Достапни линкови

Јолевски - Фестивалите треба да бидат слободни зони


Фестивалите треба да бидат слободни зони
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:45 0:00

Фестивалите треба да бидат слободни зони

Не само Охридско лето, туку воопшто фестивалите, треба да бидат слободни зони, слободна зона на добрата мисла, слободна зона на убавите претстави и уметноста никако не смее да влезе во замката на политичките игри и манипулации, вели селекторот на драмската програма на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Со изведбата на сценската кантата „Кармина Бурана“ на ЛА ФУРА ДЕЛС БАУС од Шпанија започнува годинашното јубилејно 55-то Охридско лето. Како уметник и уште повеќе како долгогодишен селектор на драмската програма, како ги толкувате вишнеењата на Фестивалот и неговото децениско место во одбрана на нашиот севкупен идентитет, местото на земјава во цивилизираниот свет?

Кармина Бурана дефинитивно ќе го означи отворањето на 55-тото издание на Охридско лето, тоа значи еден од најреномираните фестивали во регионот, фестивал со голема традиција, фестивал со феноменални гости во изминатите 55 години, традиција којашто не само што не е за потценување, туку е фестивал којшто се вреднува и вбројува во еден од најреномираните фестивали во Европа. Да се биде 55-годишен фестивал, тоа значи во прегратката на овој фестивал да бидат продукции, театарски претстави и врвни музички имиња, големи дела коишто кружеле низ фестивалите во светот и ја претставувале светската култура на различни точки на оваа планета. Охридско лето се вбројува во фестивалите коишто со достоинство го носат своето име, еден од најреномираните фестивали во Европа.

Колку манифестациите како Охридско лето кои во годините наназад ја одиграле својата мисионерска улога во позиционирањето на нашата автентична творечка мисла на еден поширок простор и наедно ја цементирале нашата неминовна потреба за отворен дијалог со другите култури, во денешно време можат да бидат бастион пред силните налети на кичот и шундот на кои не сме имуни ни самите?

Охридско лето е фестивал кој заслужува еден вид на признание за ширење на вистинската култура и уметност која продира во длабината на човековото срце. Кичот е состојба на духот којшто ги покрива некои надворешни сензори и којшто ја пара душата и духот на гледачот, го разнебитува, го уништува. Доколку, да речеме, туризмот во Охрид и во државата, се посвети на формирање на културни настани коишто ќе бидат адекватни на Охридско лето, ние ќе имаме земја во која ќе цвета културата, уметноста, ќе имаме народ којшто ќе се гордее со вистинските вредности и се разбира ќе го облагородува духот, но налетот на кичот, не само во Македонија, туку и во регионот е толку силен и толку моќен, меѓу другото и поради големата политичка тензија којашто е создадена во регионот, поттикнување на некои страсти коишто се недолични за човекот со големо Ч и кичот е неминовен. Борбата е голема, тешка, долгогодишна и таа ќе биде и понатаму. Она што да речеме е успех, кога дури и поп-културата ќе го надвладее кичот или рокенролот или одредени сегменти во музиката, па и во театарот и во другите уметности, но сигурно дека треба да се истрае во оваа борба, бидејќи уметниците се мисионери на духовноста на еден народ и тоа е борба којашто ќе ја водиме додека сме живи.

Партизацијата на институциите и на манифестациите од поодамна не е нешто ново или нешто што го чуваме под тепих. Колку во едни такви услови Охридско лето успеваше и успева да се издигне над политичките трвења и реално да нуди програмски содржини со силни и универзални авторски пораки?

Не само Охридско лето, туку воопшто фестивалите, треба да бидат слободни зони, слободна зона на добрата мисла, слободна зона на убавите претстави и уметноста никако не смее да влезе во замката на политичките игри и манипулации. Охридско лето никогаш не го дозволило тоа, програмата на Охридско лето се работи автохтоно, се работи слободно без притисоци, се работи по слободната мисла на селекторите или уметничките директори кои ја креираат програмата. Ако ја видите историјата на Охридско лето, ќе забележите дека претставите или уметничките дела се правени според критериумите на високата уметност и вреднувањето од другите фестивали коишто имале можност во својата прегратка да ги примаат големите и да ги прегрнат големите имиња на високата театарска и музичка уметност. Јас навистина се гордеам, затоа што обидот да се создаде слободна зона е неприкосновен, евидентен и очигледен. Во рамките на Охридско лето доаѓаат ансамбли или продукции, како што е, еве да речеме во последниве години од надвор продукцијата на Питер Брук, продукцијата на Гавела, имања како што се Томаш Пандур, како што е Морфов и како што е Младенова. Од македонските автори би рекол сите режисери кои имаат силни политички влијанија и силен импакт во македонското општество, сите прошле низ рамките на фестивалот, кој имал премиера, кој имал изведба, изведба којашто била во македонска продукција, изведба која била во странските продукции и своите политички ставови ги профилирале преку својата уметност и својот глас за тоа како сметаат дека треба да функционира едно општество или кои се аномалиите на системот, гласно, јасно и многу силно ги кажале на сцените на Охридско лето.

Театарот – превенција против лудилото на војната е насловена годинешната ваша селекција на драмската програма на Охридско лето. Од каде потребата за тоа? На што го базиравте годинешниот концепт во одбирот?

Она што го сметам за закана во последниот период од нашето суштествување се воените жаришта коишто се појавуваат низ целиот свет, а Македонија никако не е одбегната од ова лудило коешто се најавува. Триесеттите години на дваесеттиот век, како и почетокот на дваесеттиот век, најавија големо лудило во националистичката експанзија во името на мирот и во името на добросостојбата. Така се создадоа Првата и Втората светска војна, кога се прекројуваат граници, кога многу луѓе умираа, каде што жртвите беа многубројни и тоа лудило сметам дека на некој начин треба да се прекине со најава, односно со сондирање на состојбата во којашто се наоѓаме. Светските големи фондации и воопшто културните институции на голема врата ја одбележаа стогодишнината од Првата светска војна и 70-годишнината од Втората светска војна и минатата година многу голем дел на фестивали и театарски продукции ја покренаа токму оваа тема, меѓу другото за да се направи компарацијата дека тоа лудило не само што нема запрено, туку некако се најавува на голема врата, не зборувам само за жариштето во Европа како што е Украина или Балканот, којшто повторно на некој начин се вжештува и би ја најавило како втора изведба или како второ издание драмата на Дејан Дуковски „Буре барут“, којашто имаше неверојатен успех во деведесеттите години, токму поради најавата на балканското лудило што се случуваше на овие простори и токму затоа Охридско лето како фестивал којшто е исклучително актуелен ги повикува на својот репертоар претставите што се занимаваат токму со овие теми. Најавувањето на лудилото, тоа го имаме најмалку во три претстави на годинашната изведба на Охридско лето, а тоа е со претставата Неопланта на Андраш Урбан којшто ни доаѓа од Нови Сад, по текст на Ласло Вегел е една фасцинација којашто во предворјето на Света Софија ќе ги растревожи срцата на гледачите од една страна, но од друга страна ќе ги потсети на проблемите и принципите на суштествување токму на Македонците кои проаѓале низ слични вратоломии во однос на системите коишто биле на овој простор. Исто така и претставата Нашиот клас на Тадеуш Слобоѓањек, кој што ни доаѓа од Израел на Камери театар и Хабима театар од Тел Авив коишто ни нудат една театарска претстава која зборува за растењето на фашизмот и последиците кои ги трпи еврејскиот народ во Полска. И се разбира како завршница ќе ја имаме на истата оваа тема, продукцијата на Националниот театар од Љубљана, со гордост можам да го најавам затворањето на Охридско лето каде што ќе се појави нашиот реномиран режисер Александар Поповски со најновиот текст на Горан Стефановски „Фигурае венерис хисториае“ и музика на Кирил Џајковски. Тие исто така зборуваат за Првата светска војна и зборуваат за таа некоја висока класа којашто е некаков поддржувач на расколот или поддржувач на уништувањето на човештвото.

Во меѓувреме публиката ќе има можност да проследи и други поставки, дури четири премиери и по прв пат „Младо театарско Охридско лето“. Каква програма потпишувате? Колку е таа слика и прилика за современите движења во театарот воопшто денес? Има ли сила тој да го менува светот и да го прави подобро место за живеење?

Годинашната програма на Охридско лето, покрај овој триптих на претстави коишто се бават со војната или со лудилото на војната, има уште два генерални моменти, а тоа се премиерните изведби на Охридско лето коишто сметам дека се суштината на поддршката на македонската продукција и она што ќе се случува на репертоарите во следните неколку години во македонските театри ќе започне токму на најголемиот фестивал во Македонија, како појдовна точка за сите други фестивали, и европски, коишто треба овие продукции да ги реализираат. Се работи за премиерната изведба на Охридскиот народен театар, каде што Нела Витошевиќ, нашата режисерка во развој, која само што се врати од Париз, го работи Пинтер со овој ансамбл. Исто така ја имаме феноменалната копродукција помеѓу Турскиот и Албанскиот театар, каде што го имаме големиот Голдони и „Слуга на двајца господари“, којашто ќе се игра тријазично и ќе биде една навидум играрија којашто исто така ќе нè опомене за принципите и системот во којшто живееме. Се разбира, никако нема да го одминам Битолскиот народен театар, којшто влегува не само како премиера, туку и во тој шекспиров дел заедно со Сомборскиот театар. Битолскиот народен театар ќе се претстави со Антоние и Клеопатра во режија на Џон Блондел, којшто овој ансамбл го однесе во Глоуб театарот во Лондон да го одиграат нивниот Хенри VI, којшто исто така пред неколку години беше на Охридско лето. Се разбира со гордост ќе ја најавам големата копродукција на НЕТА мрежата, којашто ќе биде во реализација на Прилепскиот народен театар, а во копродукција со Сфумато театарот од Бугарија, потоа Експонто од Љубљана, со праизведбата на претставата „Кирил и Методиј, who are you“, како најновото дело на Јордан Плевнеш. Она што сакам да го потенцирам, во Охрид ќе бидат присутни двата најголеми македонски режисери од средната генерација, Ацо Поповски и Дејан Пројковски, коишто доаѓаат со странски продукции, Ацо Поповски со продукцијата од Љубљана, а Дејан Пројковски со Опасни врски од Русија. Во исто време ќе ги имаме и двајцата столбови, бастиони на македонската драматургија, коишто на своите крила го понесоа современиот театар на Македонија и го распрснаа на европските театарски сцени, тоа се Горан Стефановски и Јордан Плевнеш со нивните најсвежи, најнови дела. Од друга страна, сметам дека младите уметници, младите творци, коишто се обидуваат да ги скршат постоечките форми на уметност треба да им се даде, не само шанса и можност, туку треба да се поддржат во создавањето на нивната уметност, бидејќи тие ќе бидат оние коишто ќе бидат столбот на Охридско лето во годините коишто доаѓаат. Затоа оваа година зедов четири продукции коишто се обидуваат да создадат уметност преку форми коишто се реткост или коишто се уникатност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG