Достапни линкови

Ново трансатлантско партнерство


Вашингтон и Брисел ги започнаа разговорите за создавање на нов пакт за трговија и инвестиции со кој треба да се помогне економскиот раст. Што точно ќе значи ова ново Трансатлантско партнерство за Америка и Европа како најголема светска економска зона?

Што точно се предлага со Трансатланското партнерство?
Основните правила на трговската размена, кои се дефинирано во Светската трговска организација и кои се прифатени во Женева, потекнуваат од економскиот модел базиран врз добра и производство, кој се создаде по Втората светска војна. Фокусот е ставен на тарифите, како и обезбедување на пристап до пазарот без дискриминација, но примарни се тарифите. Од тогаш, светската економија е драстично променета. Денес, услугите се поважни. Поважно е и како компаниите работат преку граници. На некој начин сега се прават напори за модернизација на теговскиот систем.
Џосеф Франсоа, професор по економија на австрискиот универзитет Јоханес Кеплер.

Станува збор за напор за надминување на постоечките договори за слободна трговија во кои се дефинирани разни тарифи. Целта е усвојување на трговски систем кој е прилагоден на потребите на модерното производство. Имајќи предвид дека тарифите предвидени со постоечките договори се релативно ниски, создавањето на пактот за трговија и инвестиции ќе се фокусира на пречките во трговијата кои ги создаваат правилниците и регулативите во Соединетите Американски Држави и Европската унија.

Џосеф Франсоа, кој е професор по економија на австрискиот универзитет Јоханес Кеплер, објаснува:

„Основните правила на трговската размена, кои се дефинирано во Светската трговска организација и кои се прифатени во Женева, потекнуваат од економскиот модел базиран врз добра и производство, кој се создаде по Втората светска војна. Фокусот е ставен на тарифите, како и обезбедување на пристап до пазарот без дискриминација, но примарни се тарифите. Од тогаш, светската економија е драстично променета. Денес, услугите се поважни. Поважно е и како компаниите работат преку граници. На некој начин сега се прават напори за модернизација на теговскиот систем“, објаснува Франсоа.

Кои се придобивките?

Потенцијалните придобивки од намалување на регулаторните бариери меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави се доста големи имајќи предвид дека двете страни значајно придонесуваат кон светската трговија и економските перформанси. Предлог-пактот би бил најголемиот договор за слободна трговија. Со договорот би се опфатиле 50 проценти од глобалниот економски аутпут, 30 насто од глобалната трговија и 20 насто од светските странски директни инвестиции. Трговската размена меѓу ЕУ и САД во 2012 година се проценува на 646 милијарди американски долари.

Во студијата на лондонскиот Центар за истражување на економски политики изработена по барање на Брисел, се проценува дека потенцијалниот договор би придонесол кон зголемување на економскиот раст на Унијата и на САД за 100 милијарди американски долари. Со тоа може да се очекува и намалување на стапката на невработеност во европскиот блок и во Америка, бидејќи зголемувањето на инвестициите подразбира и зголемена побарувачка за работна сила.

Каков ќе биде ефектот за Русија, Кина и источните соседи на Европската унија?

Засега не е јасно како формирањето на пактот ќе се одрази во трети земји, сè додека не се разјаснат деталите на договорот. Професор Франсоа вели дека ако САД и ЕУ усвојат заеднички стандарди, трети земји можат да го следат примерот. Со тоа би се намалиле регулаторните бариери меѓу Унијата, Соединетите Држави и други земји.

„Сè зависи од пристапот кон регулаторните разлики и можностите на други земји да го искористат веќе вложениот труд за дефинирање на заедничките стандарди. Доколку јасно се дефинираат работите, постои потенцијал за придобивки и за други земји“, вели Франсоа.

Кои се главните пречки?

Преговарачите ќе се поделат во 15 групи кои ќе работат на прашања за пристап кон пазарот, електронска трговија, инвестиции и регулативи за конкуренција.

Американски компании како „Фејсбук“ и „Гугл“ бараат Брисел да воведе полабави правила за приватност и заштита на податоци, со што би им се зголемила конкурентноста на европските пазари за интернет услуги. Ваквата цел се искломплицира со откривањето на детали од работата на Американската агенција за национална безбедност, која користи податоци од корисници за да идентификува потенцијални планови за терористички напади.

Вашингтон исто така, бара послободна регулатива за генетски модифицирани земјоделски производи, но тоа може да предизвика негодување кај европските гласачи.

Брисел бара Вашингтон да се откаже од политиката за користење само на американски суровини при изградбата на автопати и аеродроми, но таквото барање не им одговара на моќните американски лобисти на металопроизводители и други индустриски моќници.

Во меѓувреме, Светската трговска организација посредува во спорот меѓу американскиот производител на авиони „Боинг“ и неговиот европски конкурент „Ербас“. Спорот може да ги успори преговорите за формирање на трговскиот пакт.

До кога ќе траат преговорите?

Преговарачите од европска и американска страна проценуваат дека договорот ќе биде склучен пред крајот на 2014 година. Но многумина економисти проценуваат дека отворените економски прашања нема да се решат до 2015 година.
XS
SM
MD
LG