Достапни линкови

Кери: Путин ја дестабилизира Украина


Кери: Путин ја дестабилизира Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Кери: Путин ја дестабилизира Украина

Американскиот државен секретар Џон Кери го обвини рускиот претседател Владимир Путин за дестабилизирање на Украина преку „грабање територии“. Тој во Комитетот за надворешни односи изјави дека ни Москва ни сепаратистите не ги исполнуваат обврските во врска со договореното примирје.

Секретарот Кери изјави дека имало многу нарушувања на договорот од Минск за прекин на огнот во источна Украина, но оти сега е во прашање дали тој и натаму ќе се почитува или, пак, како што рече, ќе има некои други случаи како на пример во Мариупол што ќе заслужува поцврст одговор.

Киев страхува дека проруските бунтовници, поддржани од руски војници, сега би можело да планираат освојување на градот Мариупол, пристаниште со 500 илјади жители.

„Мислам дека секој сфаќа дека ние нема да бидеме во никаков случај во можност да направиме доволно, ако Русија реши да не го почитува договорот. Сите го знаат тоа, вклучувајќи го и украинскиот претседател Порошенко. Дебатата е дали да им се даде некое оружје и да им се даде поголема можност да се бранат со цел да се спречи вакво грабање земјиште кое сега се случува“, рече тој.

Русија прилично долг период е ангажирана во една од најотворените и најшироки пропаганди што сум ја видел од Студената војна. Тие продолжуваат со нивните погрешни интерпретации и лаги за своите активности пред мои очи и очите на другите и тоа во многу различни прилики.
Џон Кери, државен секретар на САД.

Кери ги повтори предупредувањата дека доколку ваквата ситуација продолжи ќе има натамошни последици, односно нови санкции против Русија.

Во претходното обраќање пред сенаторите, американскиот државен секретар Џон Кери позитивно одговори на прашањето дали Русија лаже кога вели оти немало руски војници и опрема во Украина каде што проруските сепаратисти се борат против владините сили.

„Русија прилично долг период е ангажирана во една од најотворените и најшироки пропаганди што сум ја видел од Студената војна. Тие продолжуваат со нивните погрешни интерпретации и лаги за своите активности пред мои очи и очите на другите и тоа во многу различни прилики“, изјави Кери.

Во меѓувреме, Дмитри Песков, портпарол на претседателот на Русија Владимир Путин, во интервју за Си Ен Ен го обвини Западот за сегашната ситуација во Украина.

Запрашан дали Путин верува дека неговите односи со Западот би можело да се вратат на ниво од неговиот прв претседателски мандат Песков вели:

„Да бидеме искрени, од тоа време неочекувано многу вода протече под мостовите. Ние сме сведоци на огромни промени на глобално ниво, во меѓународните односи и ние сме сведоци на огромен судир на интереси во срцето на Европа, во Украина“, изјави Песков, повторувајќи дека Москва единствено сакала да ги заштити своите интереси и да ја третираат со почит.

„Штом ќе се случи тоа, ќе дојде време за нова ренесанса во меѓународните односи“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG