Достапни линкови

Екологијата во заложништво на економските интереси


Дали загадувањето е потребно зло за стратешките капацитети да нè снабдуваат со струја и други суровини и дали компаниите ќе ги вкалкулираат трошоците за филтри во крајниот производ со што би се нарушил пласманот? Кој и чиј интерес доминира кога станува збор за чистиот воздух?

Фотографиите од Скопје удавено во смог беа главен тренд на социјалните мрежи пред неполн месец. Во раните утрински часови врз автомобилите во Скопје се таложеше бела прашина, а најчестите коментари на жителите на Скопје, Тетово и уште неколку градови во земјава беа: Се угушивме, се отрувме. Загадувањето навидум се претвора во национален проблем ако се има предвид дека битолчани се жалат од РЕК Битола, Велес веќе со децении е најзагаден град во земјава, а во Гевгелија наводно се пие вода со арсен.
Пролонгирањето нема да биде за сите капацитети или за сите оперативни планови, пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите.
Абдулаќим Адеми, министер за животна средина.

Додека дел од граѓаните се шетаа со маски кои активистите ги закачуваа во кутии по канделабри околу центарот на Скопје, од владата дојдоа најави за построго спроведување на еколошките стандарди за големите загадувачи. Пред месец дена пораката беше јасна: или да се намали загадувањето, или клуч на врата додека филтрите не проработат. Неделава, министерот за животна средина Абдулаќим Адеми изјави дека останува обврската за фирмите да ги почитуваат стандардите, додавајќи дека некои компании може ќе го пробијат рокот кој истекува на први април, за намалување на загадувањето при работењето.
Тие се веќе при крај, месец до два максимум ќе ги завршиме, значи ова е најголемиот дел, како што кажав и претходно, и по обем како техничко-технолошко решение и по обем на финансии.
Иван Бановски, „Макстил“.

„Пролонгирањето нема да биде за сите капацитети или за сите оперативни планови, пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите кои ќе бараат пролонгирање и пролонгирање може да има за дел од оперативен план и тоа не мора да биде 5 години, може да биде еден месец, два месеци, три месеци итн., меѓутоа тоа зависи од барањата и зависи од фазата во која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план“, рече Адеми.

Иван Бановски од „Макстил“ вели дека компанијата инвестира 10 милиони евра во систем за опрашување кој треба да помогне во спроведувањето на оперативниот план за добивање на А-интегрираната дозвола и судејќи по неговата изјава, активностите за поеколошко работење се веќе при крај.
Било каква економска оправданост не е во ред да се зема како причина. Конкретно Југохром како фабрика има оперативен план и сите тие големи загадувачи имаат оперативен план по кој се водат и по кој требало да ги исполнат сите стандарди до 31 март.
Мерива Максути, активист.

„Тие се веќе при крај, месец до два максимум ќе ги завршиме, значи ова е најголемиот дел, како што кажав и претходно, и по обем како техничко-технолошко решение и по обем на финансии“, вели Бановски.

Најавите на министерот за можно селективно пролонгирање на еко-стандардите предизвикаа остри реакции од екологистите. Независно од бизнис интересите, народот се труе со прашина, реагираат од невладиниот сектор. Ништо не е споредливо со здравјето на граѓаните, вели активистот Мерива Максути, член на одборот за организирање на протестите против загадувањето во Тетово.

„Било каква економска оправданост не е во ред да се зема како причина. Конкретно Југохром како фабрика има оперативен план и сите тие големи загадувачи имаат оперативен план по кој се водат и по кој требало да ги исполнат сите стандарди до 31 март“, вели Максути.
Сите овие проекти треба да се финансираат од некаде, тие пари треба да се земат од некаде, е сега дали ќе ја зголеми цената на финалниот производ или пак ќе го намали трошокот за негово производство.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Се поставува прашањето за какви големи загадувачи станува збор? Макстил, на пример, е еден од најголемите извозници од земјава. Согласно економска логика, било каков дополнителен оперативен трошок може да се вкалкулира во цената на конечниот производ. Дали се јавува ризик од намалување на конкурентноста на македонските извозни производи ако на веќе високите цени за транспорт, струја и слични трошоци се накалемат давачките за еко-дозволи? Овие големи компании, освен загадувачи се воедно и најголеми работодавачи и извозници, вели економскиот аналитичар Висар Адеми. Според него, било каков претеран притисок врз оперативните планови на овие фирми може да се одрази негативно на дел од макро-економските индикатори.
Стандардите за животна средина важат за сите загадувачи и со тоа се поставува еднаква конкуренција на производите и на оние кои се од македонско потекло и на оние од земјите членки на ЕУ.
Марко Соколовски, претседател на невладината „Go Green“.

„Сите овие проекти треба да се финансираат од некаде, тие пари треба да се земат од некаде, е сега дали ќе ја зголеми цената на финалниот производ или пак ќе го намали трошокот за негово производство. Во едниот случај „губитник“ е крајниот клиент, што го купува, а во другиот случај, ако цената се држи иста, тогаш имаме отпуштање на работната сила“, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Ако сите ги имплементираат стандардите тогаш конкурентноста нема да се загрози бидејќи и во Европа важат истите стандарди, вели Марко Соколовски, претседател на невладината „Go Green“ (Биди зелен).

„Стандардите за животна средина важат за сите загадувачи и со тоа се поставува еднаква конкуренција на производите и на оние кои се од македонско потекло и на оние од земјите членки на ЕУ, односно истите правила ќе важат и за фабриките во Германија и за фабриките во Македонија“, вели Марко Соколовски, од „Go Green“.
Парите што се вложуваат за ревитализација, за обнова, за одржување на овие доста застарени енергетски капацитети, особено РЕК Битола, дел од тие пари како поминува времето, односно во иднина би требало да се инвестираат во други области на енергетиката, на прво место во енергетска ефикасност.
Искра Стојковска, НВО „Фронт“.

Рокот како таков е важен, но најважно е квалитетно да се имплементираат стандардите кои се пропишани со цел добивање на еколошки дозволи, вели Соколовски.

„Не смее да се дозволи бизнис интересите да ја загрозат имплементацијата, затоа што на крај цената од загадувањето ја плаќаат граѓаните, а некој загадувач профитира. Тоа што немаме чист воздух, вода, не тера да одиме почесто да доктор, да купуваме флаширана вода, со што граѓаните плаќаат за тоа загадување, а треба да биде обратно, загадувачот да ја има таа одговорност, да ги имплементира дозволите и да инвестира во тоа“, вели Соколовски.
Ако тие фирми ги имплементираат тие стандарди ќе се бара реципроцитет од страна на имплементаторите да се воведат тие стандарди и во делумно да кажам партиските компании.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Освен извозниците тука се и енергетските капацитети-стратешки компании без кои земјава би била комплетно енергетски зависна. Во минатото неретко се креваше прашина за загадувањето од РЕК Битола. Можно е еколошките стандарди да се имплементираат во работењето на начин кој ќе се обезбеди и профит, коментираат упатените. Тоа посебно важи за големите енергетски капацитети, објаснува Искра Стојковска од невладината „Фронт“.

„Конкретно кај нас, парите што се вложуваат за ревитализација, за обнова, за одржување на овие доста застарени енергетски капацитети, особено РЕК Битола, дел од тие пари како поминува времето, односно во иднина би требало да се инвестираат во други области на енергетиката, на прво место во енергетска ефикасност“, вели Искра Стојковска од невладината „Фронт“.
Бизнис интересите им се многу важни на оние кои се на власт и многу често се прави некакво калкулирање за мерките кои треба да се имплементираат или за обврските кои треба да се наметнат кон бизнис заедницата.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернејшнал Македонија.

Домашните експерти сметаат дека со мерки за енергетска ефикасност може да се „заштеди“ еден цел блок од РЕК Битола, вели Стојковска, додавајќи дека има пари во производство на чиста енергија. Но што е со ставот дека во интерес на потребите на жителите за електрична енергија, нафта и други основни суровини, потребно е да се трпи и одреден степен на загадување?

„Кога ќе се помрднеме од тој застарен став, тогаш ќе се мрднеме веројатно и во стратешкото планирање и реално економијата може да ни се помести, особено поради тоа што сме земја кандидат за членство во ЕУ и имаме пристап до разни фондови токму на тема екологија, особено енергетика“, вели Стојковска.

Ние тоа го следиме многу внимателно и оваа зима имаше само неколку дена кога аерозагаденоста во центарот на Скопје беше под нивоата кои се законски предвидени.
Аиво Орав, евроамбасадор.
Темата за еколошките стандарди дополнително се усложнува кога ќе се погледне кон политичката позадина. За илустрација може да се земе случајот со рафинеријата ОКТА, имено навидум првиот пат кога посериозно се актуализираше темата за заштита на животната средина. Станува збор за судски спор на приватната рафинерија со државата. Судот во Париз пресуди во интерес на грчкиот газда на скопската рафинерија „Хеленик Петролеум“, а на македонскиот пазар се продолжи со производство на горива кои не само што не соодветствуваа на европските стандарди туку и не беа во согласност со еколошките критериуми. Дел од спогодбата вклучуваше и одлагање на имплементацијата на одредени стандарди, во интерес да се избегнат дневни камати од по 10.000 долари поради претходно одредени казни. По спогодбата, следеа низа протести на активисти кои тврдеа дека скопската рафинерија ги труе жителите на околните населени места, а опозицијата обвинуваше за корупција. За сега ОКТА не се споменува во поглед на стандардите покрај „Макстил“, Топлификација и РЕК Битола, но евидентно е дека станува збор за случај кога бизнис интересите беа спротивставени со државните интереси. Од тука се покрева и прашањето, дали постои простор за политиката да се меша во бизнисот на начин на кој државата и граѓаните потенцијално може да настрадаат? Секаде постои простор за политиката да се вмеша, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.

„Имплементирањето на еколошките стандарди влијае на политичките интереси, затоа што ако мали, средни или поголеми претпријатија треба и мора да имплементираат еколошки стандарди што се бараат од нас како кандидат за ЕУ, ако тие фирми ги имплементираат тие стандарди ќе се бара реципроцитет од страна на имплементаторите да се воведат тие стандарди и во делумно да кажам партиските компании“, вели таа.

Ако реципроцитетот не се почитува може да страда бизнисот, резимира Стојадиновиќ.

„Затоа што ако јас како приватник имплементирам еколошки стандарди, ќе барам и некој друг кој ми е конкурент на пазарот да ги имплементира тие исти стандарди и ќе барам принцип на реципроцитет за да можеме да бидеме конкурентни, ако тоа не се почитува на пазарот во тоа најмногу се гледа влијанието на политиката“, вели Стојадиновиќ.

Има простор и за корупција, забележува Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл - Македонија“.

„Овој пат тоа е одлуката за одлагање на имплементирање на обврските за еколошките стандарди, кои се разбира од компаниите се многу добро прифатени и добредојдени, но од друга страна, еве гледано од аспект на корупција, бидејќи бизнис интересите им се многу важни на оние кои се на власт и многу често се прави некакво калкулирање за мерките кои треба да се имплементираат или за обврските кои треба да се наметнат кон бизнис заедницата.“

Тоа не е ништо ново нити кај нас нити во светот имајќи предвид дека на тоа се засновани сите групи за лобирање, вели Тасева.

„Меѓутоа ова влегува и во сферата на тргување со влијание, значи на некој начин и се влијае на бизнис заедницата, но од друга страна и компаниите се ставаат во нерамноправна положба, затоа што некои веќе тоа го направиле, ги вградиле потребните инструменти кои не се евтини или презеле други мерки, затоа што заштитата на средината подразбира многу работи кои треба да се преземат, а тие работи се скапи“, вели Тасева.

Останува да се види до каде овој пат ќе се дотуркаат работите со еколошките стандарди. Според проценките на коалицискиот партнер во власта - ДОМ, до сега биле поднесени вкупно 132 барања за дозволи. Инспекторатот за животна средина издал дозволи за 63 инсталации, а останатите се во процедура и голем дел во завршна фаза пред издавање. За околу 20 инсталации има издадено А интегрирана еколошка дозвола. Од партијата се загрижени за две инстанци каде процесот наводно закочил, во еден случај поради слаба финансиска состојба а во другиот случај поради доцно отпочнување на процесот. Покрај сево ова, се поставува прашањето што е со жителите на Македонија кои ја плаќаат крајната цена од загадувањето?

Европската унија има инвестирано 1,3 милиони евра за мониторирање на загаденоста. Евроамбасадорот Аиво Орав во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека резултатите не се многу добри, но добрата работа е што сега имаме дијагноза и тие што сакаат да се справат со тоа, имаат можност да најдат начин.

„ЕУ ги вложува овие пари во многу области во транспорт, животна околина, прекугранични проекти, јавна администрација, некои области се повидливи, некои помалку. Вие го спомнавте аерозагадувањето и јас мислам дека тоа е сериозен проблем овде во Скопје и многу други градови низ земјава. Ние тоа го следиме многу внимателно и оваа зима имаше само неколку дена кога аерозагаденоста во центарот на Скопје беше под нивоата кои се законски предвидени. Дури и во деновите кога надворешната видливост беше добра, загаденоста на воздухот во Скопје беше еден и пол пати повисока од предвидените нивоа“, рече евроамбасадорот Орав.

Инаку, дел од медиумите јавуваат дека популарно нареченото „аерозагадување“ било проблем и во изминатиов месец, поточно дека во февруари скопјани дишеле загаден воздух со часовни концентрации на прав до 10 пати над дозволеното. Среднодневната концентрација на ситен прав (ПМ10) на мерната станица Лисиче достигнала 241 микрограм на кубен метар воздух, што е за речиси петпати повисоко од максимално дозволената среднодневна концентрација.
XS
SM
MD
LG