Достапни линкови

Средношколците кампуваат пред Министерството за образование


Средношколците не постигнаа договор со Министерството за образование
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00

Средношколците не постигнаа договор со Министерството за образование

Средношколците поставија шатори пред МОН, по што веднаш беа повикани на средба, но до договор не дошло.

Радикализирањето на средношколските протести со поставување на шатори спроти Министерството за образование и наука, беше причина надлежните веднаш да ги повикаат младите на долго очекуваната средба. Тројца претставници од Средношколскиот пленум попладнево беа на разговори во министерството, но сепак договор и натаму не е постигнат, бидејќи надлежните сметале оти најавените реформи не се лоши.

Отидоа претставници од Средношколскиот пленум на преговори во Министерството, каде што присуствуваа министерот, заменик министерот и вицепремиерот. Средбата заврши, но за утре е најавена друга. Не е постигнат договор, не е постигнат компромис поради ставовите на министерството.
Ѓорги Ставриќ, средношколец.

„Отидоа претставници од Средношколскиот пленум на преговори во Министерството, каде што присуствуваа министерот, заменик министерот и вицепремиерот. Средбата заврши, но за утре е најавена друга. Не е постигнат договор, не е постигнат компромис поради ставовите на министерството“, вели Ѓорги Ставриќ од гимназијата Јосип Броз Тито, додавајќи дека продолжуваат со бојкотот и кампувањето и покрај најавената утрешна средба.

Утринава околу стотина ученици го проширија бојкотот со нов средношколски фронт. Тие поставија шатори во „Паркот на новинарите“ спроти Министерството за образование и наука, од каде најавија дека 30-тина полнолетни средношколци во наредниот период ќе кампуваат 24 часа, сè додека не бидат исполнети нивните барања.

Веќе отпочнавме со местење на шаторите за кампување. Ги повикуваме сите средношколци, студенти, родители, професори и сите граѓани да дојдат преку ден во што поголем број и да ни изразат поддршка и кој колку може да ни донира какви било средства.
Александар Милевски, средношколец.

„Веќе отпочнавме со местење на шаторите за кампување. Ги повикуваме сите средношколци, студенти, родители, професори и сите граѓани да дојдат преку ден во што поголем број и да ни изразат поддршка и кој колку може да ни донира какви било средства“, вели Александар Милевски од средното училиште Ѓорги Димитров.

Дозволата да постават десетина шатори во „Паркот на новинарите“, младите ја добиле од Општина Центар. Тие истакнаа дека и во средните училишта ќе продолжи бојкотот на наставата, а по завршувањето на смените средношколците ќе доаѓаат во кампот на пленумот да бидат со нивните соученици.

„Ние доволно сме одговорни за нашите постапки, исто така имаме и доволно поддршка од родителите бидејќи ја сфаќаат нашата кауза и нашата борба. Не е муабетот ние само да го смениме, туку и да добиеме целосно права на глас за да може ние да раководиме со нашиот живот, а не да оставиме некој друг тоа да го регулира и да следиме принципи и правила што некој друг ги пишува, а ние само ги прифаќаме“, рече ученик кој сакаше да остане анонимен.

Матурантите, иако стравуваат дека со бојкотот и отсуството од настава можат да го изгубат правото да полагаат државна матура, сепак истакнаа дека со проширувањето на фронтот сметаат оти се борат за нешто поголемо.

„Стравот е присутен кај сите матуранти, меѓутоа ние сметаме дека ова е можеби вредно, бидејќи се бориме за нешто поголемо и сакаме да останеме цврсто на ставот дека ќе продолжиме со ова што го правиме, без разлика на притисоците и заканите дека нема да полагаме матура оваа година“, вели Мартина Бошковска од Средношколскиот пленум.

По три недели бојкот на наставата, минатата недела неколку илјади средношколци и студенти протестираа пред Владата и Министерството за образование и наука, барајќи да запрат лошите реформи во образованието, односно да се врати стариот концепт на полагање државна матура и привремено запирање на екстерното тестирање.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG