Достапни линкови

Блуз и соул фестивал 2013 – Идеален спој на младост и искуство


Давид Нешковски трио.
Давид Нешковски трио.

Со концертите на „Давид Нешковски трио“ и составот на германскиот гитарист Хенрик Фришладер, вечерва од 20:30 часот во Универзална сала, започнува 18-то издание на интернационалниот „Блуз и соул фестивал“. На манифестацијата, што како организатор ја потпишува Комисијата за култура и уметност на град Скопје, до 22 септември ќе настапат и Рафаел Врезник од Австрија, американската пејачка Дитра Фар и новата британска блуз сензација „Вирџил енд аселерејторс“.

Скопје полека, но сигурно станува градот во кој се случува најголемиот и најзначајниот блуз и соул фестивал во регионов. Со традиција од цели 18 години и со имиња како Ана Поповиќ, која е денес голема светска ѕвезда, феноменалниот Ерик Сардинас, холандската саксофонистка Кенди Дафлер, Шакура Саида во чиј состав беше Дона Грентис – гитаристката со македонско потекло која во меѓувреме стана незаменлива во бендот на Принс, Тодор Тодоровиќ и неговите „Блуз компани“, Девон Алман, оваа манифестација не само што се избори за своето место во вкупната културна понуда во земјава, туку и втора година по ред жилаво се воздигнува во автентично случување надвор од рамките на „Скопско лето“ каде што беше зачната потребата од негово одржување.
Во регионот не постои блуз фестивал со таква традиција и фестивал кој успеа да донесе врвни светски имиња во изминатите 18 години. Со тоа не можат да се пофалат ниту Белград, ниту Загреб, Сараево или Софија, така што тоа ни дава едно чувство на задоволство бидејќи со нашиот труд успеавме да го доближиме блуз светот до Скопје и обратно.
Васја Ивановски, програмски селектор на Блуз и соул фестивал.

„Во регионот не постои блуз фестивал со таква традиција и фестивал кој успеа да донесе врвни светски имиња во изминатите 18 години. Со тоа не можат да се пофалат ниту Белград, ниту Загреб, Сараево или Софија, така што тоа ни дава едно чувство на задоволство бидејќи со нашиот труд успеавме да го доближиме блуз светот до Скопје и обратно“, истакнува Васја Ивановски, долгогодишен програмски селектор на манифестацијата.
Aмериканската пејачка Дитра Фар.
Aмериканската пејачка Дитра Фар.

Тој дополнува дека и годинава е направен интересен избор, спој на младоста и искуството и навистина познати имиња за кои се очекува да го предизвикаат вниманието на сите љубители на добрата музика воопшто.
„Блуз и соул фестивал 2013“ ќе биде крунисан со најновата сензација на британската блуз сцена - „Вирџил енд Аселерејторс“, бендот споредуван со легендарните „Фри“ и „Бед компани“. Дваесет и двегодишниот гитарист Вирџил Мекмахун, неговиот две години помал брат и тапанар Гебриел и басистот Џек Тиминс, во неколку наврати свиреле како загревање на комерцијално големите Мајкл Шенкер, „Јураја хип“ и други, а со два објавени албума зад себе високо котирале и на тамошните специјализирани топ листи.

Фестивалот ќе започне со настапот на „Давид Нешковски трио“, составот што треба да ја продолжи линијата на промоција на македонскиот блуз, а во чии рамки досега през годините сме имале можност да ги чуеме и видиме „Влатко Стефановски трио“, Венко Серафимов и неговите пријатели, енергичниот Игор Станоевски, прилепскиот „Кросроудс блуз бенд“, Игор Атанасовски – Харе и други.

Нешковски се смета за еден од најнадежните млади музичари во земјава. Тој е гитарист со раскошен талент и изведувач кој трпеливо се наметнува на регионалната блуз сцена. Зад себе има едно издание, албумот „Magical Dreamland“, и на фестивалот со кој буквално израснал, покрај својата музика, ќе понуди класични теми од репертоарот на своите идоли како Џими Хендрикс, Стив Реј Вон и други.

„Порано свирев со „Кросроуд блуз бенд“, а сега го оформив моето трио и со нив активно работиме, веќе снимаме и нов материјал и присутни сме скоро на сите блуз-рок настани, како во Македонија, така и во останатите балкански држави – вели Нешковски, видно возбуден од поканата да свири на оваа манифестација.

Нему на сцената ќе му се придружи и еден познат музичар чие име организаторите го чуваат во тајност, а првате фестивалска вечер ќе биде заокружена со бендот на германскиот гитарист Хенрик Фришладер. Станува збор за респектабилно име на европската музичка сцена (сцената ја делел со легендарните Би Би Кинг, Питер Грин, Гери Мур, Џони Винтер и други) кое го негува „блуз-рокот“ со влијанија на старите мајстори и кое во Скопје доаѓа по турнејата во Франција на која го промовираше својот нов албум.

В сабота, најнапред ќе го видиме и чуеме Рафаел Врезник од Австрија – еден од најдобрите инструменталисти на Хемонд органа, за да потем тој и неговите соработници ја придружуваат чикашката пејачка Дитра Фар, која мнозина ја сметаат за една од наследничките на легендарната блуз дива - Коко Тејлор.

Конечно, „Блуз и соул фестивал 2013“ ќе биде крунисан со најновата сензација на британската блуз сцена - „Вирџил енд Аселерејторс“, бендот споредуван со легендарните „Фри“ и „Бед компани“. Дваесет и двегодишниот гитарист Вирџил Мекмахун, неговиот две години помал брат и тапанар Гебриел и басистот Џек Тиминс, во неколку наврати свиреле како загревање на комерцијално големите Мајкл Шенкер, „Јураја хип“ и други, а со два објавени албума зад себе високо котирале и на тамошните специјализирани топ листи.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG