Достапни линкови

Партиите со апел за смирување на тензиите


По втората бурна ноќ во Ѓорче Петров и судирите меѓу демонстрантите и полицијата, политичките партии упатуваат апели до граѓаните за воздржаност, а до институциите да ги преземат сите неопходни мерки за смирување на тензиите.

Политичките партии ги осудуваат инцидентите во Ѓорче Петров и изразуваат жалење за загубениот човечки живот. Од Демократската унија за интеграција се надеваат дека надлежните институции ќе ги расветлат случаите и ќе ги казнат одговорните за синоќешните дивеења низ улиците на Ѓорче, со цел како што велат, да не се осмелат и некои други да го искористат трагичниот настан за остварување на одредени политички цели.
Сметам дека ова е работа на институциите, на плицијата и судството, а не на политичарите кои пак би можеле да помогнат само со апели за смирување на тензиите и надминување на ситуацијата.
Артан Груби, ДУИ


„Сметам дека ова е работа на институциите, на плицијата и судството, а не на политичарите кои пак би можеле да помогнат само со апели за смирување на тензиите и надминување на ситуацијата“, изјави Артан Груби од ДУИ.

Од најголемата опозициска партија, СДСМ, не сакаат да ги коментираат обвинувањата од провладините медиуми дека инцидентите ги предизвикале навивачки групи под директна контрола на СДСМ. Оттаму велат дека на денот кога ќе биде погребан еден млад живот, нема простор за политика. Не упатија на изјавата која за овие случувања вчера ја даде партискиот портпарол Петре Шилегов.

„Социјалдемократскиот сојуз искрено сочувствува до семејството на убиеното момче. Изразуваме длабоко жалење за загубениот млад човечки живот. Истовремено повикуваме на општествена зрелост и воздржување од било какви тензии во врска со овој случај“, рече Шилегов.
Не можете вие да го занемарите фактот дека загинал или насилно бил прекинат животот на еден млад човек и сега да очекувате дека се ќе биде нормално. Ќе има реакции, но треба тие да се превенираат, да се менаџираат, за да не излезе целата состојба од контрола.
Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.


Лидерот на Демократскиот сојуз и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека меѓуетничките односи во земјава се чувствителни и многу лесно се нарушуваат. Па така и обичен криминален настан, добива етнички предзнак, вели тој. Воздржаноста на политичките партии од навремено презентирање на став околу одреден настан, предизвикува вакви изливи на незадоволство и спонтана реакција, која тешко може да ја контролирате, вели Трајанов.

„Не можете вие да го занемарите фактот дека загинал или насилно бил прекинат животот на еден млад човек и сега да очекувате дека се ќе биде нормално. Ќе има реакции, но треба тие да се превенираат, да се менаџираат, за да не излезе целата состојба од контрола и да не добие пошироки размери“, вели Трајанов.

Од Новата социјалдемократска партија велат дека примерот во Ѓорче Петров покажа до каде можат да одат меѓуетничките односи по националистичката реторика на Никола Груевски и Али Ахмети во предизборната кампања.

„Има една народна мудрост која вели „Којшто со ѓаволот тикви сади, од глава му се разбиваат“. Но, во конкретниот случај, нити на Ахмети, нити на Груевски ништо нема да им фали, но ќе страдаат невини Македонци и Албанци како граѓани“, изјави лидерот на НСДП, Тито Петковски

Во синоќешните немири во Ѓорче, полицијата се судри со демонстрантите на повеќе локации во населбата. Демонстрантите фрлаа камења кон припадниците на безбедносните сили, запалија неколку контејнери и поставија барикади на улиците. Полицијата со цел да ги растера фрлаше флеш бомби, а на крајот приведе триесеттина од нив.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG