Достапни линкови

Долг по долг - милијарда и 350 милиони евра за 5 години


Илустрација.
Илустрација.

Претходната, 2012 година владата ја заврши со долг од 32,1 отсто од БДП-то, иако според Стратегијата за управување со јавниот долг во периодот 2010-2012 година, државниот долг не требаше да надмине 30 отсто. Стратегијата предвидуваше, државниот долг во 2012 година да биде 2,28 милијарди евра, но годината заврши со 250 милиони евра повисока задолженост.

Задолжувањето на владата продолжува. Владата вчера, иако бараше 47, од домашните банки доби на заем 40 милиони евра преку продажба на шестмесечни државни записи. Министерството за финансии соопшти дека денеска „ќе врати околу 13 милиони евра во стопанството“ по основ државни записи.
Целта е да се исполнат барањата на бизнис-заедницата за подобрување на ликвидноста во стопанството преку намалување на зафаќањата на пазарот на капитал.
Министерство за финансии.

„Целта е да се исполнат барањата на бизнис-заедницата за подобрување на ликвидноста во стопанството преку намалување на зафаќањата на пазарот на капитал“, стои во соопштението од Министерството за финансии.

И покрај жестоките критики од опозицијата и предупредувањата од стручната јавност, задолженоста на владата континуирано се зголемува во изминативе 5 години. Од крајот на 2008 година досега долгот е зголемен за 1,35 милијарди евра.
За жал, јас не гледам некоја перспектива дека Скопје 2014 ќе го има тој импакт за да се поттикне оваа гранка или, пак, да има флуктација на туристи од надвор.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Владата тврди дека Македонија нема проблем со задолженоста. Пред неколку дена економските политики на владата добија поддршка и од ММФ. Стручната јавност, пак, објаснува дека не е голем проблем што владата се задолжува, ако тие пари ги троши за капитални инвестиции кои потоа би ја поттикнале економијата и така би придонеле за полесно раздолжување. Другиот момент е дека не е најважно колку пари се должат, туку колкав е капацитетот на државата да го враќа позајменото. Како пример ја наведуваат Јапонија која должи околу 200 отсто од БДП-то и не се смета за ризична земја, а од друга страна се Грција или Кипар чиј долг е помал, но се во тешка должничка криза.

Задолжувањето допрва ќе го намалува животниот стандард, кога ќе треба да ги вратиме тие кредити, вели економскиот аналитичар Висар Адеми и додава дека претстојат тешки времиња. Тој вели дека задолжувањата се оправдани, ако парите се инвестираат во нешто што подоцна ќе создаде економски раст. Скопје 2014 е само краткорочно субвенционирање на градежниот сектор, вели тој.

„За жал, јас не гледам некоја перспектива дека Скопје 2014 ќе го има тој импакт за да се поттикне оваа гранка или, пак, да има флуктација на туристи од надвор“, вели Адеми.

На крајот на февруари годинава, според податоците на Министерството за финансии, владата должи 2,7 милијарди евра, што претставува 33,3 отсто од БДП-то. Претходната, 2012 година владата ја заврши со долг од 32,1 отсто од БДП-то, иако според Стратегијата за управување со јавниот долг во периодот 2010-2012 година, државниот долг не смееше да надмине 30 отсто. Стратегијата предвидуваше, државниот долг во 2012 година да биде 2,28 милијарди евра, но годината заврши со 250 милиони евра повисока задолженост.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG