Достапни линкови

Македонија меѓу најрелигиозните земји во светот


Македонија е меѓу првите пет земји каде што најмногу граѓани се идентификуваат како религиозни, дури 90 насто. Ова се наведува во најновото истражување на Галуп за меѓународните трендови на верата, кое покажа дека атеизмот е најраширен меѓу јапонците чесите и французите.

Девеесет отсто од македонските граѓани се изјаснија како религиозни, се наведува во најновото истражување на Галуп. Во претходното истражување спроведено во 2005 година процентот на религиозните граѓани во Македонија изнесуваше 85 насто.

Од друга страна, процентот на оние што за себе рекле дека се убедени атеисти за истиот седумгодишен период се намалил од три, во 2005 година, на еден процент. Во Македонија, според истражувањето на Галуп, 8 отсто од граѓаните се изјасниле дека не се религиозни.
Пред Македонија на табелата се најдоа Гана со 96, Нигерија со 93, како и Ерменија и Фиџи со по 92 процента од граѓаните кои рекле дека се верници. Зад Македонија се Романија, Ирак, Кенија, Србија...
Колку земјата станува побогата, толку нејзините жители го губат чувството за религија.

Ова покажува дека Македонија не е во општиот тренд во светот каде што религиозноста во изминативе седум години опадна за 9 насто, додека атеизмот се прошири за 3 проценти. Во просек религиозната во светот опадна на 59 насто, додека атеизмот порасна на 7 проценти.
Најатеситички земји се Јапонија со 31, Чешка со 30 и Франција со 29 насто од граѓаните кои за себе рекле дека се убедени атеисти.

Интересен е и податокот дека религиозноста е позастапена во посиромашните, отколку во побогатите земји. Луѓето во групата со најмали примања се 17 насто порелигиозни од оние кои се на врвот на листата како најплатени.

Тоа покажува дека религиозната опаѓа доколку просперитетот на поединците расте.

„Колку земјата станува побогата, толку нејзините жители го губат чувството за религија“, вели Шинед Муни, заменик директор на истражувачката компанија Ред Си од Даблин.

Токму во Ирска која традиционално се смета за една од најкатоличките држави во светот е регистриран најголем пад на бројот на религиозните луѓе, само 47 насто што е за 22 процента помалку од пред седум години. Тоа се образложува пред се со скандалите со сексуално злоставување деца во кои биле вмешани католички свештеници.

Во истражувањето кое е спроведено во 57 земји во светот Галуп не нуди анализа на ваквите резултати, туку само бројки и проценти за трендовите на религиозноста и атеизмот и нивната поврзаност со економскиот развој во светот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG