Достапни линкови

Квотите не го зголемувааат бројот на жени на лидерски позиции


Интервју со Емили Фоулер
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:47 0:00

Интервју со Емили Фоулер

Со Емили Фоулер, која во Македонија престојуваше на покана на американската амбасада, зборувавме за половата застапеност, односно позицијата на жените во бизнис светот и придобивките од нивното вклучување при управувањето со организациите. Таа е постар потпретседател за стратегии и развој на бизнис во Фикс Чаленџес Инк.

Госпоѓо Фоулер, зошто жените се најнеискористениот светски ресурс?

Жените реално се најнеискористениот ресурс бидејќи доколку традиционално се види развојот на процесот на работа, ние не сме биле природно вклучени во нештата и ако се земе предвид дека сочинуваме 50 отсто од популацијата, има смисла дека треба да бидеме вклучени со тоа што дополнително позитивно ќе придонесеме како работна сила.

Кои се предностите од вклучувањето на жените при управувањето со организациите?

Во крајна линија, кога ќе ги вклучите жените во организациите, без разлика дали се профитабилни или не, ја зголемувате продуктивноста и нивото на профитабилност и сè се сведува на правење пари. На крајот на денот, ако го гледате успехот на една организација, кога имате повеќе луѓе кои придонесуваат, поверојатно дека ќе имате поголемо ниво на успех. Тоа се покажало и во многу истражувања, дека жените лидери имале позитивен придонес.

Кои се митовите за жените инволвирани во бизнисот?

Секој има некое традиционално убедување дека ако жените имаат подобро образование и на повисоко ниво ќе бидат поуспешни. Некои истражувања покажуваат дека жените веќе се многу едуцирани, особено во поглед на високото образование и ако и натаму бараме од нив да имаат подобра едукација, тоа ќе влијае на подобрување на нивните лидерски способности. Има и други митови во однос на застапеноста на жените, на пример, која ја има и во Македонија. Митот на користење на застапеноста како потенцијално решение на некој начин на жените им дава безгрижност во однос на можностите кои би ги имале. Така што, ако барате од одредена организација да вклучи 20, 30 или 40 проценти на жени тогаш или ќе биде исполнет минимумот или ќе постават некоја жена на одредена позиција, која нема да биде менаџерска. Она што е исто така проблематично е кога некој е вработен поради застапеност, другите ќе му судат, ќе мислат дека не ја заслужил позицијата, дека не е доволно добар и тоа се гледа на некој начин како дискриминација, бидејќи за нив важеле други услови. Но, кога ќе се сфати фактот дека сите овие нешта не водат до зголемувањето на бројката на жени на лидерски позиции, може да почнеме да ги согледуваме нештата кои се навистина влијателни како меѓусебното разбирање за потенцијалот кој го носат и имаат двата пола.

Кои се препреките со кои се соочуваат жените во светот на бизнисот?

Една од најголемите пречки е што жените мора да прават избори во нивните кариери со кои мажите не се соочуваат. На пример, кога се работи за родителството и дали ќе имате кариера или ќе имате дете. Секако дека има избор, но за жените е поголем притисокот за разлика од оној на мажите. Но, и тоа се менува, особено во САД, со тоа што и на татковците им е дозволено ако сакаат да земат родителско отсуство. Тоа почнува да се менува, но од друга страна, САД се прилично патријархални и ја фаворизираат улогата на работата на мажот. Жените кои решиле да имаат дете, на самиот почеток на своите кариери знаат дека ќе мора во одреден момент да го направат тој избор и се трудат да постигнат што повеќе пред да станат мајки, бидејќи те исфрла од играта привремено. Има и други големи пречки, кога жените мислат дека треба да се однесуваат како мажи за да бидат успешни. Сите стереотипи кои мажите ги прават, кога им наредуваат и шефуваат на луѓето и не се емоционални ги ставаат и жените во позиција да ги практикуваат истите за да се искачат на скалилото погоре. Но, другата страна кога се однесуваш како маж за да се искачиш на врвот, ти судат и те нарекуваат со погрдни имиња. Така што, тоа се двојните стандарди со кои жените се соочуваат од перспектива на САД.

Според статистиката, жените се само околу 10 отсто застапени во одборите на големите компании. Како да се намали јазот во половата застапеност?

Потребно е менторство кое ќе го практикуваат и мажите и жените врз сите останати вработени. Но, улогата на машкиот лидер кој е ментор на една жена е особена важна и мажите не треба да се срамат да го потрошат своето време и внимание на таквата пракса. Кога ќе размислите, денеска најголемиот дел од лидерите се мажи и доколку тие не го пренесат своето знаење на жените, тогаш нема воопшто да имаме жени на лидерски позиции, затоа менторството е особено важно. Другата компонента е дека секој пол треба да обезбеди шанса и да има вештина и начини како да се снајде во бизнис светот кој е специфичен за одреден пол. Луѓето некогаш се чувствуваат многу неудобно да го кажат тоа и сите сакаат да веруваат дека сме исти и тоа е одлично нешто. Сите сме луѓе на крајот на денот, но мислам дека треба да престанеме да се срамиме и да признаеме дека сме различни и доколку ги прифатиме тие разлики ние можеме да ја вршиме својата работа подобро со тоа што ќе се охрабриме да ги искористите тие вештини.

Како жена и лидер во вашата работа, кога жените би можеле да бидат рамноправни со мажите во бизнис светот?

Апсулутно мислам дека е можно мажите и жените да имаат балансиран однос на врвот. И мислам дека сме поблиску да го постигнеме тоа отколку што секој од нас си замислувал. Мислам дека во Македонија жените лидери се прилично силни и сте поблиску да го постигнете тоа отколку во САД. Но, има точка на вриење и нештата, се менува во овој период и во Македонија и во САД и мислам дека е време за промена. Мислам дека сме блиску да имаме жена претседател и дека е само прашање на време, но ќе се случи наскоро.

Значи се наоѓаме на добра појдовна позиција во Македонија?

Мислам да, и дека е неверојатно време за трансформација на Македонија и јас сум изненадена и воодушевена од атмосферата што не ја очекував кога дојдов во земјата. И на семинарот, лидерите кои учествуваа велеа дека знаат што треба да постигнат. Мојата порака до нив тогаш беше - направете го тоа и земете повеќе луѓе во одборите, што мислам дека и ќе го направат во иднина.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG