Достапни линкови

Поплавените бараат побрзо расчистување


Ден на жалост и собирање хуманитарна помош за поплавените
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:09 0:00

Ден на жалост и собирање хуманитарна помош за поплавените

Делови од Ченто, Стајковци, Инџиково и Црешево сè уште немаат електрична енергија и стрпливо чекаат пумпи кои треба да го испумпаат вишокот вода.

Нема новоповредени во синоќешното невреме во скопскиот регион, но последиците од големите поплави сè уште се видливи. Улиците кои водат до скопската населба Сингелиќ се проодни, но водени. Водата во некои од куќите што беа најмногу зафатени од поплавите достигнува до метар и половина. Делови од Ченто, Стајковци, Инџиково и Црешево сè уште немаат електрична енергија и стрпливо чекаат пумпи кои треба да го испумпаат вишокот вода. Еден од жителите на Сингелиќ, чија куќа беше погодена во поплавите, вели дека во моментот немаат никакви услови за живот.

„Апелирам до Владата и сите други надлежни институции да ни помогнат да се испумпа водата од нашите куќи за да можеме да ја изнесеме надвор покуќнината и да започнеме со поправките. Немаме никакви услови за живот. Струја нема, водата е загадена, немаме храна, единствено што ни остана е облеката на нас“, раскажува Ејуп Бектеши.

Последните информации од МВР говорат дека во моментот нема исчезнати лица. Бројот на жртвите останува 21, а повредени се над 70.

„Меѓутоа колегите се сè уште на терен, сè уште се работи, сè уште се пребарува теренот. Колегите ни кажаа дека сега, сè уште до овој момент нема пријави за исчезнати лица“, информира Лиза Бендевска од МВР.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски денеска ги посети погодените подрачја, каде што одржа координативен состанок со претставници на месните заедници, Армијата и Центарот за управување со кризи. Неделчо Крстевски од Град Скопје вели дека месните заедници ги пријавуваат проблемите.

„Ќе се делува така што се распоредува и механизација на терен, таму каде што е потребно. Кај се потребни пумпи - пумпи, машини, скипови, потребни се и големи машини и мали. На одредени места нема електрична енергија. Со самото немање на струја, пумпите не работат. Не може да се оспособат зашто цели трансформатори се под вода. Сега се обидуваме со агрегати да ги оспособиме, за да почнат пумпите да работат и да ја исцрпат водата“, вели Крстевски.

Од градот информираат дека во моментот многу вода има во скопското село Инџиково, а каналот за одводнување таму повторно е наполнет од синоќешните врнежи од дожд. Жителите добиваат помош во храна, ќебиња, вода во месните заедници, и во најблиските училишта.

Сингелиќ и денеска под вода
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:34 0:00

„Црвениот крст на град Скопје во изминатите 48 часа е присутен со 40 лица на терен, поделени во неколку тимови. Се прави проценка на местата што е тоа што е потребно, што треба да се дистрибуира и како да се одговори. Досега се поделени 2500 пакети со храна, односно 10 илјади луѓе се опслужени со храна и некаде околу 5,5 тони вода. И во тимовите коишто излегуваат на терен се присутни и лица кои се парамедикуси и медицинските лица кои на загрозените кои се болни им ја даваат соодветната терапија“, велат од Црвен крст на град Скопје.

Оттаму додаваат дека согласно информациите добиени од терен да се донираат следниве артикли: конзервирана храна, бебешка храна и пелени, вода за пиење, средства за хигиена и средства за дезинфекција. Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток, Скопје од 8 до 18 часот.

На социјалната мрежа Фејсбук активно и континуирано функционира групата Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје. Граѓаните коишто ја водат оваа иницијатива за помош на настраданите и санирање на штетите во настраданите подрачја апелираат до сите граѓани коишто се активни на мрежата и сакаат да помагаат и континуирано да се во тек со сите случувања и потреби од граѓански активизам, да се зачленат во јавната група.

Во наредните 15 дена според одлуката на Владата, скопскиот и тетовскиот регион остануваат кризни места.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG