека во ДИК се спроведува лакрдија во сценарио на претседателот на комисијата Александар Чичаковски.

Тодоров реагира на одлуката на ДИК да има графолошко вештачење на потписот на гласачката Според него, ваквата одлука е незапаметена досега и побара од ДИК да ја коригираат одлуката и да не дозволуваат да се работи спротивно на законот.

По расправата за приговорите на БЕСА, Државната изборна комисија отфрли два приговори на СДСМ за избирачки места во шестата изборна единица во Општина Теарце. Според приговорите таму имало преправани записници и имало несовпаѓање на бројките на гласачите со распределбата на гласовите. СДСМ има поднесено осум приговори.

Претходно повеќето од членовите на Комисијата за приговорите на БЕСА, сметаа дека се правно неосновани и дека за нив нема доволно докази.

„Приговори вака конструирани на некој начин го рушат целиот изборен процес. Не само да се каже, туку тврдењето треба да се докаже. Вие со ништо не докажувате дека имало такви неправилности“, рече Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА.

Според него, со таквите приговори само погрешно се информира јавноста за изборниот процес и се прават драми. Силвана Бонева, која е член на ДИК од ВМРО ДПМНЕ, пак рече дека приговорите се со цел БЕСА да се изврши измена на мандатите. По што настана расправа со членовите на ДИК кои доаѓаат од опозицијата и оние од ВМРО-ДПМНЕ со низа обвинувања за тоа кој, каде треба да гледа додека се обраќа и кој недостојно се однесува.

„Никој не прави драма и никој не сака да прави драма само ние сме должни по закон да утврдиме фактичка состојба правилно и целосно, во спротивно ќе има дамка на изборниот процес“, рече Игор Милев од СДСМ.

За осмиот приговор на БЕСА за гласањето во шестата изборна единица во Гостивар членовите на Комисијата постигнаа согласност на сослушување да претседателот и членовите на Избирачкиот одбор, како и да се донесе на увид избирачката кутија. Според наводите на БЕСА, во избирачкото место еден граѓанин не можел да го оствари своето право на глас, оти веќе некој друг гласал во нејзино име.

По паузата членовите на ДИК продолжија да расправаат по првиот приговор на СДСМ, но не беше донесена одлука, оти започна сослушувањето по приговорот на БЕСА.

Од БЕСА во меѓувреме реагираа дека со неприфаќањето на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ и е овозможено неправедно да добие еден пратенички мандат од втората изборна единица кој им следувал ним.

„Денес уште еднаш се потврди дека ДИК донесува одлуки со политички диктат, но беше многу болно да гледаш како албанските претставници во неа, тие од ДУИ, ДПА, и тој кој наводно е независен, го штитеа интересот на ВМРО ДПМНЕ и на Никола Груевски повеќе од самите претставници на Груевски во оваа комисија“, е наведено во соопштението на БЕСА.

ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG