Достапни линкови

Две третини од амандманите на буџетот неразгледани


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Од предложените 417 амандмани во утврдениот рок од 10 дена колку што трае расправата според деловникот на Собранието, разгледани се 92 поднесени амандмани, од кои прифатени се четири.

Откако собраниската Комисија за финансирање и буџет ја заврши амандманската расправа по предлог-буџетот за 2016 година, опозицијата изнесува низа критики за буџетот, а како главен проблем го посочуваат неразгледувањето на повеќе од половина од поднесените амандмани. Од предложените 417 амандмани во утврдениот рок од 10 дена колку што трае расправата според деловникот на Собранието, разгледани се 92 поднесени амандмани, од кои прифатени се четири.

Остана проблемот со неразгледаните амандмани. Практично 326 амандмани останаа неразгледани и како такви нема став од владата дали се прифатени или одбиени.
Марјанчо Николов, СДСМ.

Од СДСМ се незадоволни, бидејќи пратениците немале можност да ги образложат своите приоритети и бараат со измени на деловникот да се најде модел како да се создадат услови сите амандмани да се разгледаат и да се има став за нив. Нема да престанеме да вложуваме напори за ова, бидејќи вака останува прашањето за смислата на поднесените амандмани, вели Марјанчо Николов од СДСМ.

„Остана проблемот со неразгледаните амандмани. Практично 326 амандмани останаа неразгледани и како такви нема став од владата дали се прифатени или одбиени“, вели тој.

Пратеничката Роза Топузова Кареска вели дека, за жал, вообичаена пракса е да не се прифаќаат амандманите на опозицијата, но нагласува дека останува должност на опозицијата да поднесува амандмани со кои ќе се заложат да се решаваат одредени прашања кои опфаќаат одредени целни групи.

„Не се стигна ниту една третина од амандманите да се образложат, а не да се прифатат. Лоша е пораката. Мора да се најде начин на пратениците да им се даде можност барем да ги образложат своите амандмани“, вели таа.

Според опозицијата, најголем дел од амандманите кои не се воопшто образложени се логични и актуелни и треба да допринесат за подобрување на животот на граѓаните. Но, иако пратениците од опозицијата и власта имаа спротивставени ставови за предлог-буџетот, тие нашле заеднички јазик за амандманот кој се однесува на вработувања за асистенти кои треба да помагаат во пратеничката групи. Според ова решение, на пет пратеници следи еден асистент. Тоа е заеднички амандман на сите пратенички групи.

„Беа прифатени 4 амандмани кои се однесуваат на локални проблеми и еден се однесува на Собранието, за обезбедување средства за асистенти по пратенички групи. Не беа во прашање некои големи суми“, вели Николов од СДСМ.

Инаку, по завршувањето на амандманската расправа, предлог-буџетот се враќа во Влада каде треба да се внесат прифатените амандмани и евентуално да се направат и други измени, по што буџетот повторно ќе биде вратен во Собранието и ќе се разгледува на пленарна седница.

Собраниската расправа за предлог-буџетот за 2016 година почна на 13 октомври. Според предлогот, вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде што има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Основни карактеристики на буџетот за 2016 година, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто годинава на 3,2 процента следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестиции, со цел да се поттикне развојната компонента на буџетот.

Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти, а на инфлацијата 2 отсто.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG