Достапни линкови

Николов - Нереален и неразвоен буџет


Николов - Нереален и неразвоен буџет
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Николов - Нереален и неразвоен буџет

Буџетот е неразвоен и нереален, бидејќи нема да се оствари планираниот економски раст, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет и пратеник на СДСМ Марјанчо Николов. Според него, на Македонија и е потребен раст од 6 до 7 проценти.

Господине Николов во Собранието во тек е расправата за буџетот за наредната година. Изјавивте дека буџетот е неразвоен и нереален. На што ги базирате таквите тврдења?

Таквите тврдења ги базираме пред сè на претходната пракса при презентирањето на буџетите од изминатите години во Собранието, кога владата постојано излегувала со оптимистички проекции за растот на БДП-то, нo на крајот на годината се пoтврдувало дека тие не се реализираат и не се остваруваат и се случувало при неостварување на тие предвидени стапки на раст, владата да посегне по зголемување на буџетскиот дефицит, односно задолжувањето на граѓаните на Република Македонија. Плус на тој аргумент го темелиме аргументот што и буџетот еве за 2015, иако беше предвидена стапка на раст од 3,5 проценти, гледаме дека во првото полугодие на 2015 година просечната стапка на раст е 2,9 проценти, значи се доведува во прашање остварувањето и на стапката на растот предвидена за оваа година и затоа сметаме дека 4 проценти, колку што предвидува власта за наредната година, ќе биде тешко остварливо. Дополнително на тоа е тоа што е изборна година каде што знаме дека голем дел од процесите воопшто во државата и во економијата се стопираат или компаниите се воздржуваат од нови инвестиции, нови работни места, чекајќи го исходот од изборите за видат како ќе бидат понатаму политиките, кој ќе ја добие власта, едноставно на тие наши претпоставки велиме дека и буџетот за 2016 година, посебно делот каде што е предвидено раст од 4 проценти е нереален.

Со овие стапки на раст, под услов ЕУ да расте со постојното темпо, Македонија не може во наредните 50 години да го достигне стандардот на ЕУ. На Македонија ѝ требаат стапки на раст над 6-7 отсто за да може да се придвижи животниот стандард на граѓаните.

Како да се постигне тој раст?

Главен двигател на развојот треба да биде приватниот сектор и треба да му се даде поголема поддршка. Парите од буџетот во голем дел треба да се насочат кон малите и средните претпријатија и да се направи, евентуално, стратегија повеќе пари да останат во приватниот сектор. Едноставно тој да биде носител на развојот. Не Владата да вели со кредити градиме патишта, што е добро и тоа е предуслов за развој, но да се менува полека улогата на Владата на пазарот, да се намали, а на сметка на тоа да се зголеми улогата на приватниот сектор и на стопанството на пазарот. Така ќе креираме и повеќе раст и нови работни места, а со тоа ќе ги покачуваме и стапките на раст.

Владата најави дополнителни средства за технолошко-индустриските развојни зони. Колку е оправдано да се издвојуваат нови трошоци кога сè уште не се знае ефектот од странските директни инвестиции во зоните?

Владата вложува значителни средства и за развој на технолошко индустриските развојни зони и во рекламирање на Република Македонија по меѓународни медиуми, еве за 2016 година за таква економска промоција и маркетинг се предвидени дури 12 милиони евра по меѓународните пишани и електронски медиуми. Од друга страна, имаме изјава на еден странски инвеститор којшто кажа дека од државата добил помош од околу 17 милиони евра и она што е малку покарактеристично е тоа што неговата изјава вели – да бевме во Белгија, фирмата ќе пропаднеше. Откако дојдовме во Македонија фирмата се спаси. Но, тоа спасување на фирмата се должи и на државната помош којашто ја дава државата, но и на ниските плати кои тие странски компании ги исплаќаат на вработените и коишто се движат меѓу 150 и 200 евра, што е релативно ниско во однос на платите што ги даваат во своите земји. Добро е да има странски директни инвеститори, но колкава е државната помош, тоа мора да се објави, тоа се пари на македонските граѓани. Да видиме дали таа државна помош соодветствува на ефектите од странските инвестиции, бидејќи во овој момент освен платите на вработените и дел од соработката што ја имаат со македонските компании, најголем дел од странските инвеститори профитите што ги остваруваат не ги реинвестираат во Македонија, ги изнесуваат во своите матични земји.

Владата планира да продолжи со политиката на задолжувања и на странски и на домашен пазар. Дали е проблематична висината на задолжувањата, бидејќи власта се оправдува дека сме ниско задолжена земја, или намената на тие пари?

Проблематично е и едното и другото. Значи прво ние не го знаеме реалниот износ на јавниот долг, сметаме дека има многу скриени долгови кои не се прикажани, посебно во делот на општините. Сведоци сме дека нема општина во Република Македонија којашто не должи за превоз на ученици, за струја во некои училишта и тие долгови не се прикажани во јавниот долг. Кај дел од јавните претпријатија исто така имавме ситуација долговите на јавните претпријатија спрема државата да се претвораат во траен влог, што значи се бришеше тој долг и ние сметаме дека во овој момент прикажаниот јавен долг од 43,7 проценти од БДП не е реален и дека е повисок. Впрочем, укажувањата на ММФ фонд и Светска банка одат во насока Македонија да го намалува задолжувањето, да го скратува буџетскиот дефицит, бидејќи проценуваат дека ако ваквото темпо продолжи ќе се доведеме во една опасна зона во која ќе нема простор за нови задолжувања, а ќе треба сè повеќе пари да се враќаат за старите кредити. А околу намената на задолжувањата ги оправдуваме сите задолжувања кои се за инфраструктура и за енергетски објекти, а не можеме да прифатиме задолжувања коишто се однесуваат на одредени непродуктивни расходи или трошења кои претставуваат еден комодитет на владата за поголем раскош, а тоа да нема ефекти врз економијата.

Дел од експертите велат дека дел од ветувањата во „Визијата за Македонија“ се реални, но дека има и такви во функција на собирање гласови. Односно дека заличувате на ВМРО-ДПМНЕ. Колку има вистина во тоа во однос на економските ветувања?

СДСМ со „Визијата за Македонија“ нуди еден многу поразличен концепт во делот на трошењето на парите преку буџетот, значи значително ќе се смени соодносот на трошење на пари во буџетот во смисла ќе се воведат програми коишто ќе значат поголемо враќање на парите кон граѓаните и на тој начин ќе се обидеме да ја намалиме разликата во приходи којашто сега постои. Оние кој ја следат таа ситуација знаат дека во Македонија од 2006 година многу е зголемена разликата меѓу богатите и сиромашните, односно богатите стануваат сè побогати и побогати, сиромашните сè посиромашни. И Државниот завод за статистика кажува дека 26 проценти од населението живее во сиромаштија што е премногу за една држава како Македонија. Ние со буџетот, со „Визијата за Македонија“, ќе се обидеме да ги зголемиме социјалните трансфери кон населението, да ја намалиме сиромаштијата, значително ќе ја зголемиме поддршката кон малите и средни претпријатија и на тој начин ќе се обидеме да направиме постепена реалокација и да се смали јазот меѓу богатите и сиромашните, односно да создадеме една средна класа која ќе биде баланс, не само за социјалниот мир во државата, меѓутоа и за сите други процеси и во политиката и во целокупното општествено живеење.

Целото интервју погледнете го на видеото на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG