Достапни линкови

Могерини: Проширувањето на ЕУ треба да продолжи


Могерини: проширувањето на ЕУ треба да продолжи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Могерини: проширувањето на ЕУ треба да продолжи

Потребна е политичка волја за решавање на прашањето за името со ФИРОМ. Ова го изјави идната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Федерика Могерини, чиј избор за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија треба да го потврдат пратениците во Европскиот парламент, на сослушувањето оцени дека политиката на проширување на Унијата треба да продолжи како најдобра гаранција за трансформација, демократизација и развој на западнобалканските земји и на Турција.

Што се однесува до ФИРОМ и прашањето за името, верувам дека треба да се најде политичка волја за негово решавање.
Федерика Могерини, кандидати за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија.

Според неа, регионалната димензија е дополнителна вредност на Европската унија за западнобалканските земји.

„Ако не работиме на начин тие да се обединат, ќе се изложиме на опасност да ги зголемиме тешкотите“, изјави Могерини, додавајќи дека не би било добро да се има еден приоритет на Западен Балкан.

Сепак, според неа, Европската унија е соочена со тешки ситуации кои налагаат различен пристап.

Ќе биде од клучно значење да соработуваме со Русија за нашата сопствена безбедност.
Федерика Могерини, кандидати за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија.

„Приоритет број еден веројатно би била Босна и Херцеговина, а по тамошните избори ќе поработам на тоа спогодбата за придружување да биде спроведена и да се напредува“, рече таа.

Могерини оцени дека разговорите меѓу Србија и Косово се одвиваат добро на техничко, но оти треба да бидат и на политичко ниво.

„Во Албанија постојат добри шанси да се тргне со реформите, а Црна Гора е прва на листата во однос на напредокот кон Унијата. Што се однесува до ФИРОМ и прашањето за името, верувам дека треба да се најде политичка волја за негово решавање“, посочи Могерини, додавајќи дека и Европската унија треба да биде подготвена кога западнобалканските земји ќе ги исполнат условите за членство.

„Главен предизвик во тоа е таа политика да дејствува преку спроведување на реформите без поголеми потреси“, заклучи Могерини за време на тричасовното испрашување во Комитетот во кое секако доминираа односите на Унијата со Русија и ситуацијата во Украина.

Таа оцени дека во справувањето со Москва е неопходно Брисел тоа да го прави со цврстина, но и со тактичност.

„Би рекла дека ни е неопходна мешавина од самоувереност и дипломатија. Балансот исто така би зависел од реакцијата на мечката“, рече Могерини мислејќи на Русија.

Според неа, и покрај тоа што односите меѓу Москва и Брисел се затегнати, Русија останува стратегиска земја во светот и оти Унијата треба да ги разгледа односите со неа во наредните пет години.

„Ќе биде од клучно значење да соработуваме со Русија за нашата сопствена безбедност“, наведе Могерини.

Некои источни членки на Унијата остро го критикуваа номинирањето на Могерини, наведувајќи дека таа како шеф на италијанската дипломатија покажала многу мек став кон Москва околу кризата во Украина.

XS
SM
MD
LG