Достапни линкови

За девет години над 600 вработувања во институции од културата


Опозицијата обвинува за нерегуларности во вработувањата во театрите. Власта, пак, одговори дека тоа е дел од мерките кои се во интерес на македонските уметници.

Над 50 актери, режисери и драматурзи ќе бидат вработени во театрите и културните центри низ Македонија. Со ова ќе се зголеми бројот на уметнички кадар во културните институции, каде само во изминатите девет години беа вработени над 600 лица. Дел од конкурсите за вработување на неопределено време се веќе завршени. Во повеќето театри и центри за култура ќе бидат вработени по двајца актери, режисери и драматурзи со полно работно време, односно 40 работни часа неделно. Платата што ќе ја земаат се движи меѓу 24 и 29 илјади денари.

Имаме сознанија за нерегуларност, непотизам и конфликт на интереси при вработување во македонските театри.
Роберт Алаѓозовски, Комисија за култура на СДСМ.

Според објавените конкурси, во Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се вработат двајца драматурзи и режисери. Во Театар комедија – Скопје тројца актери и по двајца режисери и драматурзи. Во Центрите за култура во Штип, Велес, Куманово и Прилеп по двајца вработени од трите профили.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Неодамна Роберт Алаѓозовски од Комисијата за култура на СДСМ ги повика инспекторите да ги прочешлаат вработувањата.

Вработувањето во театрите и во другите институции од областа на културата е дел од мерките кои се во интерес на македонските уметници, бидејќи тие се иднината на нашите институции и на нашата култура.
Министерство за култура.

„Имаме сознанија за нерегуларност, непотизам и конфликт на интереси при вработување во македонските театри. Дали некои високообразовни институции се претворени во вистинска работилница за дипломи. Според наши информации, студенти од завршните години на брзина дипломираат и испити се одржуваат во неиспитна сезона. Го повикуваме трудовиот инспекторат да ги провери досегашните вработувања“, рече Алаѓозовски.

Во некои од културните институции низ земјава демантираат дека се работи за непотизам и нерегуларности. На овој начин велат дека се подмладува кадарот. Ансамблот на Битолскиот народен театар брои над 70 вработени лица, а наскоро ќе се вработат уште двајца актери, драматурзи и режисери. Раководството најави дека планира двојно да го заголеми бројот на премиери на годишно ниво.

„Ќе се обидеме да го зголемиме бројот на претстави. Пет големи и пет претстави на малите сцени. Да се потсетиме на старите времиња кога работевме и по десет претстави годишно. Публиката има интерес да гледа нешто ново. За тоа ќе имаме и повеќе можности зашто во тек е конкурсот од Министерството за култура за нови вработувања. Ќе се зголемат можностите со сопствени сили да се изработуваат што повеќе претстави“, изјави Благој Мицевски, уметнички директор на Битолскиот театар.

Од Министерството за култура потврдија дека од 2006 година се остварени над 600 вработувања на уметнички кадар, а месечните примања се зголемени за 60 проценти.

„Вработувањето во театрите и во другите институции од областа на културата е дел од мерките кои се во интерес на македонските уметници, бидејќи тие се иднината на нашите институции и на нашата култура“, стои во соопштението што ни го испратија од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG