Достапни линкови

Пари за гасификација или за буџетски дупки


Владата се задолжува во комерцијални банки наместо да земе поповолни кредити од финансисики институции, затоа што не сака контрола.

Владата сака да се задолжи 90 милиони евра во комерцијалните банки Дојче и Ерсте банк за изградба на првиот дел од гасификацијата на делниците Штип – Неготино - Битола и делницата Скопје - Тетово - Гостивар. Рокот за повлекување и исплата на парите е 7 години со вклучен грејс период од 3 години.

Владата на Груевски никогаш не сакала да случи аранжмани со ММФ, ниту со Светска Банка, затоа што не сакаат воопшто контрола.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Претходно беше најавено дека со клириншкиот долг, со кој Русија на Македонија наместо да ги исплати 60 милиони долари ќе инвестира во изградба на 60 километарската траса од Клечовце до Штип, а Македонија ќе ги доплати останатите 15 милиони долари од буџетот.

Првата фаза од гасификацијата што ќе биде финансирана од кредитот од 90 милиони евра, значи продолжување на трасата од Штип кон Битола преку Неготино.

Економските аналитичари се сомневаат дека парите позајмени од Дојче и Ерсте банк во целост ќе се искористат за првата фаза на гасификација. Тие сметаат дека гасификацијата е само една маска која служи за задолжување со цел покривање на буџетските дупки.

Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски вели дека владата не сака да се задолжува во финансиските институции како Светска банка, ММФ или, пак, на пример Европската банка за обнова и развој, затоа што сака да ја избегне контролата која ја наметнуваат овие институции чии пари е неопходно наменски да се потрошат.

„Тоа што владата избегнува да има контрола врз трошењето на буџетот. Приватните односно таканаречените комерцијални банки инвеститори не ги интересира какви реформи спроведува Владата, ниту каква е политиката на Владата, туку нив ги интересира единствено заработката на пари, додека меѓународните финансиски инвестиции спроведуваат контрола врз начинот на трошењето на буџетските средства во државата.“

Тој додава дека Владата парите ќе може да ги користи и за буџетска поддршка иако ќе бидат наменети за гасификација. Она што е дополнително е штетно за граѓаните е што комерцијалните банки имаат повисоки каматни стапки, објаснува Најдовски.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека Владата на Груевски откако е на власт го избегнува задолжувањето кај финансиските институции.

„Тие не склучуваат аранжмани со на пример Меѓународниот монетарен фонд каде што ќе мора да се прилагодат и средствата да ги користат наменски. Истото важи и за Светска банка иако и тие во последно време станале поеластични во однос на порано. Владата на Груевски никогаш не сакала да случи аранжмани со ММФ, ниту со Светска Банка, затоа што не сакаат воопшто контрола.“

Министерот за финансии Зоран Ставрески на една од собраниските седници посочи дека Владата ја донела одлуката за заем од комерцијални банки затоа што процедурата со Светска банка се одолжила, односно процедурата преку овие банки е побрза, а динамиката предвидена со првата и втората фаза не може да чека.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG