Достапни линкови

ЕУ ја зацврстува контролата на границите на Шенген зоната


ЕУ претпазлива за новиот мировен договор за Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

ЕУ претпазлива за новиот мировен договор за Украина

Лидерите на Европската унија на синоќешниот состанок во Брисел изразија претпазливост во врска со новиот мировен договор за источна Украина. Тие постигнаа согласност за построга контрола на надворешните граници на Шенген зоната како дел од мерките за заштита од тероризмот.

На состанокот во Брисел евролидерите предупредија дека, пред да разгледаат евентуално ублажување на санкциите против Москва, мора да видат докази оти договореното примирје во Минск ќе се почитува.

„Нашата верба во добрата волја на Путин е ограничена. Затоа треба да ја задржиме нашата одлука за санкциите“, изјави претседателот на Европската унија Доналд Туск, додавајќи:

„Ние ќе бидеме подготвени за секаков развој, добар или лош. Нашата дебата се фокусираше врз тоа како да ја поддржиме имплементацијата на договорот. Ако тоа не се случи ние нема да се двоумиме да ги преземеме потребните чекори“, рече Туск.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, пак, соопшти дека ако се стабилизира ситуацијата во Украина, Унијата би можело да ја прошири трговијата и со членките на евроазиската зона за слободна трговија чиј предводник е Русија.

Има и такви кои бараат повторно воспоставување на границите внатре меѓу земјите членки на Шенген зоната. Но, ако сакаме да го зачуваме Шенген, а граѓаните да бидат побезбедни тогаш мислам дека подобро би било ако ги зацврстиме контролите на надворешните граници.
Франсоа Оланд, претседател на Франција

Францускиот претседател Франсоа Оланд рече дека тој и германската канцеларка Ангела Меркел во Минск морале да вложат посебни напори за да го убедат рускиот претседател Владимир Путин да ја прифати како што рече, „оваа спогодба на надеж за мир во Украина“.

Претходниот договор постигнат во септември лани исто така во Минск пропадна само неколку дена од неговото потпишување.

На самитот беше постигната и согласност за проширување на мерките за подобра заштита на земјите членки на Унијата од тероризам.

„Сите граѓани имаат право да живеат без страв поради нивните мислења или верувања. Ќе ги чуваме нашите заеднички вредности и ќе ги штитиме сите од насилства врз основа на етнички или верски мотиви“, се наведува во соопштението.

Меѓу мерките се: размена на податоци за патници, поцврсти гранични контроли и отстранување на содржини на интернет кои промовираат тероризам и екстремизам.

Францускиот претседател Оланд изјави дека одредбите за контрола на надворешните граници на Шенген зоната ќе бидат дополнети со цел контролата да биде постојана и интензивирана.

„Има и такви кои бараат повторно воспоставување на границите внатре меѓу земјите членки на Шенген зоната. Но, ако сакаме да го зачуваме Шенген, а граѓаните да бидат побезбедни тогаш мислам дека подобро би било ако ги зацврстиме контролите на надворешните граници“, рече Оланд.

Евролидерите донесоа и одлука за сузбивање на изворите и мрежите за финансирање на тероризмот, како перењето пари и затајувањето даноци за што своја одговорност, како што е наведено, треба да сносат и банките. Европската унија, според оценките, треба повеќе да се ангажира во битката против тероризмот на Средниот Исток и во Африка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG