Достапни линкови

Уплашени од кризата, граѓаните ги чуваат парите „под перница“


НБРМ објави дека депозитите кај домаќинствата втор месец по ред бележат намалување на месечна основа, најмногу поради несигурноста поради политичката криза во земјава и поради ескалацијата на кризата во Грција.

Намалувањето на штедните влогови на граѓаните во изминативе два месеци најмногу се должи на несигурноста поради политичката криза во земјава и поради ескалацијата на кризата во Грција, се согласуваат експертите со кои разговаравме, но сепак посочуваат и на осиромашувањето на граѓаните. Откако беше надмината политичката криза во земјава, тие очекуваат постепено зголемување на штедењета.

Нормално, на илјадници депозитари, еден одреден дел реагираат на овој начин на којшто реагираа и тоа се смирува. Како се смирува ситуацијата, така се смирува и штедењето.
Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ.

Народната банка на Македонија објави дека депозитите кај домаќинствата втор месец по ред бележат намалување на месечна основа, иако во јуни тоа е во помал обем споредено со мај. НБРМ наведува дека тоа е „последица на зголемената неизвесност која потекнува од домашните политички случувања, како и ескалацијата на случувањата поврзани со должничката криза во Грција, особено изразени во текот на јуни“.

Поранешниот гувернер на НБРМ, Љубе Трпески, вели дека граѓаните психолошки реагираат на турбуленциите на политички план и наместо во банка, парите ги чуваат „под перница“.

Јас би го додал и огромниот број блокирани трансакциски сметки на граѓани, кај коишто се јавува потреба за повлекување на орочените депозити, така што ликвидноста е опадната и на микро ниво.
Абдулменаф Беџети, академик.

„Нормално, на илјадници депозитари, еден одреден дел реагираат на овој начин на којшто реагираа и тоа се смирува. Како се смирува ситуацијата, така се смирува и штедењето“, вели Трпески.

Со него се согласува и академик Абдулменаф Беџети, кој потсетува дека освен несигурноста предизвикана од политичките случувања, треба да се земе предвид и осиромашувањето на граѓаните.

„Јас би го додал и огромниот број блокирани трансакциски сметки на граѓани, кај коишто се јавува потреба за повлекување на орочените депозити, така што ликвидноста е опадната и на микро ниво“, вели тој.

Беџети вели дека и покрај надминувањето на политичките кризи коишто ја зголемија несигурноста на граѓаните, не може да се очекува брзо враќање на депозитите во банките.

„Одлуките за повторно зголемување и пораст на депозитите доаѓаат прилично постепено и пополека во интензитет во однос на интензитетот на донесување на одлуките за повлекување на истите, така што веројатно може да се дојде на исто ниво само откако политичката криза нашла решение коешто е одржливо“, вели Беџети.

НБРМ објави дека во исто време кога се намалуваат депозитите на граѓаните има зголемување на депозитите на фирмите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG