Достапни линкови

Дневен печат – Истраги на СЈО и неофицијален старт на предизборната кампања


Архивска фотографија: Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на Седница на собраниската Комисија за политички систем

Упадот на СЈО во УБК и опструкциите со кои се соочува се на насловните страници на дневните весници. Тие пишуваат и за неофицијалниот старт на предизборната кампања, како и за патните трошоци на поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, а сега членка на ДИК, Силвана Бонева.

Дали е на повидок нова игра на судовите со СЈО – демек тие издаваат наредби, ама СЈО е нестручно да работи со системот на УБК за прислушување? „СЈО влезе во УБК“ – Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека „И по 12 часа во УБК нејзините соработници не наидуваат на соработка и истрагата е на мртва точка“ и дека Чавков изјавува дека „е неопходен експерт за системите“.

Нова Македонија со истата изјава на Јанева: „По 12 часа, уште тапкаме во место“.

Вечер ја нема основната вест, но ја објавува изјавата на Чавков дека „Системот не е во сопственост на УБК и МВР, само овластено лице на операторот Ериксон може да пристапи до него“ и на Андонов дека „Поради нестручноста и неподготвеноста на СЈО и Јанева се доведе во прашање националната безбедност“.

Во меѓувреме, предизборната трка почна. Утрински објавува дел од првите комбинаторики на партиите: „Пендаровски против Груевски, Тодоров против Заев?“

Вечер вели дека „ВМРО-ДПМНЕ тргна силно: Функционерите на терен, штабовите полни – она што во неделата на големиот народен собир пред околу 40 илјади граѓани го кажа лидерот Груевски, почна да се реализира“.

И Дневник го цитира Груевски од тој собир: „Дојде време за избори и за крај на кризата“. Истиот весник објави и информација со следниов наслов: „Партиска војна со соопштенија: СДСМ: Вистинската анкета ќе следува на 11 декември“.

Утрински ја поставува дилемата: „Ќе пукнат ли ‛бомби‛ на кандидатските листи – по суптилните пораки на дипломатите околу кандидатурите, прашање е дали дел од личностите што беа дискредитирани со прислушувањето ќе се појават на листите за пратеници“.

Слободен печат со своја неофицијална информација: „Тројца пратеници го напуштаат ВМРО-ДПМНЕ – Мениците можете да си ги пикнете во задникот!“

Има поместувања и меѓу партиите во албанскиот партиски кампус: „Движење за реформи-ДПА на Зијадин Села, Унитети на Весел Мемеди и НДП на Г’зим Острени потпишаа договор за заеднички настап на претстојните вонредни парламентарни избори“ - информираат Утрински и Дневник.

Инаку, довчерашната пратеничка Силвана Бонева изгледа попушти пред притисокот на јавноста, пишува Утрински кој објаснува дека Бонева, која за шест месеци како член на ДИК зела 12 илјади евра за патни трошоци, се откажала од надоместокот за јули и август. Во истиот весник читаме и дека Собранието според досега објавените податоци, исплатило 7,4 милион евра за патни трошоци на пратениците.

Дневник и со една тема надвор од предизборието: „Двете членки на ЕУ никако да се договорат чии сме: Бугарите молчат кога Павлопулос вели дека ‛Македонија е грчка‛“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG