Достапни линкови

logo-print

Јанева упадна во УБК


Архивска фотографија - Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство, 15 септември 2016

Архивска фотографија - Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство, 15 септември 2016

СЈО утврдува дали се прислушувало до УБК или тоа биле странски служби. Откако од УБК не им ги дале решенијата за посебните истражни мерки и сите снимени разговори од 2008 до 2015 година, СЈО влегло во Управата со судски наредби.

Специјалното јавно обвинителство вечерва соопшти дека продолжуваат со работата во Управата за безбедност и контраразузнавање, но дека се соочуваат со опструкции во нивните барања да добијат специфични информации од тајната полиција.

„И покрај првичната соработка дојдовме до момент на опструкција да прибавиме специфична информација и докази врз основа на судската одлука. Се работи за специфична информација која е круцијална за нашето работење“, се вели во соопштението.

Претходно тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со две судски наредби влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање во потрага по одговори на прашањата: Кој? и Како? - прислушувал.

Јанева пред вратите на Министерството за внатрешни работи изјави дека соработката со преставниците на УБК оди тешко и дека директорот на Управата, Владимир Атанасовски не сакал да ги предаде документите поврзани со сите прислушувани материјали од 2008 до 2015 година. Таа посочи дека на средбите присуствува и директорот на Бирото за јавна безбеднот Митко Чавков и други полициски службеници. Таа додава дека од УБК со месеци наназад ги бараат сите решенија за посебните истражни мерки и сите снимени разговори од 2008 до 2015 година.

„Влеговме во УБК, во наредбите стои дека треба да ги преземеме сите ПИМ кои се доставени од страна на судовите, решенијата за ПИ мерки од 2008 до 2015 година и сите разговори кои ги имаат снимено во тој период. Се уште работиме на тоа, соработката оди тешко, директорот на УБК одбива да постапи, во исто време постојано е присутен, не знам по кој основ, господинот Чавков. Други полициски службеници доаѓаат и излегуваат, не можеме да знаеме кои се, но ве уверувам дека јас со мојот истражителски тим и со моите обвинители остануваме до крај, додека не ги извршиме судските наредби“, рече Јанева.

Таа внатре е со тројца обвинители, а се очекува да дојдат уште неколку обвинители и истражители. Таа додаде дека веќе се прават смени и дека нема да си заминат од УБК сè додека не ја завршат оваа работа која е приоритет.

На средбата со директорот Атанасовски и вработените во УБК, се дискутира за начинот на кои УБК треба да им ги предаде документите и дека претходница на овие судски наредби биле упорните барања на СЈО да им бидат доставени сите документи кои ги поседуваат за прислушувањето од 2008 до 2015 година. Откако не им биле доставени во рок од шест месеци, СЈО по судските наредби ги води овие истраги во УБК, рече Јанева.

„Од 8 март наваму баравме доброволно да ни ги достават, не ни ги доставија, денеска влеговме со судски наредби, друго е во предистражна постапка. Се знае нашиот мандат, се работи за тоа кој, како и на каков начин се прислушувало во Република Македонија, дали се прислушувало во УБК или дали се странски служби, тоа го утврдуваме во овој момент,“ истакна Јанева.

Таа изјавата ја даде на паузата која, како што вели, ја побарале вработените во УБК за да оддржуваат состанок. Денешниот увид во УБК е поврзан со неколку предистражни постапки и истраги кои се однесуваат на прислушувањето, како на пример предметот „Тврдина“, каде станува збор за уништувањето на опрема за прислушување. Во овој предмет првоосомничен е поранешниот началник на Петта управа на МВР Горан Грујевски, а трето осомничена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Понатаму со скадалот прислушување е поврзано и обвинието „Пуч“ каде што меѓу обвинетите е лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот прв човек на разузнавање Зоран Верушевски.

Новиот директор на УБК Владимир Атансоски кој се противи на, како што вели Јанева, барањето да се достават информациите до СЈО е на таа функција не повеќе од два месеца.

Во однос на скандалот за прислушување во извештајот на групата експерти предводени од Рајхнард Прибе е наведено дека прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата според квалитетот, опсегот и бројноста се се направени во просториите на разузнавачката служба, со што се направени нелегално надвор од судска и законска постапка. Во извештајот е нотирано дека причините за одолговлекувањето на скандалот со прислушување треба да се бараат во концентрацијата на моќта во националната безбедносна служба и во злоупотребата на механизмот за надзор над УБК. Според Прибе опсегот на незаконското снимање на разговорите, концентрацијата на моќта во рамките на УБК, широките надлежности во мандатот на УБК кои дополнителни биле надминати и дисфункционалноста на надворешниот надзорен механизам резултираа со бројни прекршувања на законите и правата на граѓаните во Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG