Достапни линкови

Неизвесните изборни резултати во фокусот на дневниот печат


Луѓето гласаат на избирачкото место во Скопје, на предвремените парламентарни избори 2016 година

Началникот на кумановската полиција избегна да стане новиот Љубе Бошкоски, односно да биде уапсен веднаш по изборите за изборни нерегуларности. Неизвесните резултати од изборите се главна тема во дневните весници.

Изборите поминаа, следува период на политички театар – вака би можело во една реченица да се опишат случувањата од неделата наваму. Плус, се чини дека и овие избори го имаат својот Љубе Бошкоски. Само овој пат без апсење.

Утрински ги објави соопштенијата на Јавното обвинителство и на МВР: „Извршен претрес во домот на Величковиќ, не и приведување“ и „МВР: Не бевме информирани за претресот во домот на началникот на СВР Куманово“. Вечер објави: „Пронајдени податоци поврзани со злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба“. И Дневник со сличен наслов: „Величковиќ осомничен за давање пари за гласови во кумановското Ромско маало“. Инаку, началникот на СВР Куманово е именуван од опозицискиот министер за внатрешни, Оливер Спасовски.

„ДИК денеска ќе ја одржи седницата за одлучување по приговорите“ – насловува Нова Македонија, а оваа вест ја објавуваат и другите печатени медиуми. Она што заради технолошкиот процес весниците не успеале да го отпечатат, а го дознаваме од телевизиите, е дека вчерашната седница на ДИК е одложена за денеска затоа што ВМРО-ДПМНЕ почнала да повикува свои членови и приврзаници пред седиштето на Комисијата што се заканувало со нарушување на безбедноста. Деновиве ДИК е во центарот на вниманието на домашната и на меѓународната јавност поради големата неизвесност од тесните резултати од гласањето во неделата. Утрински објави дека „Чичаковски бара одлучувањето по приговорите да се пренесува преку собранискиот канал“. Весникот потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ преку Влатко Ѓорчев се закани дека „СДСМ сака да им ја украде победата“ и да „престанат да си играат со трпението на народот“, а дека истиот ден лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес конференција ѝ порача на власта „да не помислуваат да прават коалиции додека не бидат конечни резултатите“.

Вечер излезе со наслов: „СДСМ и Беса главни играчи за кражба на изборната волја на Македонците“, а Дневник насловува: „Заев не ги признава резултатите од ДИК“. Дневник како намерно да ја испушта информацијата дека објавените резултати се прелиминарни и дека претстои процес на приговори за евентуални нерегуларности.

Нова Македонија ги објавува забелешките на народниот правобранител дека имало „Заплашени административци, обесправени болни и затвореници“ и на посматрачите на МОСТ кој објави дека има „Сериозни индиции за неправилности“. За Вечер, пак, „Контроверзниот Дарко Алексов и МОСТ вршат притисок врз ДИК“.

Слободен печат, со фотографии на Ѓорчев и на амбасадорот Бејли објавува двосмислен наслов со англискиот збор „дик“: „Немој ти на мене ДИК!“

По средбите на водачите на трите помали опозициски партии на македонските Албанци со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, Вечер инсинуира: „Дали Тирана ќе ја определи власта во Македонија?“ и наведува: „Ахмети одбил да се сретне со Рама, другите отрчаа“. А во меѓувреме, статистичката служба на ЕУ, Евростат, објави дека „Куповната моќ во Македонија е 41% од просекот на ЕУ“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG