Достапни линкови

Загаденоста ќе се зголемува ако не се преземат мерки


Ние како држава мора да бидеме подготвени да преземеме мерки, затоа што после неколку години квалитетот на воздухот за кој сега се смета дека е лош, ќе биде уште полош доколку не преземеме мерки и не се поправи сликата, изјави министерот за животна средина Абулаќим Адеми.

Во последно време се јавуваат сомнежи дека сè повеќе има зеленчук и овошје кои се прскани, а дополнителен проблем претставува тоа што луѓето дишат неквалитетен воздух. Оваа тема стана актуелна откако неколку градови се соочија повеќе денови со енормно загадување на воздухот, а проблеми ни се случија и со овошјето и зеленчукот кога примероци на македонски краставици и грозје покажаа дека биле позитивни на присуство на пестициди во Хрватска и во Франција. Експертите велат дека проблемите се сфаќаат многу несериозно.
Ние како држава мора да бидеме подготвени да преземеме мерки, затоа што после неколку години квалитетот на воздухот за кој сега се смета дека е лош, ќе биде уште полош доколку не преземеме мерки и не се поправи сликата.
Абдулаќим Адеми, министер за животна средина.

„Најмногу оптоварена храна се градинарските производи, јаболкото и виновата лоза, односно грозјето, потоа доаѓаат житариците и сè друго. Ние навлегуваме во една фаза кога мора да ги контролираме овие параметри, сè со цел да се појавиме и на европскиот пазар“, изјави професор Илија Каров од Земјоделскиот факултет во Штип.

Од Сојузот на земјоделците ја убедуваат јавноста дека македонскиот зеленчук и овошје се неправедно критикувани и оти државата редовно прави контроли на она што се извезува и на продуктите што се присутни на пазарите, но Каров не мисли така.
Ниедна од фирмите во Македонија не го испочитува она што сама себе си го даде како датум, не ги направи инвестициите вадејќи се на тоа дека е криза.
Методија Саздов, Македонски зелен центар.

Со цел јакнење на капацитетите за безбедност на храната државата одлучи од оваа година да ги засили мерките на контрола, нагласува професор Каров, кој верува дека на тој начин државата ќе се осигура дека овошјето и зеленчуците кои влегуваат на пазарите се безбедни од пестициди.

„Инспекциската служба треба да почне да зема примероци и од производителите од нива, не само од пазарот, бидејќи производителот ќе биде принуден да води евиденција со точно наведени параметри, кој препарат кога го употребиле, против која намена и во која концентрација и количина“, вели професор Каров.

Меѓутоа дополнителен проблем претставува тоа што луѓето дишат неквалитетен воздух. Освен во текот на оваа зима кога е измерено енормно загадување на воздухот скопјани и во текот на летото беа сведоци дека во ноќните часови доаѓа чад поради палење на отпадот на депонијата Вардариште, но и од други локации.

Најалармантно е оваа зима. Честичките што ги дишеа граѓаните СЗО ги прогласи како штетни и канцерогени. Министерот Абдуалќим Адеми рече дека квалитетот на воздухот ќе станува уште полош ако во наредната година не се преземат мерки.

„Сè повеќе стануваат строги дозволените количини на ваквите ПМ честички. Ако пред неколку години тоа беше 150 милиграми на метар кубен, сега се 50. Во ЕУ се размислува веќе тоа да се намали и на 25. Ние како држава мора да бидеме подготвени да преземеме мерки, затоа што после неколку години квалитетот на воздухот за кој сега се смета дека е лош, ќе биде уште полош доколку не преземеме мерки и не се поправи сликата“, изјави Адеми.

Според екологистите, најголем проблем за квалитетот на воздухот во градовите е тоа што фабриките не ги имплементираат мерките за заштита на животната средина, а голема улога во загадувањето имаат и сообраќајот и затоплувањата на домаќинствата. Големите загадувачи до април имаат рок да ги прилагодат индустриските капацитети за да го намалат загадувањето, но очекувањата од ова не се преголеми.

„Тоа е оперативен план за сите фабрики, не само за Скопје, вклучувајќи ги и Фени и Јегуновце и такви поголеми комбинати, требаше да го завршат до 2014 година, меѓутоа ниедна од фирмите во Македонија не го испочитува она што сама себе си го даде како датум, не ги направи инвестициите вадејќи се на тоа дека е криза, рецесија итн“, изјави Методија Саздов од Македонскиот зелен центар.

Дополнителен проблем е уништувањето на зеленилото на Водно, велат екологистите, нагласувајќи дека тоа е против интересите на скопјани кои сè повеќе имаат впечаток дека немаат од каде да добиваат кислород.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG