Достапни линкови

Македонските банки заштитени од грчката криза


Зградата на НБРМ.
Зградата на НБРМ.

Македонските банки со грчки капитал не се во опасност од кризата во Грција, поради тоа што се под целосна надлежност и контрола на Народната банка на Македонија.

Евентуалниот банкрот на Грција, а со тоа и на грчките банки, сигурно ќе има пошироки економски последици и во еврозоната и во соседните земји, но нема влијание врз банките во Македонија коишто се основани со грчки капитал, затоа што тие се под целосна надлежност и контрола на Народната банка на Македонија, објаснуваат економистите.

Па психолошки може евентуално да се создаде паника кај населението и да повлекуваат депозити, тоа се тие психолошки последици.
Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ.

Грчкиот банкарски систем се најде под сериозен притисок од клиентите кои минатата недела повлекоа околу 5 милијарди евра од сметките, по што Управниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ќе одржи состонок за да се донесе одлука дали да се подигне нивото за итно финансирање на грчките банки. Проблемот со грчкиот долг и евентуалниот банкрот е подолготраен и прашањето како ќе се манифестира врз ликвидноста на банките со грчки капитал во Македонија се поставува постојано, но економистите посочуваат дека нема опасност, затоа што и Стопанска и Алфа банка се основани според македонскиот закон и дејствуваат како и останатите банки во земјава.

Тоа значи дека не може да се случи некаков голем одлив на средства, затоа што тоа Народна банка не го дозволува, прописите не го дозволуваат, а исто така мора да се признае дека Народна банка со оглед на сите настани во Грција, под посебна опсервација веројатно ги има ставено овие две банки, за сепак да се следат настаните.
Томе Неновски, поранешен вице гувернер на НБРМ.

Поранешниот гувернер Љубе Трпески вели дека тие банки не можат да го изнесат капиталот надвор и освен психолошки ефект во првите денови не очекува некои други поголеми последици.

„Па психолошки може евентуално да се создаде паника кај населението и да повлекуваат депозити, тоа се тие психолошки последици“, вели Трпески.

Професор Томе Неновски вели дека која било банка со странски капитал има одреден лимит којшто изнесува до 10 отсто од основачкиот капитал којшто може да го користат за финансирање на своите банки мајки.

„Тоа значи дека не може да се случи некаков голем одлив на средства, затоа што тоа Народна банка не го дозволува, прописите не го дозволуваат, а исто така мора да се признае дека Народна банка со оглед на сите настани во Грција, под посебна опсервација веројатно ги има ставено овие две банки, за сепак да се следат настаните“, вели Неновски.

Според тоа, ликвидноста зависи од депозитната база, првенствено на овие две банки и тие ќе треба да ја задржат таа депозитна база и со самото тоа да ја сочуваат довербата на своите депоненти во целина на своето работење, вели Неновски.

Трпески посочува дека Народната банка и Владата треба да бидат внимателни.

„Народна банка треба да продолжи како што вообичаено прави, да ги контролира тековите и да внимава на изложеноста на банката спрема мајката банка во Грција да биде според препишаните лимити“, вели Трпески.

Неновски вели дека штедачите во Македонија немаат причина за грижа.

„Значи, депозитите на граѓаните во овие две банки се осигурани во Агенцијата за осигурување депозити во Македонија, тоа е најважното, а од друга страна нивните пари не може да се одлеваат надвор, нивните пари се користат за кредитирање, првенствено на домашни фирми и фирми во Република Македонија“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG