Достапни линкови

Засилена контрола врз транзитот на мигрантите


Мигранти во Гевгелија.
Мигранти во Гевгелија.

Нужна е соработка на Македонија со државите од соседството, пред сè со Грција, за што треба да помогне и ЕУ.

Потребен е сестран приод на безбедносните институции во Македонија со цел да се обезбеди позасилена контрола на границата, коментираат експертите по крвавите настани во Париз. Според професор Марина Митревска од Институтот за одбрана и мировни студии, тоа значи дека треба да се ангажираат повеќе институции, покрај МВР и Министерството за одбрана, со цел Македонија да направи превенција и контрола на влезот и целиот транзит на мигрантите до излезот од нашата држава.

Треба на граничниот премин, односно во граничниот појас, да се вклучат повеќе единици на војската и полицијата, помогнати со УНХЦР.
Марина Митревска, Институт за одбрана и мировни студии.

„Треба на граничниот премин, односно во граничниот појас, да се вклучат повеќе единици на војската и полицијата, помогнати со УНХЦР. Силите што ќе ги определи УНХЦР се во интерес на сеопфатен пристап во нивно легитимирање и проверка на сите податоци до кои имаме можност да дојдеме“, вели таа.

Со цел зачувување на безбедноста на нашата држава, ваквиот потег треба да значи и вклучување на капацитетите на агенциите за разузнавање и воено разузнавање, додава професор Митревска. Нападите исто така ги потенцираа несогласувањата околу бегалската криза во Европа. Експертите забележуваат дека нужна е и соработка на Македонија со државите од соседството, со посебен акцент на соработка со Грција. Таа несоработка ја констатира и ЕК. Во извештајот е запишано дека е потребна соработка, не само за зачувување на безбедноста на двете држави, туку е во интерес и на контролата на мигрантите кои заминуваат во државите во Западна Европа.

„Терористичкиот напад во Париз е само една потврда дека и ЕУ и Грција не ја учи лекцијата и едноставно мора да излезе во пресрет, мора да се одобри европска гранична служба ФРОНТЕКС која би ни помагала и нас во легитимирањето и воопшто во контрола на бегалците низ целиот тој појас од Грција преку Македонија, Србија и Хрватска, Словенија итн.“, вели таа.

Инаку на седницата на Советот за безбедност до која дојде по терористичките напади во Париз во еден од заклучоците беше наведено дека доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG