Достапни линкови

Што може да крие соборениот малезиски авион?


Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција со која се бара меѓународна истрага за уривањето на малезискиот патнички авион на истокот на Украина. Во исто време американскиот претседател Барак Обама ги обвини проруските сепаратисти дека ги преместувале доказите за трагедијата. Зошто?

Нецелосната соработка на проруските сепаратисти со меѓународните истражители и наводите дека бунтовниците ги преместувале доказите по соборувањето на малезискиот авион, за претседателот Барак Обама води само кон едно прашање: „Што тие всушност сакаат да сокријат?“.

Американскиот амбасадор во Обединетите нации Саманта Пауер пак во врска со обвинувањата на Москва дека за трагедијата е одговорна Украина на седницата на Советот за безбедност изјави:

„Ако Русија навистина веруваше дека Украина е инволвирана во собрувањето на авионот, секако претседателот Путин ќе им кажеше на сепаратистите, повеќето нивни лидери се од Русија, да ги чуваат доказите по секоја цена и херметички да го затворат местото.“

Според некои експерти, сепаратистите досега можеби ја имаат обесмислено целата истрага и сите главни докази за соборувањето на авионот биле уништени.

Самите тела на загинатите, како што наведуваат агенциите, би можело да понудат важни податоци. Ракетата од рускиот систем Бук, најверојатно експлодирала пред леталото, исфрлајќи шрапнели во авионот.

„И телата на жртвите исто така се доказ“, смета Кејр Џилс, безбедносен експерт од Четам Хаус институтот.

Ако Русија навистина веруваше дека Украина е инволвирана во собрувањето на авионот, секако претседателот Путин ќе им кажеше на сепаратистите, повеќето нивни лидери се од Русија, да ги чуваат доказите по секоја цена и херметички да го затворат местото.

Освен податоците во црните кутии, драгоцени информации можат да понудат и хемиските остатоци на авионот за утврдување на точниот тип на оружје со кој било соборено леталото на Малезија Ерлајнс.

Локацијата каде што паднал, според експертите, може да даде информации за тоа како се одвивал целиот напад.

Меѓународните посматрачи веќе посочија дека некои докази биле прикриени. Наводно тие виделе дека голем дел од авионот бил одвоен од трупот и преместен.

Покрај намерното манипулирање со доказите од страна на Русија и сепаратистите, некои експерти наведуваат дека бавната истрага и ограничениот пристап на местото би можело да се објасни со фактот што во источна Украина се води војна.

Поради тоа, некои сметаат дека не изненадува тоа што бунтовниците не биле премногу кооперативни.

„Има многу хаос на самото место. Тоа не е виско организирано општество како Швајцарија“, смета рускиот стручњак Андреј Вајс, од Карнеги фондацијата за меѓународен мир во Вашингтон.

Според него, главното прашање е дали тој хаос, како и продолжувањето на статус кво ситуацијата би можело политички да и корсити на Русија.

Како и да е, без оглед дали станува збор за смислена намера или за неорганизирност, бавната истрага, како што сметаат експертите, дефинитвно ќе го отежне утврдувањето на тоа што воопшто се случило со малезискиот патнички авион во кој загинаа 298 патници и членови на екипажот на релацијата Амстерадам, Куала Лумпур.

„Сите тие беа невини луѓе во комерцијален авион. Нивното летало беше соборено над територија контролирана од сепаратисти во источна Украина. Тоа е апсолутно шокантно“, oцени Џулија Бишоп, министерка за надворешни работи на Австралија, земјата која ја предложи резолуцијата во Советот за безбедност со која се бара меѓународна истрага за трагедијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG