Достапни линкови

Боро Рудиќ со „Настанување – исчезнување“ во Музеј на Град Скопје


„Настанување – исчезнување“ е насловена изложбата на мајсторот на фотографија Боро Рудиќ што од 18 февруари до 1 март ќе се одржи во Музеј на град Скопје. Долгогодишниот член на фотоклубот „Елема“ и актуелниот претседател на Фото Сојузот на Македонија на ова прво самостојно претставување пред своите сограѓани ќе понуди 40-тина фотографии во голем формат, а наедно ќе биде промовирана и неговата истоимена книга за која предговорот го напиша д-р Ферид Мухиќ.

Со овој маестрално обмислен тематски циклус на уметнички фотографии, Боро Рудиќ и фрли ракавица на оваа дихотомија и повторно ни ја врати целината на светот. Во екстатички мигови на инспирација, тој ни откри како да се ослободиме од слепото верување во видот! Имено, ни покажа дека розите се црвени и ноќе и дека ѕвездите светат и дење.

Кога се прави ваков проект во сопствениот град сè треба сам да организирате. Најнапред треба да конкурирате во Министерство за култура или во некоја друга институција за да добиете нешто симболично за да ја „кренете“ и поставите изложбата. Сè друго околу организацијата паѓа на вашиот грб.
Боро Рудиќ, фотограф.

По својата концептуална оригиналност, по нивото на својата ликовна реализација, тематскиот циклус „Настанување и исчезнување“, Боро Рудиќ дефинитивно го промовираше во култна фигура на современата македонска уметност.

Ова ќе го запише проф. д-р Ферид Мухиќ во пресрет на изложбата и промоцијата на книгата „Настанување – исчезнување“ на мајсторот на фотографија Боро Рудиќ што треба да се обистинат оваа среда, на 18 февруари, во 20 часот, во Музеј на град Скопје.

Имав чувство дека во оној момент кога ќе чкрапне фотоапаратот и кога ќе завршам со снимање дека со тоа сум ја завршил и целата креативна постапка. Тоа е некој чуден психолошки момент.
Боро Рудиќ, фотограф.

И колку да звучи чудно, на долгогодишниот член на фотоклубот „Елема“ и актуелниот претседател на Фото Сојузот на Македонија, на уметникот којшто во својата плодна четиридецениска кариера многупати досега успешно се претставувал во регионот и во светот, ова ќе му биде прва самостојна поставка во неговиот град.

Боро Рудиќ.
Боро Рудиќ.

Појаснувајќи ја чуденката, Рудиќ вели дека е „најтешко нешто да се направи во својот град“. Тој смета дека притоа авторот треба да го понуди најдоброто што е можно од себе, а за тоа да се случи треба да се создадат неопходните услови. Дополнува дека досега имал 15-тина самостојни изложби во градови како Нирнберг, Инстанбул, Солун, Белград, но дека сите тие биле „со покана“.

Во оној момент кога го палам светлото јас го дефинирам просторот. Го бележам како што го чувствувам и како потоа сакам да изгледа на фотографија. Како сакам да изгледа тој „студиски пејзажот“.
Боро Рудиќ, фотограф.

„Кога се прави ваков проект во сопствениот град сè треба сам да организирате. Најнапред треба да конкурирате во Министерство за култура или во некоја друга институција за да добиете нешто симболично за да ја „кренете“ и поставите изложбата. Сè друго околу организацијата паѓа на вашиот грб. А верувајте, сето тоа нималку не е наивно. Луѓето коишто го прават тоа многу добро знаат за каква работа станува збор. Не се работи само за тоа да ги донесете фотографиите или делата и да ги поставите на изложбените паноа“, вели Рудиќ.

Од друга страна, уметникот знае да каже дека през годините во кои се бавел со фотографија многу работи непотребно љубоморно ги чувал само за себе.

„Имав чувство дека во оној момент кога ќе чкрапне фотоапаратот и кога ќе завршам со снимање дека со тоа сум ја завршил и целата креативна постапка. Тоа е некој чуден психолошки момент“, вели тој.

Говорејќи за својот актуелен проект, Рудиќ забележува дека сите овие 40-на фотографии се настанати во последниве четири години и дека за нивно снимање било неопходно да се создадат потребните услови бидејќи се работело ноќе и објектите („студиските пејзажи“, како што ќе ги нарече фотографот и теоретичар на фотографија Драган Бабовиќ од Белград ) се осветлувани со силно вештачко светло.

„Настанување и исчезнување едноставно е дефиниција на она што го работам. Во оној момент кога го палам светлото јас го дефинирам просторот. Го бележам како што го чувствувам и како потоа сакам да изгледа на фотографија. Како сакам да изгледа тој „студиски пејзаж“. Значи едноставно еден комплетно авторски субјективен пристап кон работата. И додека е светлото запалено јас креирам. Така настанува фотографијата. Апаратот само го регистрира тој единствен миг. А, потем кога се гаси светлото, повторно паѓа мрак и сè исчезнува. Ја снемува сликата и таа никогаш повеќе нема да се повтори на тој начин“, вели Рудиќ.

Инаку, целокупниот циклус кој што ќе се најде на изложбата „Настанување – исчезнување“ ќе биде поместен и во истоимената книга на Рудиќ за која предговорот го напиша проф. д-р Ферид Мухиќ. Појаснувајќи го овој момент од своето творештво, авторот забележува дека за ваквата објава се решил поради фактот што во Македонија практично и да нема книги со уметничка фотографија. Забележува дека има изданија со преубави фотографии на манастири, фрески, со прекрасните пејзажи на земјата општо дадени, но дека самиот никогаш во рацете не држел издание со авторски, тематски труд на еден фотограф. Нешто сериозно направено од тој вид.

„Едноставно почувствував потреба да остане траг од сево ова што го правев. Дека е тоа вредно и дека треба да остане трајно. Знаете, изложбата ќе ја замислите, ќе ја поставите, ќе ја види публиката, ќе ја затворите и потоа ќе ја однесете и на уште неколку други места и толку. А, книгата е нешто што ќе го имате и што ќе остане за 20, 50 години. Ова истово имав идеја и порано да го сторам кога подготвував една друга изложба пред неколку години, но се чини дека сега дошол вистинскиот момент за тоа. Книгата е репрезентативна, во неа се сите фотографии, сето тоа со тврди корици и навистина убаво изгледа. Онака како што треба. Во неа е вложено многу љубов и не само од мене туку и од сите луѓе кои учествуваа во тој проект“, вели Рудиќ.

Конечно, авторот истакнува дека целиот проект бил готов уште минатата година и идејата била да тргне од Скопје и потем да патува по земјите од регионот. За жал, како што вели, поради барањето адекватен простор за неговото претставување, плановите се смениле, па во меѓувреме половина од делата на „Настанување – исчезнување“, Рудиќ одговарајќи на поканата ги однел во Културниот центар на Белград. Како и да е, сега кога замислата е комплетирана, по Скопје изложбата е планирано во јуни да патува во Софија за да потоа биде претставена и на најголемата наша културна манифестација „Охридско лето“.

А, запрашан што потоа, по презентацијата на актуелниот циклус, фотографот вели дека најверојатно ќе се случи она што неговиот пријател и колега Александар Кондев го вели „дека со изложбата се става точка на еден дел од животот и дека потем треба да се оди понатаму“.

„Апсолутно е Кондев во право кога го вели тоа. Јас мислам дека ставам точка на еден период од моето делување, но морам да спомнам и тоа дека кога го почнав овој начин на работење бев свесен дека тој ќе ми отвори уште многу нови можности. Дали сето тоа ќе еволуира во некои други димензии сега навистина не би знаел бидејќи застанав и сега ништо не работам. Од друга страна сакам да влезам во некои други води, да се исправам пред други предизвици. Имам и идеја и концепт со што би се бавел во следниве две години , но останува да видиме што ќе донесе времето“, вели авторот.

И, колку за потсетување, Боро Рудиќ е роден 1954 година во Кочани. Дипломирал на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а со фотографија успешно се бави повеќе од 40 години.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG