Достапни линкови

Недоречени закони за тендери во четири очи


Архивска фотографија - Отворање на понудите пристигнати по јавен тендер за набавка на сто полициски возила.

Во изминативе пет години над 250 милиони евра потрошиле институциите за склучување на договори за јавни набавки без при тоа да објават оглас, покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации.

Крајна итност, недостаток на конкуренција, дополнителни работи и технички или уметнички причини поради кои договорот може само еден понудувач да го спроведе се оправдувањата што ги користат институциите кога склучуваат договор за јавна набавка без да објават оглас.

Само во изминативе пет години институциите потрошиле над 250 милиони евра за склучување на договори за јавни набавки, без при тоа да објават оглас покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации. Нетранспарентноста во ваквите договори отвора сомнеж зошто баш одредена фирма го добива договорот. Невладините организации кои се занимаваат се мониторирање на јавните набавки често предупредуваат за злоупотреба на законските основи за спроведување на нетранспаренти постапки.

Последниот пример е договорот за санација на скопската обиколница во вредност од 2,7 милиони евра кој го доби Трансмет во постапка без објавен оглас поради крајна итност, повторно го отвора прашањето за проблематичните јавни набавки, вели Ана Јаневска - Делева од Транспарентност Македонија.

„Ако се навратиме на тоа кога се склучи поплавата и кога се уништи патот имаше доволно време да се распише јавна набавка, односно да се објави оглас и да се направи тоа на потранспарентен начин и да се најде подобра цена. Е тоа е многу голем проблем во Македонија, затоа што сега ќе бидеме сведоци на повторно потпишување на анекс договори и искачување на онаа првична сума на која е склучен договорот а со тоа голема е веројатноста дека и корупцијата односно процентите кои ќе се земат ќе бидат многу поголеми, што е висока корупција, вели Јанева Делева.

Инаку фирмата Трансмет чии генерален директор е сопственикот на Телевизија Нова Сеад Кочан веќе работи и на втората делница од автопатот Кичево-Охрид. Станува збор за договор за кој дел од медиумите шпекулираат дека е под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Инспектори по наредба на СЈО пред неколку месеци влегоа во Агенцијата за државни патишта каде бараа документи поврзани со изградба на неколку автопати поврзани со кинески кредити и компании.

Според дата-базата на Бирн „Скопје 2014 под лупа“ Трансмет ги изведуваше и градежните работи за Фонтаната на плоштад Македонија и фасадите во централното градско подрачје во вредност од речиси пет милиони евра.

Брзаме да ја санираме обиколницата и затоа одлучувме наместо со објавување тендер да склучиме договор по пат на преговарање без оглас поради крајна итност. Ова е одговорот што вчера го даде Министерството за транспорт во име на Јавното претпријатие за патишта за санација на обиколницата.

По речиси три месеци поминати од поплавата, се носи одлука за санација на обиколницата, време доволно за преговори со пет компании, но не и за распишување тендер. Барем така велат од Министерството кое наместо претпријатието им одговара на медиумите во писмена форма.

„Имено, Јавното претпријатие не можеше да ги предвиди настаните кои доведоа до крајна итност затоа што се предизвикани од објективни околности на кои не можеше да се влијае“, е наведено во писмената реакција на Министерството.

Според законот, институциите мора да внимаваат кога го користат овој правен основ, затоа што е дозволено да се користи само кога итноста е толку екстремна, што не може да се почитуваат роковите за редовните постапки, дури ни скратените рокови. Но, во законот не е прецизирано што значи екстремна итност, што остава место за злоупотреба вели Јанева Делева.

„Така е напишан овој член да отвори едно широко поле во кое што може институциите да прават некои дилови како што нив им одговара. Сепак треба повеќе да се прецизира“, вели Јанева Делева.

Според законот за јавни набавки, рокот за пријавување на тендер поради итни причини може да се скрати до најмногу 12 дена доколку вредноста на тендерот е помала од 4 милиони евра, по што во рок од најмалку еден месец може да се разгледаат понудите и да се спроведе транспарентна тендерска постапка со објавување на оглас.

Најголем број на договори склучени без оглас Центарот за граѓански комуникации при мониторингот на јавните набавки забележал во 2013 година каде се потрошени 97,3 милиони евра за тоа. Според нивниот извештаj, во 2015 година склучени се договори за јавна набавки без објавување на оглас во вредност од 29 милиони евра што е двојно помалку од претходната година. Минатата година по основа крајна итност институциите склучиле договори со фирми без да објават оглас во вредност од 9,6 милиони евра. Оправдување за најголемиот лански договор склучен без оглас е за дополнителни работи за објектот Градска куќа во вредност од 3,2 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG