Достапни линкови

Ново видео за авионот на Малезија ерлајнс соборен над Украина


Ново видео за падот на авионот на Малезија ерлајнс
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Ново видео за падот на авионот на Малезија ерлајнс

Австралиските медиуми објавија нова видео снимка на која се гледа како украински бунтовници пребаруваат по остатоците од авионот на Малезија ерлајнс кој беше соборен пред една година над источна Украина. Притоа тие изразуваат изненадување од тоа што авионот бил патнички.

17-минутното видео, објавено од „Сиднеј Дејли телеграф“е снимено со мобилни телефони од самите бунтовници и по се изгледа ги потврдува првите сомневања дека патничкиот авион со 298 патници и членови на екипажот по грешка бил соборен од бунтовниците кои верувале дека погодиле украински борбен авион од типот „Сухои“.

„Њуз Корпорејшн“, која е сопственик на весникот соопшти дека видеото по неколкумесечни напори било прошверцувано од Доњецк во текот на неделава.

Весникот пишува дека на видеото се гледа како единица на бунтовниците дошла на местото на падот во потрага по украински воени пилоти.

Притоа тие изразуваат изненадување и конфузија откако откриваат дека авионот бил патнички.

„Ова е цивилен авион“ вели командантот кој наведува дека од штабот му рекле дека собориле борбен авион.

Ова е одвратно за гледање. Многу е загрижувачки тоа што ова видео се појави дури 12 месеци по соборувањето на авионот.
Џули Бишоп, министерка за надворешни работи на Австралија.

Во меѓусебниот разговор бунтовниците се прашуваат како е можно на патнички авион да му биде дозволено да лета над Украина.

„Ова е одвратно за гледање. Многу е загрижувачки тоа што ова видео се појави дури 12 месеци по соборувањето на авионот“, изјави австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп на австралиска телевизија, наведувајќи дека видеото ги потврдува разузнавачките наводи дека авионот бил погоден со ракета земја воздух.

Австралискиот премиер Тони Абот изјави дека снимките покажуваат оти соборувањето било злосторство и оти бунтовниците намерно пукале и покрај тоа што знаеле дека станува збор за голем авион.

Според него, нема сомневање дека авионот бил погоден со ракета земја воздух која бунтовниците ја добиле од Русија.

„Бунтовниците не добиваат такво оружје случајно. Уверени сме дека тоа е дојдено од Русија и кратко време потоа од него било стрелано, по што повторно било вратено во Русија“, рече премерот Абот.

Повеќето од патниците беа од Холандија, но имало и 38 луѓе од Австралија и десетина од Малезија.

Авионот беше соборен за време на тешките борби што во минатата година се водеа меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Киев и Западот обвинуваат дека бунтовниците и Русија биле виновни за нападот, но Москва негира вмешаност и наместо тоа ги обвинува воздухопловните сили на Украина.

„Њуз Корпорејшн“ соопшти дека на локалното население му било наложено да кажува оти авионот бил соборен од борбено летало.

Деновиве Холандија, Малезија, Австралија, Белгија и Украина предложија нацрт резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара формирање меѓународен трибунал за одговорните кои го соборија авионот на Малезија ерлајнс.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG