Достапни линкови

Скопски џез патешествија до слободата по 32 пат


Колективот Хариет Тубман и Касандра Вилсон.
Колективот Хариет Тубман и Касандра Вилсон.

Од 17 до 21 октомври, во салонот на МОБ, Универзална сала и клубот „Сити хол“, ќе се одржи 32-от Скопски џез фестивал, еден од најпрестижните во пошироки рамки и нашата несогорлива потреба за музичка едукација и поинакво поимање на светот. На оваа врвна културна манифестацијата овојпат доаѓаат великаните Дејв Холанд, Касандра Вилсон, Роско Мичел, Џон Аберкромби, Питер Еванс и артисти кои допрва ќе ја испишуваат историјата на современиот џез.

32-то издание на Скопски џез фестивал ќе ни се случи во период на нова најава на политичка криза и во деновите кога ќе си ги лижеме раните од црните петна во актуелниот извештај на Европска комисија за „напредокот“ кон Унијата. Значи, кога повеќе од сигурно, нималку нема да ни биде до музика. И, тоа посебно за џез, за таква за која одамна се вели дека се воздигнала славејќи ја слободата и желбата за исчекор во непознатото.
Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Миросав Тадиќ,
Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Миросав Тадиќ,

Програмата го следи истиот концепт од сите изминати години, да носи она што е актуелно и вредно од светската џез сцена и тоа од највисок ранг во сите пет дена. Македонија не е толку развиена земја со џез култура и џез публика толку масовно како Европа и затоа на нас, пред сè ни е цел со оваа програма да се покажеме пред светот, кај нашите колеги и пошироко и така ја имаме стекнато нашата репутација. Инаку фестивалот би можел да трае и пократко и би можел да има поинаква програма. Во секој случај, убаво е за нас и за скопската публика во овие пет фестивалски дена да заборави на секојдневните проблеми, да заборави на проблемите што ги има самиот град и да почувствува дека се наоѓа на пример во Лондон, Париз или било кој друг град од светот.
Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез фестивал.
Арно ама некако во тие пет деноноќија ќе ни се случи и бегството од локалново буниште. Од нашата сурова реалност во која одамна се измешани лончињата. Ќе бидеме дел од светот. Уште поважно, ќе му бидеме домаќини на светот. Ќе ја нагостиме елитата на современиот џез, згора толпата белосветски новинари што со внимание ќе го следат настанот и по сите парипетии некако „пословично“ ќе заклучиме дека го имаме не само „најдобриот регионален“ туку и еден од програмски најсилните џез фестивали што се случуваат воопшто во светот. Без претерување и самобендисанот.

Впрочем, каде и да појдете на планетава земја, од мегалополисот Њујорк, преку Рио Де Женеиро, Хавана, Дакар, Париз, Лондон, до студеното Осло или Сеул на Исток, ќе ви кажат за големиот фестивал во малата Македонија.
Дејв Холанд Призм.
Дејв Холанд Призм.

Од таму, ајде да бидеме реални, Скопскиот џез фестивал е вистински феномен. И не само културен, туку и воопшто. Оти три цели децении и нешто повеќе за Република Македонија го прави она што ниту една од политичките елити не успеваа. Рака на срце, не дека државата нема удел во неговата опстојба, но далеку од тоа дека работите ќе имаа таков тек ако индивидуалниот ентузијазам, збогатен со огромното познавање на проблематиката, не ја заокружи потребата да се направи случување по светски терк (од одбирот на музиката до вкупниот дизајн на фестивалот), кое во стартот бескомпромисно ја избриша локалната допадливост и постојано и упорно се труди да го држи чекорот со совремието на глобалната топка.

Ете затоа и не треба да чуди кога Оливер Белопета, во пресрет на 32-тиот Скопски џез фестивал, знае да напомене дека програмата го следи концептот од сите изминати години, да го носи она што е актуелно и вредно од светската џез сцена.

„Програмата го следи истиот концепт од сите изминати години, да носи она што е актуелно и вредно од светската џез сцена и тоа од највисок ранг во сите пет дена. Македонија не е толку развиена земја со џез култура и џез публика толку масовно како Европа и затоа на нас, пред сè ни е цел со оваа програма да се покажеме пред светот, кај нашите колеги и пошироко и така ја имаме стекнато нашата репутација. Инаку фестивалот би можел да трае и пократко и би можел да има поинаква програма. Во секој случај, убаво е за нас и за скопската публика во овие пет фестивалски дена да заборави на секојдневните проблеми, да заборави на проблемите што ги има самиот град и да почувствува дека се наоѓа на пример во Лондон, Париз или било кој друг град од светот“, вели Белопета.

И, кон ова, годинашнава понуда повторно е сублимат на здравата промисла на организаторот и неговата заложба да претстави не само великани на џезот, туку и музики за кои допрва ќе се прикажува.

Така на првата вечер во салонот на Македонската опера и балет, преку концертите на искусниот саксофонист Еван Паркер (кој по прв пат доаѓа во Македонија, во случајов придружуван од словенечкиот перкусионист Златко Каучиќ) и јавачите низ соничната звуковна дивина „Гет д блесинг“, публиката ќе има убава можност да фрли поглед кон актуелната вибрантна британска џез сцена. Со овие перформанси ќе биде одбележана и 20-годишнината од македонско-британското пријателство, за да во петок наново другаруваме со пионерката на норвешката авангарда Сидсел Ендерсен (овојпат ќе настапи заедно со гитаристот Стиан Вестерхус) и со квартетот на неуморниот американски експериментатор Џон Аберкромби.

В сабота, во Универзална сала, пак, ќе бидеме свидетели на балканската премиера на опојниот фолк-џез проект на Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов кој ќе настапат заедно со Македонската филхармонија под диригентство на маестро Кристијан Јарви.

Следниот ден, најпрво големиот музички мислител, педагог и концептуалист Роско Мичел на своето трето гостување во Скопје ќе го претстави своето трио, а потоа колективот „Хариет Тубман“ со двократната добитничка на наградата „Греми“ - пејачката Касандра Вилсон ќе го изведе својот актуелен проект „Black Sun“ кој допрва треба да биде документиран.

Конечно, в понеделник нè очекуваат средбите со парискиот трубач со либанско потекло, потентниот Ибрахим Малуф и еден од најдобрите басисти во историјата на џезот Дејв Холанд (кој овојпат доаѓа со ѕвездена екипа во која се гитаристот Кеви Јубенкс, пијанистот Грег Јубенкс и феноменалниот тапанар Ерик Харланд) да ни го претстави својот нов албум „Prism“.

И тоа не е сè, бидејќи не помалку значајни се настапите на израелско-американската тромбонистка и композиторка Реут Регев, влијателниот италијански ди-џеј, продуцент и гитарист Никола Конте, триото на трубачот Питер Еванс и „Роб Мазурек – Сао Паоло андеграунд“, кои ќе музицираат во клубот „Сити хол“ и дефинитивно поинаку ќе ги обојат неколкуте скопски ракувања со новиот октомвриски ден.

Кон ова уште информациите дека за плакатот и вкупниот дизајн (Таби Азири и агенцијата „Њу момент“) овојпат во Порторож беа освоени две награди по категории и Гранд-при, дека организаторите подготвија како новина и мобилна апликација за паметни телефони, а дел од концертите на 32-тиот Скопски џез фестивал покрај МРТВ ќе ги снима и француската телевизија „Мецо“, една од најпознатите за ширење на џез и воопшто музичката култура во Европа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG