Достапни линкови

„Грдиот“ на Николовска премиерно во Кумановски театар


Сцена од претставата.
Сцена од претставата.

„Грдиот“, работена според делото на германскиот драматург Мариус фон Мајенбург и во режија на младата Дејана Николовска, е претставата чија премиерна изведба ќе се одржи оваа сабота, на 20 декември, во Кумановскиот театар. Станува збор текст кој по прв пат се поставува на некоја од домашните театарски сцени и за социјална сатира со скокотлив хумор во која настапуваат актерите Александар Микиќ, Оливер Митковски, Александра Пешевска и Игор Трајковски.

По Орвеловата „1984“ во Струмичкиот театар, младата Дејана Николовска на сцената на Кумановскиот театар го поставува „Грдиот“ , текстот на германскиот драматург Мариус фон Мајенбург за кој е познато дека е извонредна „социјална сатира со скокотлив хумор“.

Авторот сака да не наведе на една мисла во која кажува дека само убавиот човек, човекот кој добро изгледа може да биде материјално и соодветно успешен. Една таква теза поставува и после од таа точка не остава нас да размислиме колку е тоа соодветен избор.
Дејана Николовска, режисерка.

Во пресрет на премиерната изведба на оваа „црна комедија“, режисерката појаснува дека таа обработува една доста актуелна тема во денешно време и дека, всушност, драмата се бави со човековата опсесија со надворешниот изглед, сметајќи го како одлучувачки фактор за професионалната кариера.

„Авторот сака да не наведе на една мисла во која кажува дека само убавиот човек, човекот кој добро изгледа може да биде материјално и соодветно успешен. Една таква теза поставува и после од таа точка не остава нас да размислиме колку е тоа соодветен избор. Во текот на дејствието ние дознаваме дека таквиот компромис завршува многу неславно. Завршува со психолошки проблеми, деперсонализација, нагони на самоубиство и т.н. Значи, имаме една практично трагична приказна која во меѓувреме е проткаена со хумористични ситуации“, вели Николовска.

Текстот е доста современ и е критика на денешново општество каде што ни се наметнати извесни норми кои што треба да ги исполниме, извесни критериуми за кои без да размислиме ги прифаќаме. Мислам дека драмата ќе наиде на убав прием кај публиката и дека луѓето ќе го препознаат и времето и ликовите.
Александар Микиќ, актер.

Во насловната улога во овој проект кој донесува една поинаква естетика настапува искусниот Александар Микиќ, кој забележува дека овојпат се сретнал со крајно издиференциран и убаво напишан лик кому работите му се случуваат доста брзо. Дополнува дека тој не е свесен за сопствената грдотија се до моментот додека луѓето не му кажат дека е грд и прави сè за да стане убав. А кога ќе стане убав, најубав на светот, и кога сите ќе сакаат да изгледаат како него и започнуваат да прават пластични операции, Грдиот конечно сфаќа дека го изгубил највредното што го имал – сопствениот идентитет.

Дел од актерската екипа во „Грдиот“.
Дел од актерската екипа во „Грдиот“.

„Текстот е доста современ и е критика на денешново општество каде што ни се наметнати извесни норми кои што треба да ги исполниме, извесни критериуми за кои без да размислиме ги прифаќаме. Мислам дека драмата ќе наиде на убав прием кај публиката и дека луѓето ќе го препознаат и времето и ликовите“, истакнува актерот кому ова, по „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Љубиша Георгиевски, му е второ гостување во Кумановскиот театар.

Условите овде се причина за испраќање апел до надлежните да обрнат внимание и на помалите театри ширум Македонија. Не е во ред Скопје да има театар кој вреди неколку милиони евра, а Куманово, на пример, да кубури за средства за да заврши еден од неколкуте годишни проекти што ги има.
Оливер Митковски, актер.

Во „Грдиот“, освен Микиќ, настапуваат и Александра Пешевска, Оливер Митковски и дебитантот Игор Трајковски. Говорејќи, пак, за процеаот на работа, остварената соработка и условите во кои настанувала пиесата, Митковски истакнува дека Кумановскиот театар е институција која нуди квалитетни кадри, но дека делува во услови кои и не може да се наречат нормални.

„Условите овде се причина за испраќање апел до надлежните да обрнат внимание и на помалите театри ширум Македонија. Не е во ред Скопје да има театар кој вреди неколку милиони евра, а Куманово, на пример, да кубури за средства за да заврши еден од неколкуте годишни проекти што ги има“, ќе рече на прес-конференцијата Митковски.

Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимите се дело на Нела Тодоровска, а автор на оригиналната музика е Сашко Костов.

Родена 1981 година во Скопје, Дејана Николовска дипломирала режија на Руската Академија за театарска уметност во Москва, во класата на проф. Леонид Хеифец. Досега има режирано десетина театарски претстави, а се занимава и со филм и комерцијални проекти. Работела и на телевизиската серија „Именденот на Татјана“ што се емитувала на Руската национална телевизија.

За себе вели дека и натаму уметнички останува да делува на релација Скопје – Москва и дека во перидов што следува ја очекуваат еден проект со современа драматургија од еден познат шпански автор („доста необичен и интересен“) во Русија и дека во земјава допрва ги очекува резултатите од конкурсите на кои се пријавила.

И уште нешто. По саботната премиера кумановската публика и воопшто љубителите на театарот во земјава „Грдиот“ ќе можат да ја видат и во наредните два дена – на 21 и 22 декември.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG