Достапни линкови

Власта ја легитимира корупцијата


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Антикорупцискиот амбиент целосно затаи, а на таа сметка почна да царува корупцијата во секој сегмент на општественото постоење што најмногу загрижува, истакнуваат експертите.

Аудио снимките што ги објaви опозицијата јавно ја обелоденија долгогодишната теза на која укажуваа експертите дека корупцијата станува сериозен проблем во владата.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија, вели дека корупцијата кај нас стана проблем особено од 2007 година, кога институциите кои се најповикани за борба против корупцијата почнаа да не ја работат својата работа. Тие станаа многу толерантни за состојбите со корумпираноста и престанаа да ги применуваат законите и да водат постапки за случаи за кои постоеја сериозни индиции за постоење на корупција, било да станува збор за случаи на јавни набавки, финансирање на политички кампањи или имотна состојба на високо функционери, вели Тасева.

„Се намали целосно сè она што се вика одговорност, отчетност и транспарентност. Антикорупцискиот амбиентот целосно заати, а за таа сметка почна да царува корупцијата во секој сегмент на општественото постоење. Политичката корупција и корупцијата во трошењето на буџетски пари и влијанијата при вработувањето станаа секојдневие. Сето она за што се залагавме и сметавме дека е составен елемент на системот и ефективните мерки против корупцијата затаија. Да не зборувам за обвинителството и обвинителството за организиран криминал и сето тоа доведе до ситуација да се случуваат непречено сите работи што ги слушнавме во бомбите. Сега велиме почнувајќи од бомбите, зошто тогаш се освестивме што се случувало во сите овие години кога намерно се замолчуваа сите институции кои се тука за борба против корупцијата“, изјави Тасева.

Боја за Антикорупциска и споменик „пералница за пари“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Според поранешниот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, Драган Малиновски, нема пора во општеството каде што корупцијата не е инсталирана и тоа е така зошто долги години ја губиме битката со овој проблем.

„Корупцијата е длабоко навлезена, не само во владата, туку во сите пори на општеството. Не зборуваме само за извршната власт, институциите, туку корупцијата веќе е прифатена како дел од културата на живеење, од аспект дека нема пора во општеството каде таа не е инсталирана. Тоа е така, зошто подолги години ја губиме битката со корупцијата присутна е во извршната власт, јавни претпријатија, но и во медиумите, граѓанскиот сектор е проблематичен, така што потребен е сеопфатен приод“, вели Малиновски.

Она што најмногу загрижува, како што истакнуваат експертите, е замижувањето пред коруптивните процеси кој биле очигледни пред очите на јавноста, тие ги земаат за пример последните владини проекти кои кај граѓаните предизвикаа негодување и протести барајќи отчет за потрошените пари. Деновиве сме сведоци за обојување на новите споменици и мостови за кои беа потрошени голема сума на пари, тој факт најмногу ги револтира граѓаните.

Демонстрантите против државниот грабеж
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:28 0:00

„Ако зборуваме за институциите надлежни за ова, пред се ЈО, затоа што е најповикано да делува на сите укажувања. Пишувавме за трошење во СК 2014, за незаконитоста во одредени постапки, тие неизреагираа. Антикорупциската Комисија отиде уште подалеку, наоѓаше начин да ги оправда и аминува сите работи кои ги гледавме дека беа корупцијата и со тоа тие стана соучесници во корупцијата и таа толку многу се разграни што ја зароби државата“, вели Тасева.

Улогата на Комисијата за спречување на корупцијата, како што нагласува Малиновски, мора да биде во насока на промовирање на здрави политики кој подразбираат проактивен однос во делот на повикување на транспарентност за целиот процес на одлучување.

Политиката во Македонија има долги раце и директно интервенира речиси во сите сегменти од општествениот живот. Експертите велат дека непотизамот, односно пријателските и роднинските врски, како и партиската препорака при вработувањето во јавната или државната администрација го истиснуваат квалитетот во институциите и тоа води кон одлив на мозоци особено меѓу младите луѓе барајќи вистински вреднувања.

Експертите истакнуваат дека во државава не постојат мерливи податоци за корупцијата во приватниот сектор, но дека доволен показател за нејзината евидентност се сивата економија и невработеноста. Посебно апострофирани институции за кои граѓаните сметаат дека се најподложни на корупција се царината, судството и здравството вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.

„Стана практика кога гледаме дека оние што треба да се борат против корупцијата не преземаат никакви мерки, тогаш што останува за обичните граѓани кои сметаат дека тоа е вообичаено и сметаат дека за да завршат некоја работа треба да дадат нешто. И последните настани потврдуваат дека институциите не се справуваат, а Агенцијата за борба против корупцијата не треба да постои. Минатата година беше направено истражување и беше посочено дека во здравството и судството има највисок степен на корупција“, вели Јаневска Делева.

Филозофите кој одат чекор посуштински во разгледувањето на проблемите со корупцијата создаваат мнение дека граѓаните не треба да бидат плен кои ефтино може да се купи на пазарот на трудот со кој за плати во висина од петнаесет илјади денари да речат не на праксата што со години го поткопува целиот систем во државата при тоа губејќи го основното човеково право, слободата на одлучување.

„Работата е како де не може власта да го корумпира народот. Овој народ е апсолутно корумпиран. Зборуваме од сегментот да му дадете 15 илјади денари плата и да биде среќен со тоа, па од највисок степен бизнисмени и фирми да им дадете зделки да градат мостови, споменици итн. Сето тоа е корупција. И тоа оди во насока на тоа дека буквално од луѓето да создавате егоисти“, вели професорот на Филозофскиот факултет, Ристо Солунчев.

Солунчев: Народот стана како Лојд од „Глупав и поглупав“
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:13 0:00

Во најновиот извештај на америкаснкиот Стејт Департмнет за човекови права се вели дека изминатата година имало кредибилни извештаи дека Владата се меша во судски случаи во кои се вклучени високи фунционери и посочува дека полициската и судската корупција се голем проблем за државата. Со последната одлука на Иванов со која се аболицираа лица кои се предмет на истрага во врска со скандалот со прислушувањето, странците посочија дека со имплементирање на оваа одлука која ги штити корумпираните службеници и високи политички функционери директно се скратува правдата на сите граѓани во државата. И амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав истакна загриженост дека корупцијата во бизнисот ја поттикнува и зајакнува корупцијата во владата и политичкиот систем, а дека доказ за тоа е поврзаноста со сиромаштијата. Тој посочи дека колку земјата има повисока сиромаштија толку е поголема стапката на корупција. Меѓудругото истакна дека корупцијата води кон одлив на мозоци и стагнација на државата.

Зошто корупцијата е тероризам?

Луѓето се лути за она што тие го чувствуваат како манипулаторски систем. И лутината им станува се поголема. Ова го изјави американскиот државен секретар Џон Кери при обраќањето на глобалната конференција за борба против корупцијата што деновиве се одржа во Лондон. Глобалниот дострел на корупцијата, која е злоупотреба на јавната функција за приватна корист, сега бара глобални решенија.

Гоце Атанасов

Според Џон Кери, корупцијата е исто што и непријател од на пример екстремниот тероризам и таа ја уништува вербата во легитимната власт.

Домаќинот на конференцијата, британскиот премиер Дејвид Камерон оцени дека корупцијата е во срцето на економската нестабилност и сиромаштијата и оти денес е еден од најголемите непријатели на прогресот.

Меѓународниот монетарен фонд, пак, смета дека корупцијата ја поткопува довербата во лидерите и етичките стандарди. ММФ проценува дека корупцијата годишно голта два насто од вкупното светско богатство. Но, корупцијата е и нешто повеќе од поткуп. Таа претставува грабеж на националните ресурси и таен трансфер на украдените пари во други земји. Ваквиот грабеж води кон политички пресврти, веќе видени во Украина, Бразил, Филипините. Се смета дека културата на корупција поттикнува избегнување на плаќање данок и води кон насилство и граѓански војни. Лидерите се повеќе признаваат дека корупцијата е закана за развојот, за човечкото достоинство и глобалната безбедност.

Повеќето земји се согласуваат дека треба да се воспостават јавни регистри на фирми со цел да се има контрола врз нивните активности. Но, како што велат експертите во борбата против ова зло, решавањето бара многу промени во практиките и процедурите, но и во културите на одделни земји. Корупцијата е вткаена низ културите и низ историјата. Егзистира колку што егзистира власта, но како и другите злосторства, таа стана премногу софистицирана во последните неколку децении, со разурнувачки ефекти врз благосостојбата и достоинството на невините граѓани.

Тенката линија меѓу корупцијата и тероризмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:01 0:00

Кога измамата со јавни набавки е неконтролирана, или надоместокот за природните ресурси е украден, или приватниот сектор е монополизиран од тесна мрежа на блиски пријатели, населението не може да го оствари својот потенцијал. Но, корупцијата има и друго, многу помалку признато влијание. Како што граѓаните ги гледаат нивните лидери да се богатат врз нивниот грб, тие стануваат се поразочарани и полути, што може да води кон граѓански бунтови и насилни конфликти.

Многу сегашни меѓународни безбедносни кризи израснаа врз оваа динамика. Индигнацијата од надменото однесување на еден корумпиран полицаец поттикна еден продавач на овошје во Тунис да се самозапали во 2010 година што предизвика бран револуции низ Арапскиот свет. Јасно е дека мора корупцијата да биде предизвикана. Она што е помалку јасно е како да се стори тоа. Во свет со конкурентски барања, таа изгледа најдобро им служи на корумпираните влади. Додека едни распоредуваат војници во борба против тероризмот, други на терористите им обезбедуваат енергетски извори или пристап до суровини.

За да се детерминира најдобриот пристап во секој специфичен случај владите мора поефикасно да го анализираат проблемот, што значи подобрување на собирањето разузнавачки и други податоци. Владите мора да ги проучуваат овие активности и нивните последици на ист начин како да го проучуваат транснационалните криминални или терористички организации. Програмите мора да бидат кроени за да обезбедат финансиски средства кои нема да бидат плен на клептоманските елити. Сепак, најмногу може да се постигне дома и тоа од почеток, односно од едуцирање на децата за овој криминал.

Друга важна алатка во борбата против корупцијата може да биде технологијата која може да ги редуцира можностите за злоупотреби, да ги охрабрува луѓето да ги пријавуваат илегалните зделки и да ја зголемат транспарентноста и одговорноста на владите. Тука пред се станува збор за електронска евиденција или електронски плаќања. Ниту една од овие сугестии нема да биде лесно да се спроведе. Но, сите заедно ја зголемуваат надежта дека корупцијата може да се ограничи.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 21 мај годинава.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG