Достапни линкови

Академски шовинизам


Мартин Галевски, пост-дипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.
Мартин Галевски, пост-дипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.

Eвидентно е сериoзно отсуство на жени кои извршуваат раководни функции на ниво на факултет или универзитет. Бројот на жени ректорки е најразочарувачки, каде скоро без исклучок највисоката позиција е „традиционално” резервирана за професори мажи пишува за Радио Слободна Европа Мартин Галевски, Пост-дипломец по образовни политики на Универзитетот Кембриџ - Англија.

На глобално рамниште повеќе од две декади нивото на учество на жените во високото образование е во постојан раст и го надминува процентот на мажи од вкупната студентска популација. Македонија не е исклучок од ваквиот тренд на „феминизација” на високото образование и се очекува истиот да продолжи и во иднина. Имено, според податоците на Заводот за статистика, во академската 2012/2013 година се запишани вкупно 56.906 студенти во прв циклус студии, од кои бројот на запишани студентки изнесува 31.005 односно 54,5 проценти.

Бројот на жени ректорки е најразочарувачки, каде скоро без исклучок највисоката позиција е „традиционално“ резервирана за професори мажи.
Слично како и кај запишаните, бројот на дипломирани жени во 2012-та е поголем од тој на мажите и изнесува 55.7 проценти. Сепак вреди да се напомене дека постојат значајни полови разлики во изборот на областите на студирање, кои се уште се делат на „машки“ и „женски“. Во однос на техничките науки, на пример, бројот на машки студенти е речиси двојно поголем од оној на женските, додека пак спротивното важи за општествените науки каде што доминираат жени.

Наспроти релативно еднаквата родова структура помеѓу студентите, жените се несоодветно застапени на повисоките академски позиции и во процесите на донесување одлуки во рамките на универзитетите. Иако податоците за родовата структура на работната сила укажуваат на подобрување на вкупниот бројот на жени во академската професија кој сега изнесува 47.6 проценти, сепак бројот на редовни професорки е скоро двојно помал од оној кај мажите, додека пак жените се мнозинство само на пониските соработнички (асистентски) позиции.

Дополнително, евидентно е и сериoзно отсуство на жени кои извршуваат раководни функции на ниво на факултет или универзитет. Бројот на жени ректорки е најразочарувачки, каде скоро без исклучок највисоката позиција е „традиционално” резервирана за професори мажи.

Најстариот и според многумина најреномираниот универзитет во Македонија - Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) - во своето 65 годишно постоење само за време на еден мандат, (од 1994 до 1998 година) на чело на својата институција имал жена. Сличен „феномен” e присутен и кај останатите државни (но и повеќето приватни) универзитети кои во моментов на ректорската позиција имаат исклучиво мажи.
Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) во својот состав од 45 постојани членови има само 4 жени и ниту една жена претседателка за близу 50 години постоење – што уште еднаш покажува дека врвните академски и научни достигнувања се главно резервирани за привилегирана машка елита.

Родовиот дисбаланс е евидентен и кај функцијата декан(ка). Во склоп на УКИМ, како еден пример, од вкупно 23 факултети, само 3 се предводени од жени деканки, додека пак 6 од нив немаат ниту една жена продеканка. Факултетите каде жените успеваат да дојдат до позицијата деканка, најчесто се помалите и помалку престижните единици. Дури и на оние факултети каде што женскиот академски кадар е поброен, бројот на машки декани останува висок. Она што особено загрижува е дека кај дел од женскиот наставен кадар, ваквата ситуација се прифаќа како сосем природна. Неодамнешна студија изработена од страна на Институтот за родови студии потврдува дека стереотипите кои се однесуваат на родовите улоги се подеднавко присутни и кај машкиот и кај женскиот дел од академската заедница.

Ваквата неповолна родова структура, не е изолирана практика и особеност единствено во високо образовните институции. Дел од динамиката е несомнено релеватна и за сличен вид на установи од областа на науката. Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) во својот состав од 45 постојани членови има само 4 жени и ниту една жена претседателка за близу 50 години постоење. – што уште еднаш покажува дека врвните академски и научни достигнувања се главно резервирани за привилегирана машка елита или како што Шејкшафт (Shakeshaft) ги нарекува „момчешки мрежи” (boys club) кои имаат за цел да обезбедат, свесно или несвесно, машка доминација на најзначајните интелектуални позиции во општеството.

Идејата дека академската професија е родово неутрална, во чии што рамки успехот се базира единствено врз академскиот потенцијал и заслуги, е одамна надминат концепт во развиените општества. Голем број теоретичар(к)и на феминизмот забележуваат дека стандардите и практиките што се користат за напредување и избор во повисока академска позиција, не може да се анализираат одвоено, без притоа да се имаат предвид родовите аспекти и поширокиот културен контекст.
Вклучување на жените во управните стуктури не е само прашање на автоматизам и време, туку и одраз на недостиг на волја и сензибилитет од страна на органите на универзитетот (и другите научни и јавни установи) ваквата ситуација да се подобри во согласност со промените во родовата застапеност на жените во високо образовниот процес.

За жал, на државните универзитети кај нас постои недостаток на институционална проактивна родова политика и механизми за реализирање на де факто рамноправност помеѓу мажите и жените. И покрај законската обврска најмалку 40 проценти од членовите на раководните органи во секоја сфера од јавниот живот (влучително и високото образование), да бидат жени, во пракса таквата одредба не се почитува. Статутите на државните универзитети не водат грижа за унапредување на положбата на жените при вработувањето и за време на професионалниот напредок, што упатува на индиректна дискриминација на жените и постоењeто на прикриени механизми (т.н стаклен плафон) (glass ceiling) кои го отежнуваат учеството и положбата на жените во органите на одлучување.

На пример, иако во македонскиот јазик постоjaт јазично соодветни форми за академски титули во женски род - доцентка, професорка, деканка - сепак во континуитет се користи терминологија од машки род која е претставена како универзална и родово неутрална, што секако не е, ниту пак може да биде прифатливо. Сличен недостиг на родова сензибилизација е евидентен и кај едукативните материјали и наставни програми кои ретко кога вклучуваат анализа на родовите аспекти и проблематики - иако светската пракса покажува дека ваквите програми се носители на јавната дебата околу родово релевантните прашања и имаат значаен придонес кон постигнување на родовата еднаквост. Оттука, симптоматична е и леснотијата со која, под закрила на усогласување на високо образовниот систем со пазарот на трудот и стимулација на техничките науки за сметка на општествените, државата ги стави во мирување родовите студии на Филозофскиот факултет, притоа необјаснувајќи ја потребата од нивна замена со семејни студии, кои исто така се од областа на општественo-хуманистичките науки. Во таа смисла, суспендирањето на родовите студии не е случајно и може да се протолкува од идеолошки аспект како механизам за одржување на (постоечкото) патријархално општество и традиционализам.

Оттука, податоци укажуваат дека процесот на вклучување на жените во управните стуктури не е само прашање на автоматизам и време, туку и одраз на недостиг на волја и сензибилитет од страна на органите на универзитетот (и другите научни и јавни установи) ваквата ситуација да се подобри во согласност со промените во родовата застапеност на жените во високо образовниот процес. Универзитетот со тоа не само што создава впечаток дека е неспособен како инситуција за спроведување на политики за анти-дискриминација, туку и во целина дејствува како еден од бастионите кои ја зајакнуваат и афирмираат репродукцијата на патријархалните општествени стереотипи и вредности.
XS
SM
MD
LG