Достапни линкови

Раби Абу Калил и Пенелопе Екс на петтиот фестивал на музика од светот


Раби Абу Калил.
Раби Абу Калил.

Либанскиот виртуоз на ут Раби Абу Калил со неговиот квинтет „Медитеран“ и Никола Коџабашија, Џијан Емин, Гоце Стефковски и „Фолтин“ со проектот „Пенелопе екс“, се учесниците на годинашното, петто јубилејно издание на Фестивалот на музика од светот, што на 9 ноември, од 20 часот, ќе се одржи во Центарот за култура во Битола. Станува збор за манифестација која през годините се избори за видно место на мапата на музички случувања во земјава и пред која е убава иднина.

Битола овој викенд ќе пулсира во ритамот на медитеранската чувственост. В сабота, на 9 ноември, во големата сала на Центарот за култура, ќе се одржи петтото јубилејно издание на Фестивалот на музика од светот на кое, со нагласена љубопитност, се очекуваат настапите на големиот либански мајстор на ут Раби Абу Калил, кој овојпат во Македонија доаѓа со својот „Медитеран квинтет“ и на врвните домашни артисти Никола Коџабашија, Џијан Емин, Гоце Стефковски и групата „Фолтин“. Тие наново, со нова имагинативна енергија, ќе го претстават заедничкиот проект во прогрес „Пенелопе екс“.

Оваа година можеби нема да плениме со квантитет, но пресвртницата ќе ја прави квалитетот и врвните имиња кои што се дел од програмата.
Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
Албумот Пенелопе икс.
Албумот Пенелопе икс.
Калил, кој извесно време живее и работи во Франција, досега на два пати гостуваше во земјава, а сè уште се свежи сеќавањата на неговиот несекојдневен настап со Македонската филхармонија во 2008 година што се одржа во рамките на Скопски џез фестивал. Тој во градот под Пелистер ќе го претстави својот актуелен концепт кој се потпира на мистичноста и звуковноста на народите кои гравитираат околу Средоземно Море.

Радува фактот што во изминатите четири години фестивалот си создаде своја публика, своја енергија, своја клима и луѓето со нетрпение го очекуваат секое следно издание.
Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
Од друга страна, она што го творат македонските уметници е современа со ништо не условена звучна слика, доволно заводлива за секој кој не сака работите да ги става во одредени фиоки, па од таму таквата симбиоза може да биде услов за вистинско уживање и на најпробирливите.

Борче Димитровски, директор на Центарот за култура, вели дека тие како организатори на манифестацијата овојпат биле исправени пред една дилема – со повеќе од скромен буџет (само 5.000 евра) да направат респектабилна програма за јубилејот. Затоа се одлучиле да донесат едно врвно светско музичко име и згора на тоа да посегнат по најквалитетното од домашната музичка сцена, а сето тоа да биде спакувано само во една концертна вечер.

Во иднина ќе се фокусираме на една комбинација на регионални музичари и артисти кои би биле на некоја од фестивалските вечери, а згора на тоа би сакале да имаме барем по едно врвно светско име.
Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
„Оваа година можеби нема да плениме со квантитет, но пресвртницата ќе ја прави квалитетот и врвните имиња кои што се дел од програмата. Не дека претходните години не сме ги имале, меѓутоа сега сметам дека веќе фестивалот оди на едно следно ниво и дека тоа ќе овозможи поголемо привлекување и на спонзори од приватниот сектор и ќе отвори одредени други погледи и можности кон оваа манифестација“, вели тој.

Димитровски потенцира дека токму Фестивалот на музика од светот оди на рака на потребата за децентрализација на културата во земјава и дека во Битола е создадена поволна клима за неговата натамошна опстојба.

„Радува фактот што во изминатите четири години фестивалот си создаде своја публика, своја енергија, своја клима и луѓето со нетрпение го очекуваат секое следно издание, што говори дека е неопходно потребно манифестацијата да трае и да биде еден од моментите со кои ќе ја децентрализираме културата кај нас во земјава“, вели Димитровски.

Од таму, не чуди што тој и селекторот Оливер Јосифовски, се со идеја Фестивалот на музика од светот во Битола да прерасне во неколкудневно силно регионално субкултурно случување на кое ќе музицираат најреспектираните и иновативни артисти од Балканот и пошироко од светските меридијани.

„Сметам дека, на некој начин, исчекорот со гостување на едно врвно име ќе биде позитивно прифатен од секој аспект и дека ние како организатори на Фестивалот ќе се покажеме како добри домаќини. Тоа претпоставува, пак, дека во иднина ќе се фокусираме на една комбинација на регионални музичари и артисти кои би биле на некоја од фестивалските вечери, а згора на тоа би сакале да имаме барем по едно врвно светско име кое би требало да ја покрива другата страна на работите, да ги задоволи вистинските сладокусци што сакаат да видат и чујат нешто што е на највисоко ниво“, вели Димитровски.

Инаку, Фестивалот на музика од светот е најмладиот што како организатор го потпишува Центарот за култура, а годинава тој се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на Француската алијанса од Битола и Францускиот институт од Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG