Достапни линкови

Алармантна ситуацијата во металургијата


Илустрација.
Илустрација.

Упатените прогнозираат уште потешки времиња за металургијата, односно пад на побарувачката за дури 40 проценти до крајот на годината.

Алармантна е ситуацијата со која се соочува металопреработувачката индустрија во земјава, предупредуваат компаниите. Претставници од овој сектор прогнозираат уште потешки времиња за металургијата, односно пад на побарувачката за дури 40 проценти до крајот на годината. Причините за ваквата состојба се предизвикани од светската економска криза и ефектите што таа ги предизвика, вели Пецо Ристески, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.
Основни причини за тешката состојба во која се наоѓаат металургиските компании во Македонија се намалената побарувачка и ниската цена на готовиот производ, а од друга страна се апсолутно високите трошоци за производство, тргнувајќи од високата цена на енергијата.
Пецо Ристески, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

„Основни причини за тешката состојба во која се наоѓаат металургиските компании во Македонија се намалената побарувачка и ниската цена на готовиот производ, а од друга страна се апсолутно високите трошоци за производство, тргнувајќи од високата цена на енергијата“, вели Ристовски.

Иако од компаниите велат дека се прават сите напори последиците да не ги почувствуваат вработените во оваа индустрија, не исклучуваат дека се можни отпуштања доколку продолжи негативниот тренд.
Година, две, три, четири да се вложува во патната инфраструктура, во приближување на комуникации преку осмиот Коридор со Драч во Албанија, потоа со Бургас, за да нè направи пофлексибилни за да имаме и поконкурентна состојба за да можеме во преговорите за транспортот на нашата стока да бидеме конкурентни, затоа што вака сме, како да кажам, хендикепирани.
Александар Панов, директор на Макстил.

„Се прават сите напори да не дојде до тоа, преку разни мерки, енергетски заштеди, организациони подобрувања и сè она што може да допринесе трошоците да се намалат, но не се исклучува дека ако ова продолжи и во третиот и во четвртиот квартал да има и некое редуцирање на кадарот“, изјави Александар Панов од компанијата Макстил.

Компаниите од овој сектор се соочуваат со административни и финансиски проблеми кои како што велат самите се обидуваат да ги решат, но сепак од Владата бараат да интервенира во решавање на системските проблеми кои треба да го подобрат работниот амбиент.

„Да помогне во делот на електричната енергија, дел да имаат домашна струја која е далеку поевтина, а дел да си ја увезуваат од надвор. Втората мерка, треба да се побара одлагање на крајниот рок за задоволување на тие еколошки стандарди“, објаснува Ристески.

Панов, пак, укажува дека инвестициите во патната инфраструктурата ќе ја подобрат конкурентноста на македонските компании на европските пазари.

„Година, две, три, четири да се вложува во патната инфраструктура, во приближување на комуникации преку осмиот Коридор со Драч во Албанија, потоа со Бургас, за да нè направи пофлексибилни за да имаме и поконкурентна состојба за да можеме во преговорите за транспортот на нашата стока да бидеме конкурентни, затоа што вака сме, како да кажам, хендикепирани“, вели Панов.

Последните статистички податоци говорат за пад од 21,9 отсто во споредба со истиот период лани, што според упатените говори за значително намалување на стопанската активност во овие индустриски капацитети.

Вчера вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски изјави дека постои благ раст на индустриското производство во земјава. Од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство соопштија дека тоа не е случај со металопреработувачката индустрија и оти дел од мерките кои Владата лани ги најавила сè уште немаат свој епилог. Пешевски посочи дека Владата прави сè што може за да им помогне на домашните компании со што помали трошоци и административни бариери да работат во земјата и во странство, но дека не може да влијае на надворешната побарувачка.

Дел од мерките кои лани ги најавила Владата сè уште немаат свој епилог. Кризата во металургијата може да има сериозни последици врз македонската економија со оглед на тоа што овој сектор учествува со 7,5 отсто во БДП, со 35 отсто во извозот и со 15 отсто во вкупниот број вработени лица во земјата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG